Последни написи

(ВИДЕО) „Полиграф“: Кои медиуми објавуваа дезинформации дека исчезнатата Вања е пронајдена жива во соседна држава?

Минатата недела, во фокусот на јавноста беа вестите и објавите за исчезнатото 14-годишно девојче во Скопје, меѓу кои имаше и многу дезинформации.

На 29.11.2023, неколку портали објавија наслови дека исчезнатата малолетничка била „пронајдена во соседна држава“.

„Курир“ објави наслов со име на девојката и дека „е пронајдена во соседна држава“ тврдејќи: „Неофицијално дознаваме дека … е пронајдена во една соседна држава“.

Потоа, порталот Курир објави друг наслов: „Неофицијално КУРИР дознава: … е пронајдена во соседна држава – МВР демантира (ОБНОВЕНО)“. На крај, Курир го смени уште еднаш насловот: „ОБНОВЕНА ВЕСТ: Не е точно дека … е пронајдена – демант од МВР“, со следново образложение: „Откако КУРИР повикувајќи се на свои извори од истрагата објави дека 14 годишната … е пронајдена жива и здрава во една соседна држава, од МВР се огласија со демант. За жал, информација засега се покажува како неточна, а МВР продолжува со активната потрага по девојчето“.

Во демантот на МВР на „дезинформациите објавени на порталот „Курир““ се вели дека станува збор за „комплетно лажна вест“, и покрај бројните апели и од страна на полицијата, и од страна на родителите на малолетничката „да не се пласираат дезинформации со кои само може да се наштети на истрагата“.

МВР побара демантот да биде објавен веднаш, а невистинитиот текст да биде повлечен секаде каде што е објавен. Но, на 30.11.2023, не беа повлечени сите текстови од портали со лажната вест, а трагите од лажната вест останаа и во насловите на агрегаторите со вести.

За случајот на 29.11.2023 известија и проверувачите на факти од „Вистиномер“, во написот: „Не е вистина дека Вања Ѓорчевска била пронајдена во соседна држава“, укажувајќи дека „Со објавувањето на ваквата дезинформација се нанесува штета како на семејството на девојчето така и на целокупната истрага и довербата во институциите“.

По лажната вест, се огласија и ЗНМ и СЕММ, кои најостро го осудија начинот на кој одредени медиуми известуваа за случајот, со што на груб начин го кршат Кодексот на новинарите, пласирајќи неточни и непроверени информации, најчесто преземени од социјални мрежи. Тие укажаа дека „социјалните мрежи не може да бидат веродостоен извор на информации од кои новинари без да проверат ќе преземат содржини и од нив ќе пишуваат вести или наслови“, и дека „медиумите имаат обврска да ги проверат информациите пред да ги објават“.

Овие препораки ги слушаме со години, но, за жал, дел од медиумите не ги почитуваат. Затоа, публиката треба да внимава во вакви деликатни случаи, и да се потпира на медиуми што објавуваат информации кои се добро проверени и содржат веродостојни извори.

 

Latest Posts

Не пропуштај