More

    Кои се препораките на ЕКРН за говорот на омраза и дела од омраза на кои не потсети ЕУ?

    Пишува: МИЛА СТАМЕНОВА БУРНС

    Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија од ноември 2023 година, меѓу другото, повторно не потсетува на проблемот со говор на омраза и дела од омраза во нашето општество, повикувајќи се на наодите и препораките на последниот извештај на Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРН) за земјава. Како што се наведува, „Правната рамка за борба против говорот на омраза има потреба од  дополнителни подобрувања, во согласност со „Општа препорака на ЕКРН бр. 15 во однос на борбата против говорот на омраза“. Покрај тоа, земјата треба целосно да ги адресира наодите и препораките на ЕКРН во нејзиниот шести извештај од септември 2023 година.“ [i]

    Но, наместо планови за тоа како ќе се имплементираат препораките од ЕКРН откако беа објавени, во домашната јавност одекнаа критики кон извештајот на ЕКРН, како во медиумите, така и во официјалните коментари од Владата на Северна Македонија вклучени на крајот од извештајот. Затоа, корисно е да се разгледа кои се последните клучни наоди и препораки од ЕКРН за земјава кои се однесуваат на говорот на омраза и делата од омраза, и како известија домашните медиуми за оваа тема.

    Од листата од 15 препораки на ЕКРН, повеќето се релевантни за борбата против говорот на омраза и делата од омраза, па затоа посебно ќе се осврнеме на нив.[ii]

     

    Правна рамка: Препознаен напредок и приоритетна препорака за финансиска автономија на  КСЗД и Народниот правобранител

    Во своите наоди, ЕКРН дава позитивна оценка за прогресот направен од објавувањето на последниот Извештај од 2016 година, наведувајќи дека постои ново тело за еднаквост во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), а новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација содржи повеќе заштитни мерки за обезбедување независност на Kомисијата, но и опфат на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како заштитени основи. Во врска со говорот на омраза, ЕКРН исто го поздравува формирањето на Мрежата за говор на омраза, од страна на Министерството за внатрешни работи заедно со други владини органи и граѓански организации, и го охрабрува тековниот процес на Мрежата за создавање работна група против говорот на омраза на Интернет.

    ЕКРН, исто така, забележува дека е постигнат одреден напредок на законодавно ниво, со вклучување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како заштитени основи во законот за антидискриминација и во релевантните одредби против криминалот од омраза во Кривичниот законик.

    Но, од друга страна, во извештајот се наведуваат и неколку забелешки, а конкретно во делот на правната рамка за борба против дискриминација и говор на омраза, се забележува дека сè уште не се именувани сите членови на КСЗД.

    Уште поважно, ЕКРН констатира дека КСЗД, како и НП, немаат финансиска независност, што доведува до намалена ефикасност и навременост во работењето, но и ризик за нивната севкупна независност, кога секој нивни трошок мора да биде одобрен од Министерството за финансии.

    Затоа, една и од двете приоритетни препораки на ЕКРН за земјава, која се провлекува од претходниот извештај, е итно да се обезбеди финансиска автономија на овие две институции: ЕКРН препорачува да се стави приоритет на финансиската автономија која властите треба да им ја дадат на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и на Канцеларијата на Народниот правобранител за да ги користат своите буџети без да бараат одобрение од Министерството за финансии.[iii]

    Ова е првата од двете конкретни препораки за кои ЕКРН бара приоритетна имплементација од властите на Северна Македонија, за која во рок не подолг од две години по објавувањето извештајот, ЕКРН ќе спроведе процес на преодно следење на нејзиното остварување.

     

    Наоди и препораки за анти-ЛГБТИ говор на омраза и дела од омраза

    Веднаш по препораките кои се однесуваат на КСЗД и НП, ЕКРН дава препораки со кои се адресира дискриминацијата кон ЛГБТИ лицата.

    Во изјава за ИМА, нашата претставничка во ЕКРН Елена Михајлова Стратилати, укажува дека „eдна од двете конректни препораки за кои ЕКРИ во изминатиот Извештај за земјата бараше приоритетна имплементација од властите беше изготвување на независна студија и акционен план за справување со дискриминацијата на ЛГБТ заедницата“. Михајлова Стратилати потенцира дека извештајот на ЕКРН констатира дека тоа не е направено и таа препорака не е исполнета.[iv]

    Според Михајлова Стратилати, оваа препорака е поврзана со состојбата со говорот на омраза во однос на ЛГБТИ лицата, односно, со наодот на ЕКРН, дека „ЛГБТИ лицата се друга група која често е цел на говор на омраза, особено на интернет и на социјалните медиуми.“[v]

    Станува збор за следната препорака која е содржана и во последниот извештај на ЕКРН, а која во претходниот извештај била приоритетна:

    ЕКРН им препорачува на властите: i) да нарачаат независна сеопфатна студија за сите форми на дискриминација на ЛГБТИ лицата, во соработка со ЛГБТИ заедниците, која вклучува темелен преглед на постојното законодавство, особено, судската пракса на Европскиот суд за човекови права по ова прашање; ii) да обезбедат правна рамка која им дава на истополовите парови можност да им се признае и заштити врската со цел да се решат практичните проблеми поврзани со општествената реалност во која живеат; iii) да формираат постојана работна група како платформа за дијалог меѓу релевантните владини министерства и ЛГБТИ заедниците; и iv) да развијат и да обезбедат усвојување на специфичен национален акциски план за ЛГБТИ еднаквост, во тесна консултација со релевантните граѓански организации. Доколку е потребно, треба да се побара поддршка од Советот на Европа.[vi]

    Во изјава за ИМА, претставничка во ЕКРН Елена Михајлова Стратилати, укажа дека во извештајот на ЕКРН се потенцира и проблемот со насилството врз ЛГБТИ лицата,[vii] и дека и проблемот со недоволно пријавување на такво насилство[viii] се адресира со конкретни препораки.[ix]

    Исто така, во извештајот на ЕКРН се препорачува „властите јасно да ги регулираат условите и процедурите за правно признавање на полот, во целосна согласност со судската пракса на Европскиот суд за човекови права“,[x] препорака која е содржана и во резимето.

     

    Наоди и препораки за справување со етнички говор на омраза и дела од омраза

    По препораките со кои се адресира дискриминацијата и говорот на омраза кон ЛГБТИ лицата, во извештајот на ЕКРН се наведени неколку препораки кои го адресираат проблемот со насилството мотивирано од етничка омраза, кое е непосредно поврзано со наодите во врска со говорот на омраза.

    Во поглавјето „Говор на омраза и насилство поттикнато од омраза“, во првиот дел посветен на говорот на омраза, се констатира: „Повеќето случаи на говор на омраза во Северна Македонија се однесуваат на меѓуетничките односи меѓу Македонците и Албанците. Други етнички групи, како што се Ромите или Бугарите, исто така се жртви на говор на омраза.“[xi]

    Во овој контекст, покрај „македонско-албанскиот говор на омраза“, ЕКРН посебно се осврнува и на говорот на омраза против Ромите,[xii] антибугарскиот говор на омраза,[xiii] и антисемитскиот говор на омраза.[xiv]

    Главните препораки на ЕКРН се содржани во делот за „насилство поттикнато од омраза“, а првата го адресира проблемот со непреземање соодветни мерки од страна на властите во однос на нападите мотивирани од омраза,[xv] и нивниот „лежерен пристап“[xvi] во однос на насилството мотивирано од омраза помеѓу етничките Македонци и етничките Албанци.

    Токму затоа, „ЕКРН препорачува релевантните власти сериозно да го сфатат насилството мотивирано од омраза меѓу етничките Македонци и етничките Албанци и соодветно да реагираат, вклучително и со спроведување ефективни истраги за такви инциденти и подведување на сторителите на одговорност.“[xvii]

    Во изјава за ИМА, претставничка во ЕКРН Елена Михајлова Стратилати, укажа дека во извештајот „новина е барањето за справување со говорот на омраза и инциденти од омраза врз Бугарите“.[xviii]  Во извештајот на ЕКРН експлицитно се истакнува дека „насилството против Бугарите стана сериозен проблем во последно време“, доведувајќи го во врска со загрижувачкиот тренд на антибугарски говор на омраза и „антибугарскиот јавен дискурс“.[xix]

    Откако детално ги обработува инцидентите со насилство врз лицата кои се самоидентификуваат како етнички Бугари или нивните организации, како и обидите за откажување на регистрацијата или распуштање на здруженијата на лица кои се самоидентификуваат како Бугари во Северна Македонија, ЕКРН ја дава следната препорака:

    ЕКРН препорачува властите да продолжат да заземаат силен јавен став осудувајќи ги сите форми на насилство врз лицата кои се самоидентификуваат како етнички Бугари или нивните организации, како и да се погрижат властите на локално ниво да го сторат истото. Исто така, во согласност со судската пракса на Европскиот суд за човекови права, властите треба да се воздржат од откажување на регистрацијата или распуштање на здруженијата на лица кои се самоидентификуваат како Бугари во Северна Македонија, доколку тие не поттикнуваат, промовираат ширење или оправдување насилство, омраза или дискриминација. Доколку е потребно, треба да се побара експертско мислење од Советот на Европа за ревидираниот Закон за здруженија и фондации и соодветно да се разгледаат релевантните одредби.[xx]

    Во однос на наодите и препораките на ЕКРИ, најголем дел од забелешките на владата се однесуваат на параграфите каде што се зборува за „Антибугарскиот говор на омраза“ (31) и параграфите каде што се образложува „насилството против Бугарите“, антибугарските напади, и законски измени на Законот за здруженија и фондации (41-46).[xxi]

    Во наодите, покрај говорот на омраза против Ромите, ЕКРН се осврнува и на проблемот со насилството,[xxii]поконкретно, непријавувањето на насилство поради недостиг на доверба во полицијата.[xxiii] Токму затоа, ЕКРН им препорачува на властите да ги интензивираат своите напори за спречување и борба против „антициганизмот во полициското работење“:

    Притоа, властите треба да преземат решителни активности за да ги охрабрат Ромите жртви и сведоци на полициска злоупотреба да излезат јавно, да им дадат соодветна поддршка и да обезбедат поголема полициска одговорност, особено преку развивање ефективни механизми за внатрешен и надворешен полициски надзор, зголемување на обуката на полицијата за прашања поврзани со ромското население, промовирање на регрутирањето Роми во полициските служби и обезбедување еднакви можности за развој на кариерата на полицајците Роми.“[xxiv]

     

    Како информираа медиумите за ЕКРН извештајот

    Истиот ден кога се објави Извештајот на ЕКРН, на 20 септември 2023 година, голем број домашни медиуми (вклучително и бугарски медиуми) известија за извештајот. Повеќето домашни медиуми го задржаа вниманието главно на говорот на омраза и насилство кон Бугарите, со наслови фокусирани на нападите врз македонските Бугари и бугарските културни центри.[xxv]

    И според Михајлова Стратилати, „она што е исто така карактеристично е  дека по објавувањето на Извештајот на ЕКРИ, единствено (или главно/предоминантно) тоа прашање (констатации и препораки на ЕКРИ)  беше пренесено во нашите медиуми“.

    Дополнително, споменувањето на Канал 5 телевизија во Извештајот предизвика бурна реакција и остра критика кон Извештајот во вестите на оваа телевизија.  Имено, прилогот на ТВ Канал 5 со наслов „Реакции по извештајот на ЕКРИ за наводната дискриминација на Бугарите во Македонија“,  беше проследен со пораката „Навредлив и токсичен не само за Канал 5, туку и за македонската држава и македонскиот народ“,[xxvi] во која е акцентирано личното мислење на еден адвокат, кој зборува  од името на „македонскиот народ“. И други медиуми упатија критики кон извештајот со пласирање на уште по засилен анти-Европски наратив, акцентирајќи ги етноцентричните антиевропски коментари на истиот адвокат, кој по обвинувањата дека „Советот на Европа поддржува формирање здруженија на граѓани со фашистички предзнак“, прашува: „дали ние Македонците, треба да го бараме излезот во други меѓународни текови, како БРИКС?“.[xxvii]

     

    Државата треба сериозно да ги земе предвид препораките на ЕКРН

    Според Михајлова Стратилати, освен препораките во врска со антибугарскиот говор на омраза и насилството врз лицата кои се самоидентификуваат како етнички Бугари или нивните организации, другите препораки во извештајот на ЕКРН во основа се повторуваат: „Тоа се во основа истите барања за справување со говорот на омраза и делата од омраза врз нашите ранливи групи. Со барање за зајакнување на институционалните одговори (обвинителство, полиција, судство) и процесуирање на делата од омраза.“

    Михајлова Стратилати укажува и дека ЕКРН ја поздравила и охрабрила Мрежата за говор на омраза, и нејзините напори за справување со говорот на омраза на Интернет: „Мрежата, исто така, е во процес на создавање работна група против говорот на омраза на интернет. ЕКРН силно ги охрабрува властите да го поддржат и да го завршат овој процес“.

    Говорот на омраза онлајн, е посебно акцентиран како проблем и во извештајот на ЕК од 2023,[xxviii] каде што се потенцирани и укажувањата на здруженијата на граѓани дека „говорот на омраза е во пораст во земјата“.

    Фактот дека во извештајот на ЕК од 2023, се наведува дека земјата треба целосно да ги адресира наодите и препораките на ЕКРН од последниот извештај, е показател дека овие наоди и препораки за говорот на омраза треба да бидат сериозно земени предвид од државата и сите надлежни институции.

    Институтот за медиуми и аналитика ИМА, како здружение на граѓани кое е посветено во борбата против говорот на омраза во медиумите, ќе продолжи да го мониторира и да известува за процесот на адресирање на наодите и препораките од извештајот на  ЕКРН од страна на сите надлежни институции.

    Референци:

    [i] North Macedonia 2023 Report, European Commission, p. 34.

    [ii] Видете ИЗВЕШТАЈ НА ЕКРН ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Шести циклус на мониторинг), ECRI, Council of Europe, септември 2023, стр. 33-34.

    [iii] Видете ИЗВЕШТАЈ НА ЕКРН ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Шести циклус на мониторинг), ECRI, Council of Europe, септември 2023, стр. 32.

    [iv] Видете во резимето на ИЗВЕШТАЈ НА ЕКРН ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Шести циклус на мониторинг), ECRI, Council of Europe, септември 2023, стр. 5: „Властите сè уште не спровеле независна сеопфатна студија за сите форми на дискриминација на ЛГБТИ лицата. Исто така, нема акциски план за ЛГБТИ лицата или платформа за дијалог меѓу владата и ЛГБТИ заедниците. Сè уште не постои правна рамка која им овозможува на истополовите парови да им се признае и заштити врската за да се решат практичните проблеми поврзани со општествената реалност во која живеат. Понатаму, условите за официјално признавање на новиот пол на една личност сè уште не се јасно регулирани.“

    [v] Видете ИЗВЕШТАЈ НА ЕКРН ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Шести циклус на мониторинг), ECRI, Council of Europe, септември 2023, стр. 13. Видете, исто така, стр. 15 каде што се констатира дека „Анти-ЛГБТИ говорот на омраза е особено распространет пред, за време и по ЛГБТИ парадите на гордоста.“

    [vi] Видете ИЗВЕШТАЈ НА ЕКРН ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Шести циклус на мониторинг), ECRI, Council of Europe, септември 2023, стр. 12.

    [vii] Видете ИЗВЕШТАЈ НА ЕКРН ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Шести циклус на мониторинг), ECRI, Council of Europe, септември 2023, стр. 19: „Анти-ЛГБТИ насилството продолжува да биде проблем и ги погодува и поединците и ЛГБТИ центрите и групите за поддршка. ЛГБТИ центарот во главниот град Скопје беше предмет на шест напади од 2013 година, често поради парадите на гордоста. Од безбедносни причини, центарот мораше да се премести од Стариот град на ново место. Организаторите ја информираа ЕКРН дека ниту еден од нападите не довел до судски постапки, според нивното мислење создавајќи атмосфера на неказнивост за анти-ЛГБТИ насилството во земјата.“

    [viii] Видете ИЗВЕШТАЈ НА ЕКРН ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Шести циклус на мониторинг), ECRI, Council of Europe, септември 2023, стр. 20: „Недостигот од судско прогонување и последици за анти-ЛГБТИ нападите, исто така, резултира со недоволно пријавување на такво насилство од страна на поединечни жртви и дополнително го поттикнува чувството на несигурност кај засегнатите лица. Овој проблем може дополнително да се влоши со неможноста или неподготвеноста на полициските службеници точно да ги евидентираат инцидентите, вклучително и нивната анти-ЛГБТИ пристрасност.“

    [ix] Видете ИЗВЕШТАЈ НА ЕКРН ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Шести циклус на мониторинг), ECRI, Council of Europe, септември 2023: „ЕКРН препорачува властите да создадат доволен број работни места за обучени полициски службеници за врски кои ќе дејствуваат како фокусни точки за заедниците во ранлива ситуација и ќе го олеснат пријавувањето на криминал од омраза. Понатаму, властите треба да обезбедат соодветни општи насоки за сите полициски службеници за тоа како да се справат со групите од интерес на ЕКРН“ (стр. 20); и „ЕКРН препорачува властите да продолжат и да ја интензивираат помошта за градење капацитет во однос на истрагите за криминал од омраза за полицијата и обвинителството, како и да им ја понудат на членовите на судството, во тесна соработка со Академијата за судии и јавни обвинители, ОБСЕ и нејзината Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР) и Советот на Европа, како што е соодветно“ (стр. 21).

    [x] И Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ во писмо до македонскиот Парламент во јули 2023, побара да се усвои законската рамка во однос на законско родово признавање на трансродовите лица, укажувајќи дека извршувањето на пресудата „X v. the former Yugoslav Republic of Macedonia“ („X против РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“ чека уште од 2019 година. И покрај апелот на Комесарката за човекови права на Советот на Европа, законската рамка во однос на законско родово признавање на трансродовите лица сè уште не е усвоена. За недостатокот од политичка волја за спроведување на оваа пресуда на ЕСЧП, видете Жарко Трајаноски, „Има ли политичка волја за спроведување на пресудата на Судот во Стразбур “X против Македонија”?“, ima.mk, 31.10.2023.

    [xi] Видете ИЗВЕШТАЈ НА ЕКРН ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Шести циклус на мониторинг), ECRI, Council of Europe, септември 2023, стр. 13.

    [xii] Видете ИЗВЕШТАЈ НА ЕКРН ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Шести циклус на мониторинг), ECRI, Council of Europe, септември 2023, стр. 14: „Според членовите на ромската заедница со кои се состана ЕКРН, говорот на омраза против Ромите за жал сè уште е честа појава во секојдневниот јавен живот, но ретко се пријавува. Покрај тоа, тој е широко распространет на интернет и на социјалните медиуми.“

    [xiii] Видете ИЗВЕШТАЈ НА ЕКРН ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Шести циклус на мониторинг), ECRI, Council of Europe, септември 2023, стр. 14: „Антибугарскиот говор на омраза е исто така честа појава во Северна Македонија, според бугарските соговорници со кои се сретна ЕКРН. Типичен антибугарски стереотип што се користи е етикетирањето на сите Бугари како „фашисти“. Друга широко распространета навреда која е насочена кон Бугарките, прикажувајќи ги како „евтини проститутки“.“

    [xiv] Иако ЕКРН констатира дека „Антисемитскиот говор на омраза најчесто не е вообичаена појава во Северна Македонија“, во извештајот се наведени три одделни инциденти кои „предизвикуваат загриженост“.

    [xv] Видете ИЗВЕШТАЈ НА ЕКРН ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Шести циклус на мониторинг), ECRI, Council of Europe, септември 2023, стр. 16: „…ЕКРН доби информации дека граѓанските организации одржуваат неофицијален број на инциденти кои укажуваат на околу 800 напади мотивирани од омраза – од различни нивоа на сериозност – во последните години. Се вели дека околу 70% од овие случаи се меѓу млади етнички Македонци и етнички Албанци на ниво со низок интензитет и често не се пријавуваат официјално.“

    [xvi] „Според некои соговорници на граѓанското општество на ЕКРН, полицијата се воздржува од преземање дејства во овој поглед, исто така, поради загриженоста дека апсењето етнички Македонци или етнички Албанци во оваа конфликтна средина може да се смета за долевање масло на огнот. Меѓутоа, ваквиот лежерен пристап носи големи ризици на долг рок, доколку продолжи, бидејќи најверојатно дополнително ќе ги зацврсти и зацементира веќе постоечките незадоволства и со тоа ќе го подготви теренот за следната генерација да се навикне на постојана омраза и насилство со низок интензитет, кое со текот на времето може да стане сè потешко да се спречи и со поголема веројатност да излезе од контрола. Затоа, ЕКРН смета дека е важно овој проблем да добие соодветно внимание.“ (стр. 16)

    [xvii] Видете ИЗВЕШТАЈ НА ЕКРН ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Шести циклус на мониторинг), ECRI, Council of Europe, септември 2023, стр. 16.

    [xviii] Видете ИЗВЕШТАЈ НА ЕКРН ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Шести циклус на мониторинг), ECRI, Council of Europe, септември 2023, каде што во резимето се истакнува, на стр. 6: „Во неколку наврати имало насилство врз лица и организации на граѓани на Северна Македонија кои се самоидентификуваат како Бугари. Во исто време, властите се придвижуваат кон одјавување/престанок на работата на некои постоечки бугарски културни здруженија.“

    [xix] Видете ИЗВЕШТАЈ НА ЕКРН ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Шести циклус на мониторинг), ECRI, Council of Europe, септември 2023, каде што во резимето се истакнува, на стр. 17:  „Во овој поглед, ЕКРН не може а да не забележи дека се појавува модел кој предизвикува сериозна загриженост и бара итна и ефикасна акција од властите, не само со осуда на прибегнувањето кон говор на омраза и насилство и изведување на сторителите на дела од омраза пред лицето на правдата, туку и со систематско и доследно спротивставување на антибугарскиот јавен дискурс, со цел да се запре и разгледа овој загрижувачки тренд.“

    [xx] Видете ИЗВЕШТАЈ НА ЕКРН ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Шести циклус на мониторинг), ECRI, Council of Europe, септември 2023, стр. 19.

    [xxi] За повеќе детали околу коментарите на Владата, видете ИЗВЕШТАЈ НА ЕКРН ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Шести циклус на мониторинг), ECRI, Council of Europe, септември 2023, стр. 39-40.

    [xxii] Видете ИЗВЕШТАЈ НА ЕКРН ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Шести циклус на мониторинг), ECRI, Council of Europe, септември 2023, стр. 19: „ЕКРН доби информации од различни соговорници за време на посетата дека иако антиромските чувства и говорот на омраза се вообичаени, вистинско насилство врз нив ретко се случува во секојдневниот јавен живот.“

    [xxiii] Видете ИЗВЕШТАЈ НА ЕКРН ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Шести циклус на мониторинг), ECRI, Council of Europe, септември 2023, стр. 19: „Сепак, треба да се напомене дека дури и инцидентите што се случуваат обично не се пријавуваат во полиција, главно поради недостиг на доверба.“

    [xxiv] Видете ИЗВЕШТАЈ НА ЕКРН ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Шести циклус на мониторинг), ECRI, Council of Europe, септември 2023, стр. 30-31.

    [xxv] Видете кластер објави на time.mk и grid.mk.

    [xxvi] Во прилогот се реферира на „неоснованите обвинувања во Извештајот против Канал 5, со кои се нарушува угледот и интегритетот на медиумот“ и практично се напаѓа Извештајот на ЕКРН со цел да се дискредитираат неговите наоди и препораки.

    [xxvii]  Јасминка Павловска, „Советот на Европа како да го губи приматот на организација што е формирана на темелите на антифашизмот“, Нова Македонија, 22.09.2023.

    [xxviii] Видете Мила Стаменова Бурнс, Што укажува и препорачува Извештајот на ЕК за говорот на омраза и делата од омраза во земјава?, ima.mk, 29.11.2023.

    Exit mobile version