Денес земјава го прославува државниот празник 8 Декември, денот на Свети Климент Охридски.
По повод празникот, во Националната и универзитетска библиотека во Скопје, под мотото „Свети Климент Охридски, извор на нашата духовност и образование“, се одржа централниот настан за одбележување на празникот, на кој се обрати и претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски.
Во неговото обраќање, Ковачевски истакна дека најдобар начин да се оддаде должна и искрена почит кон безвременското просветителско, обединувачко и духовно дело, со кое што нè задолжи патронот на македонската култура, Свети Климент Охридски, е да се продолжи светиклиментовата мисија.
„Македонскиот јазик, којшто досега е познат и прифатен во сферата на книжевноста и на науката, денес е и политичка реалност во Европа и во светот. Македонскиот јазик е рамноправен со јазиците коишто се употребуваат како службени во Обединетите Нации, со јазиците коишто се употребуваат како службени во НАТО, во Европската Унија. Ова значи дека македонскиот јазик е еден од официјалните јазици во светот“, потенцираше Ковачевски во неговото обраќање на свеченоста.
Пред споменикот на Св.Климент Охридски поставен пред Библиотеката, свежо цвеќе положија повеќе делагации на државни и општински институции, делегации на партиите и повеќе граѓански организации.
Р.С