Последни написи

„Полиграф“: Кој објави дезинформации за исчезнато бебе на скопските клиники?

Случајот со дезинформацијата за исчезнато бебе покажува како дезинформациите на порталите и на социјалните мрежи можат да ја вознемират публиката.

На 24.11.2023, порталот „press24.mk“ објави наслов „Исчезнато е бебе на Клиниката за гинекологија и акушерство“. Во текстот, кој се повикува на ТВ Сител како извор, се вели: „Исчезнато е бебе на Универзитетска клиниката за детски болести. Моментално таткото на детето е во полиција на распит за целиот овој случај, по што подоцна ќе бидат откриени повеќе информации, пренесува Сител“.

Во прилогот „ВО ЖИВО: Семејство пријави исчезнато бебе на Клинички, полицијата бара каде се губи трагот“,  емитуван во вестите на Сител од 16 часот, има порака во кајрон: „Исчезна бебе на скопските клиники?“. Но, репортерката на Сител пред Клиниката споделува и информација од Министерството за здравство дека „нема дете кое што недостасува“.

Но, според оние информации што ни ги кажаа и од Министерството за здравство, коишто се во контакт со менаџерите на Клиниката за детски болести, е дека се проверени сите оддели на клиниката за детски болести и дека нема дете кое што недостасува“, информираше репортерката на Сител.

Како што се гледа, во сензационалистичкиот наслов на Сител ја нема информацијата од Министерството за здравство објавена во прилогот, дека „нема дете кое што недостасува“.

Неколку часа по објавата на „press24.mk“, и Клиниката за гинекологија и акушерство испрати демант во кој се тврди: „На клиниката во текот на 2023 година ниту еднаш не дошла на преглед пациентката која сега дава неточна изјава поврзана со исчезнување на бебе, а вие ја пренесувате“. Во демантот, објавен на Press24, се тврди и дека „се шират во јавноста невистини со цел да се создаде недоверба и паника кај сите корисници на нашите услуги“.

Меѓутоа, и покрај демантите на клиниките, дел од порталите продолжија да објавуваат сензационалистички наслови „драмата сеуште трае“ и да известуваат за „случајот со исчезнатото бебе“.

По овие објави, медиумите објавија информација од МВР дека пријавата била лажна.

Што е поуката од овој случај? Медиумите имаат етичка должност да не објавуваат непроверени информации, особено не на сензационалистички начин, во живо, пред здравствените установи.  За жал, дури и по овие објави со кои создадоа паника во јавноста, дел од медиумите не ги демантираа објавените невистини за исчезнато бебе, ниту пак им се извинија на граѓаните за предизвикувањето непотребна паника и недоверба во здравствените институции.

Latest Posts

Не пропуштај