Последни написи

Кога телевизиските дебати стануваат обична кавга на селска чешма

Многу дефиниции има за дијалогот или за разговорот меѓу луѓето. Кога тоа е на јавна сцена одговорноста за искажаниот став или изречените зборови треба да е голема. За жал, кај нас и тоа се вклопува во општиот недостаток на општествена одговорност. Дали има некоја смисла да се следат телевизиските дебати ако тие се под секое ниво на пристојност?

Во општата релативизација на сите вредности ваквата појава навистина не ни е потребна и сега дури е и штетна. Се изгуби разликата меѓу естрадата и сериозните ставови кои го креираат јавното мислење. Секој народ има митови и митологизирана историја ама таа не смее да биде основа за креирање на политика. Политиката е формирање и презентација на вредности ставени во актуелен контекст а не пропаганда на невкус или користење на јавната сцена за искажување на разни фрустации.

Дилемата е слична како кога сакаме да ја дефинираме културата.

Културата е повеќе дел од воспитувањето отколку дел од образованието и повеќе е работа на моралот отколку естетиката. Тоа е еден многу деликатен и замрсен процес за да го култивираш народот а не да го забавуваш со приредби, фестивали или изложби на сѐ и сешто.

Има ли култура во политиката воопшто? И како се стигнува да статусот себеси да се наречеш политичар, да се наречеш аналитичар на општетсвените токови?

Место возвишена одговорност кон своите сограѓани, политиката и јавниот збор станаа естрада. На естрадата владеат некои други законитости кои благородноста на општествената одговорност ја сведуваат на забава. Како кога плевелот го затрупува убавиот цвет. Тој политички и сега веќе општествен плевел се преставува како цвеќе. Тоа станува цел на младите кои сѐ помалку знаат за убавината на вистинскиот цвет и јавниот настап го идентификуваат со продавање на образот или некои други делови на телото а тоа не донесува срамота и понижување туку корист. Тоа станува сега модел за привлекување на внимание и резултира во некакво виртуелно одобрување претставено како број на лајкови.

Ова веќе не е инцидент или споредна појава, туку сѐ почесто правило. Има ли оправдување да се организираат телевизиски дебати а де се оправдуваат со слобода на различните мислења, кога непристојноста се поистоветува со различно мислење?

Не е веќе оправдување дека секој има избор преку далечинскиот да го смени каналот. Оваа појава на неодговорност за искажаниот збор е голем и сестран проблем. Јавниот простор не е некаква бесконечна вселена каде има место за сѐ и сѐ што туку директно креирање на состојбите во секојдневниот живот. СЛОБОДАТА НЕ Е НЕОДГОВОРНОСТ ТУКУ НАЈВИСОК СТЕПЕН НА ОДГОВОРНОСТ КОН ДРУГИТЕ.

Никогаш не сум коментирал медиумски продукти досега. Ова што во последно време го имаме како дебати на националните фреквенции станува не израз на демократски состојби туку на место каде се презентираат лични фрустрации кои стануваат дел од некаква национална депресија. Е па не е сѐ лошо и бесперспективно во мојата татковина. Не е таа само ваша, господа полемичари. Сепак немате толку плевел да ги покриете сите цвеќиња. Одамна народот ги степенувал срамот и гревот. Ова веќе не е срам туку грев кон граѓаните на РСМ.

За уредниците на медиумските дебати имам само една порака.

Извор: ЦивилМедиа


Latest Posts

Не пропуштај