Последни написи

Палевски уапсен во Турција, Спасовски и МВР ги соопштија деталите на прес

Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски,  е уапсен вечерва во Турција, потврди министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на вечерашната прес-конференција во МВР.

„Штотуку добивме известување од колегите од пријателска Турција дека креаторот, планерот, главниот координатор и директен извршител е фатен и лишен од слобода на нивна територија идентично со нашите оперативни сознанија во патеката на движењето на осомничениот“, информираше министерот Спасовски

Палевски е уапсен во градот Баликесир близу Истанбул, по претходно распишана меѓународна потерница. Екстрадицијата ќе се изврши најбргу што може, изјави Спасовски вечерва пред новинарите.

Освен тоа, Основното јавно обвинителство Скопје претходно денеска до судот поднесе и предлог за определување 48-часовен притвор и против 46-годишен скопјанец под сомнение дека извршил помагање на Палевски да избега во Турција, преку Бугарија и Србија.

Во Основниот кривичен суд во Скопје вечерва беа спроведени и четворицата осомничени за убиството на Вања Ѓорчевска, каде судија на претходна постапка ќе треба да одлучи по предлогот на обвинителството за продолжување на мерката притвор.

Четворицата се спроведени од Истражниот затвор Скопје, каде тројца од нив се притворени како осомничени за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, откако Судот претходно го прифати предлогот на ОЈО Скопје и им определи мерка краткотраен притвор од 48 часа, поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и сторување ново кривично дело, додека пак таткото на 14-годишното девојче е осомничен дека споделувал информации со останатите осомничени за нејзиното излегување од дома.

Видео од целата прес конференција на министерот Спасовски може да се погледа тука:

Р.С

Latest Posts

Не пропуштај