Последни написи

Засилена националистичка реторика од проруските и антиевропските струи по номинацијата на Џафери за премиер

Националистичката реторика и говорот на омраза се засили на социјалните мрежи по номинацијата на Талат Џафери од Демократската унија за интеграција (ДУИ) за премиер на техничката влада, на 100 дена пред парламентарните и претседателските избори.

„Изборот на Талат Џафери за премиер е понижување и срам и дека предавниците и бандитите кои 30 години ја пљачкат и растураат Македонија треба да платат политичка цена“, пишува на Фејсбук, Јанко Бачев од партијата Единствена Македонија. 

Партијата на Јанко Бачев – Народно движење за Македонија во јануари 2018 година го смени името во Единствена Македонија, а се залага за стратешко партнерство со Русија и е против зачленување на Македонија во НАТО и Европската Унија.

„Талат Џафери: 2001 – Терорист, 2013 – Министер за одбрана, 2017 – Претседател на Собрани,е 2024 – Премиер, Сѐ што треба да знаете за државава!“

„Честитки за Командант Форина“

„Талат Џафери, да биде ПРЕМИЕР на Македонија, е нешто МНОГУ СЛИЧНА на тоа, да командант на ХАМАС, во иднина биде премиер на Израел“.

Ова се дел од коментарите кои одекнаа на социјалните мрежи по номинацијата на Џафер за премиер на техничката влада.

Во овој дух е и изјавата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Соилковски.

– Деспотот од Форино е лик познат во јавноста од неговите кршења на закони и процедури, до снимките со неговите сочни пцости и испади, што никако не е материјал за премиер на држава како Македонија во криза, изјави меѓу другото Стоилковски.

Од ДУИ велат дека Албанците од националистички партии и струи на Македонците се користат како резервна тема за подобри изборни позиции.

– Албанците отсекогаш биле користени како резервна тема за создавање подобри изборни позиции за националистички партии. ВМРО-ДПМНЕ особено се истакнува со оваа тенденција, секогаш пред избори, создава етнички тензии, со тоа го прикрива немањето капацитет и да не дава решенија за крупните прашања. Во недостиг на идеи за уставни измени, македонската опозиција промовира резервни теми каде прстот е вперен кон Албанците. Тоа е тенденцијата да се создава страв кај луѓето мислејќи дека стравот потоа ќе се претвори во гласови, изјави потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи.

Но, додава тој, овој тренд ќе пропадне, бидејќи, како што нагласи, и Македонците и Албанците гледаат дека ДУИ е бранител на евроатлантскиот курс на државата, чуварот на финансискиот систем, бранителот на државата од можни економски кризи и застапеност во меѓународната политика.

За Алијанса на Албанците, предлогот Џафери да биде премиер на техничката влада е договор меѓу ДУИ и СДСМ, но ќе го поддржат.

– Мислам дека секоја албанска партија, па и сите, треба да покажеме широкоградост во овие моменти и да продолжиме понатаму да имаме успешни избори, вели претседателот на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари.

За СДСМ, е прифатлив предлогот актуелниот претседател на Собранието да биде технички премиер во 100-те дена пред изборите што треба да се одржат напролет.

– Сметаме дека Талат Џафери е соодветно и добро решение, изјави пратеничката од СДСМ, Даниела Маркоска.

Предлогот Џафери да биде на чело на техничката Влада го донесе Централното претседателство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во петокот на состанок во партиското седиште. Џафери треба да биде технички претседател на Владата на Република Северна Македонија од 28 јануари до изборот на новата Влада.

Извор: Фротнлајн

Latest Posts

Не пропуштај