Последни написи

Најдобар начин да се реши корупцијата е евроинтеграцијата: Интервју со Едвард Џозеф

Мојот апел е Владата да отиде во Собранието и да го врати назад она што го смени во Кривичниот закон. Тоа ќе биде најдобриот потег што може да го направи пред изборите

ТАЛИН, Естонија – Едвард Џозеф, кој извонредно добро ја познава ситуацијата во Македонија, вели дека дека најдобар начин да се реши прашањето на корупцијата е евроинтеграцијата на земјата. Во разговорот за „Независен“ тој вели дека со евроинтеграцијата корупцијата можеби нема да исчезне, но реформите што ќе треба да се прават систематски ќе го јакнат судството и другите институции и ќе бидат фактор за промена. Џозеф, кој сега сега предава на Школата за напредни студии на Универзитетот Џон Хопкинс, ја советува македонската влада да отиде во Собранието и да го врати назад она што го смени во Кривичниот закон и „тоа ќе биде најдобриот потег што може да го направи пред изборите“.

Во интервјуто тој го дообјаснува својот текст од октомври објавен во магазинот на неговиот факултет и предлогот за биде формирана меѓусебно американско-македонска историска комисија. Џозеф вели дека министерот Бујар Османи или премиерот Димитар Ковачевски треба да отидат во САД и да кажат дека им се допаѓа оваа идеја и дека би сакале да ја видат формирана оваа заедничка историска комисија.

Во Македонија вчера имаше коментар дека единствена светла точка кај нас е црната листа на САД. Можат ли САД на ваков начин да го решат најголемиот проблем на Македонија и нели е срамота земја членка на НАТО која преговара за членство со ЕУ да има политичари и бизнисмени што се квалификуваат за црната листа?

Ова е многу важно прашање и знам дека е број еден во Македонија. Но, најпрво сакам да разјаснам дека Северна Македонија не е на црната листа на САД, туку се работи за поединци. Не станува збор за тоа дека е санкционирана целата земја и дека затоа треба да се срами. Исто така, има многу поединци во балканските земји кои се санкционирани од САД за тоа што се нарекува сериозна корупција и некои други дела, во БиХ, во Србија, во Албанија, во Црна Гора… така што одлуката не е уникатна само за Македонија. Но, одлуката сепак е потврда дека ова е многу сериозен проблем во моментов во државата.

И, јас пишував за тоа во главниот извештај за корупција на Меѓународната кризна група буквално пред 20 години и тој сѐ уште е на веб страницата на Меѓународната кризна група. Tој извештај беше насловен „Македонски јавни тајни – како корупцијата ја донесе земјата до дното“ и во него го посочивме тогашниот премиер Љупчо Георгиевски, пишувавме за ОКТА, за Царината и за други измами. Во него беа вклучени имиња и беа опишани измамите, нешто што не го прави дури ни црната листа. Ние опишавме како се прават измамите и затоа сум добро запознат со овој проблем, знам колку е сериозен и сметам дека граѓаните треба да бараат повеќе.

Пролетва се сретнав со актуелните членови на ДКСК и со други за корупцијата. Знам дека е тешко справувањето со неа, но многу е важно граѓаните да бараат и да инсистираат на тоа, а институциите да реагираат. Ова ниво на корупција едноставно е неприфатливо. Во октомври напишав текст кој главно беше фокусиран за притисоците од Бугарија, но во него исто така го критикував менувањето на Кривичниот закон кое води до де факто амнестија за многу сериозни дела и многу други и тие промени, како и злоупотребата на европското знаме се споменати и во извештајот на Европската комисија. Мој апел до Владата е да отиде во Собранието и да го врати назад она што го смени во Кривичниот закон и тоа ќе биде најдобриот потег што може да го направи пред изборите. Да дојдат преставници на Владата во Собранието и да речат „згрешивме и сега ќе покажеме решеност да се справиме со корупцијата“.

 

Значи ли тоа дека  е неприфатливо и создавањето услови Никола Груевски да се врати во земјата?

Ова не се однесува само за Груевски. Патем, тој самиот исто така е на црната листа на САД од минатата година за истото прашање, т.е. за сериозна корупција.

 

Бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев, кој деновиве се најде на црната листа, најави дека ќе се жали на одлуката на Стејт департментот, меѓудругото бидејќи има компанија во САД и таму плаќа данок. Може ли да биде олеснување тоа?

Не го разбирам тој аргумент. Зошто е воопшто важно дека плаќа данок во САД? САД  прават проценка за корупцијата врз основа на активностите во Македонија. Зошто би бил заштитен ако плаќа данок во САД?  Многу луѓе го прават тоа и не значи дека имаат имунитет, така што ако нема друг аспект поврзан со таа специфична активност, не го разбирам овој аргумент.

 

Бевте во Македонија две години, по 2001-та. Гледано од оваа перспектива, каде ја гледате причината што Македонија е олку долго заглавена со  билатерални прашања? Има ли делумно и наша вина?

Тешко е да се одговори кратко на ова прашање. Прво, не е фер да бидете блокирани поради билатерални прашања бидејќи тие не би требало да се критериуми за влез во ЕУ или во НАТО. Земјите што имаат билатерални прашања со Северна Македонија ги актуелизираа кога се најдоа во повластена позиција. Грција беше членка на НАТО и имаше блокирачка моќ, додека Бугарија е членка на  ЕУ и исто така има блокирачка моќ. Причината зошто го направија тоа е затоа што можат, бидејќи овие организации функционираат со консензус. Добрата вест е дека Преспанскиот договор е извонреден договор и фер, а Северна Македонија го преговараше како еднаков партнер и со него се реши проблемот како што требаше. Знам дека во земјата сѐ уште има луѓе кои не го сакаат договорот, но тој беше добар компромис и Грција го призна со него македонскиот идентитет. И тоа беше голема отстапка од Грција. Со Бугарија не е така воопшто.

 

Вие излеговте со идеја како да го решиме проблемот со Бугарија, барајќи да иницираме  американско-македонска историска комисија која ќе ги истражи спорните негирања од Софија. Имаше ли реакција на таа идеја, бидејќи иста таква иницијатива веќе почна да се остварува за Украина…

Горд сум на ова. Имав текст во нашиот престижен магазин „Научен преглед“  со  наслов „Како да се спаси Северна Македонија и да се победи путинизмот на Балканот“. Тој текст отвори нов пат за адресирање на овие идентитетски прашања што јас ги нарекувам идентитетска агресија. Притоа, јас го споредив пристапот на Бугарија со она што го прави Русија во Украина при што го цитирав славниот говор на Путин од јули 2021 година, практично шест месеци пред воената инвазија на Украина. Кога ќе го споредите тој говор со бугарските официјални позиции ќе видите дека зборовите се речиси исти и дека има преклопување што е неверојатно. Ова е обид посилна земја да ја диктира историјата на друга во смисла – ние ќе ви кажеме кои сте вие!

Иницијативата што ја предлагам треба да биде покрената од Северна Македонија, а пристапот е многу едноставен. Министерот Бујар Османи или премиерот Димитар Ковачевски треба да отидат во САД и да кажат дека им се допаѓа оваа идеја и дека би сакале да ја видат формирана оваа заедничка историска комисија. Ако се согласат САД, во таа комисија не треба да има улога за Бугарија. Треба да биде билатерална, само меѓу  САД и  Македонија и да биде само начин да ѝ се каже на Бугарија да не испорачува повеќе нови барања надвор од промената на Уставот и константно да го прави тоа. Таа ќе биде поттик Бугарија да дејствува разумно, но важи и за Македонија, за да не го искористи ова за да прави свои провокации, како што правеше Груевски во однос на Грција.

Но, ако Бугарија ја искористи нејзината посилна позиција и излезе со неразумни барања, тогаш САД може да ја активираат оваа комисија и таа со својата работа да ги уништи бугарските аргументи. Бидејќи целата бугарска негација на македонскиот идентитет почива на еден датум – на 1944 година и на тврдењето дека македонскиот идентитет е лажен бидејќи е создаден од Тито. Затоа треба да се уништи тој аргумент и да се најде евиденција пред 1944 година, а таква постои во архивите на САД. Бидејќи по Првата светска војна и по Балканските војни беше инволвиран претседателот Вудроу Вилсон и имаше мировни конференции, во текстот објавив фантастичен цитат од разговорот на специјалниот пратеник на Вилсон, амбасадорот Френк Полк, со францускиот премиер Жорж Клеменсо на мировната конференција во Париз 1919. Имате две клучни фигури и во тие записи, кои можат дури да се видат на страницата на Стејт департментот, а линкот е во мојот текст, ќе ја видите со свои очи историјата, односно дека Полк и Клеменсо го признаваат македонскиот идентитет. И многу е јасно дека мислат токму на Македонците бидејќи исто така ги споменуваат Албанците и Бугарите. Тоа е доказ дека декади пред 1944 година постоело ова и дека македонската нација не е создадена од Тито. Тоа е доказ дека имате македонски идентитет и не постојат аргументи во корист на Бугарија. Ако Бугарија се соочи со ова ќе биде внимателна и ќе престане со неразумни барања.

 

Помошникот државен секретар Џејмс О’Брајaн беше на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје и порача дека имаме понуда на маса што треба да ја зграпчиме,  а на тие што велат дека имаат друга алтернатива,но не кажуваат каква, да не им веруваме, практично повикувајќи не да не гласаме за ВМРО-ДПМНЕ. Како го коментирате тоа? Нема ли друга опција за Македонија освен да ги прифати уставните измени?

Најпрво, секој граѓанин на Македонија треба да биде горд на македонското претседателствување со ОБСЕ. Ова беше една од најтешките години во историјата на ОБСЕ, со војната во Украина, проблемите со Русија и блокирањето на Естонија како иден претседавач. Ова е заслуга на дипломатските напори на премиерот Ковачевски и на министерот Османи кои го засилија македонското лидерство надвор.

Околу изјавата на О’Брајан ќе кажам дека најдобар начин да се реши прашањето на корупцијата е евроинтеграцијата на земјата. Таа можеби нема да исчезне, но реформите што ќе треба да се прават систематски ќе го јакнат судството и другите институции и ќе бидат фактор за промена. Тоа го гледаме сега во Естонија, бивша комунистичка земја која има ниско ниво на корупција и високо ниво на образование. За да се случи тоа треба да поминат уставните амандмани.

Ако владата ги поништи промените на Кривичниот закон, тоа ќе обезбеди поттик за политичка промена и за нова политичка динамика така што ќе биде потешко за некои членови на ВМРО-ДПМНЕ да не ѝ се приклучат на власта и да не ги изгласаат измените. Во мојот текст напишав дека САД и Македонија имаат избор, а тоа ќе ѝ покаже на Бугарија дека нема да добие ништо со оваа идентитска агресија, која наликува на тоа што Русија ѝ го прави на Украина. Премиерот Ковачевски треба да побара од САД да се обврзат дека, ако Бугарија продолжи да излегува со неразумни барања, ќе и се приклучат на македонско-американската историска  комисија.

Ова инаку го кажувам од Естонија, мал НАТО сојузник, земја помала дури и од Македонија која  е пример за успех, која  игра многу важна улога во Алијансата, која применува техники што се ефикасни и кои може да се применат и во Скопје и на тој начин да се спречи руската пенетрација, односно да се превенираат лошите избори и можноста да дојдат на власт лошите елементи во земјата што се проруски. Тоа ќе биде за вас катастрофа бидејќи Русија е катастрофа, а доказ за тоа е Естонија. Секој Русин може да види дека оваа земја на нивната граница е целосен успех, дека е водечка во Европа во однос на образованието, дека е најнапредната дигитална земја со успешна економија и дека успева да го менаџира малцинството што зборува на руски јазик. Русија е целосен неуспех и не гледам зошто некој во Македонија би ја посакувал како сојузник.

 

Како да ги третираме политичките партии што  се финансираат од Русија?

Финансирањето на политички партии од Русија, како и од други земји, треба да биде забрането. Во САД странски државјанин не може да донира пари за политичка кампања. Тоа е законски забрането. Странските донации во САД се третираат како кривично дело и се казнуваат. Треба да бидат изложени пред јавноста од новинарите. Ако некој се приклонува кон Русија и тоа го прави за пари, тука не станува збор за национален туку за приватен интерес.

Извор: Независен

Latest Posts

Не пропуштај