Последни написи

Маричиќ: Планот за раст го баравме ние од Западен Балкан, за да имаме придобивки пред членството во ЕУ

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во интервју за МИА рече дека очекува на Самитот на ЕУ следната недела, Советот да даде поддршка на Планот за раст, бидејќи сега е во фаза на разгледување од државите членки.

„Тоа е планот за раст кој ние го баравме како идеја, ние од Западен Балкан, од Северна Македонија сме го барале од Брисел и од ЕУ, да нѝ овозможат пред членството да имаме некои придобивки од заедничкиот пазар, во областа на транспортот, трговијата, земјоделството, во областа на зелената транзиција, заштитата на животната средина, градење на инфраструктурата итн“, посочи Маричиќ во интервјуто.

Вицепремиерот за евроинтеграции воедно рече дека планот е врзан со сериозни реформи во финансискиот систем, начинот на управување со буџетот, зајакнување на транспарентноста и контролата врз трошењето на парите, како и реформи во правото и судството.

„Овие реформи ќе бидат врзани со конкретна финансиска помош и финансирање на конкретни проекти од страна на Европската Унија. Има шест милијарди за целиот регион, нам ни припаѓа еден сериозен дел од тоа, согласно големината на државата и економијата, така што тој План ни овозможува да ги забрзаме реформите, да добиеме дополнителна финансиска помош што сега ја немаме, дополнителна и од ИПА фондовите и од сите други фондови кои што ни се сега достапни“, информираше Маричиќ.

Тој упати апел кон државите членки на ЕУ да се прифати овој план, да се поддржи и да се предвидат буџетските импликации во Буџетот на ЕУ, за потоа тој механизам да биде функционален и прифатлив за земјата.

Р.С

 

„Доколку се оди според планираното мислам дека уште на почетокот на вториот квартал од наредната година, тоа значи април некаде, да ги имаме првите планирани средства за Северна Македонија и најкасно мај да ги имаме исплатено. Тоа е еден динамичен инструмент, кој што треба нас на некој начин да не мотивира побрзо да направиме некои работи поврзани со реформите, тоа е одговорноста и на Владата и на Собранието, така што тука ќе треба сите политички партии да покажат зрелост и затоа сакаме и инсистираме на инклузивен начин да се разгледува овој план, а од друга страна ЕУ на тоа брзо да реагира и да обезбеди средства кои што ќе може да користиме и да ги финансираме проектите веќе во првата половина на наредната година“ рече Маричиќ.

Latest Posts

Не пропуштај