More

    Дали 3 Декември е само уште еден ден?

    Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

    Пред некој ден, на пат кон Кочани, колешката Дијана ме потсети на еден настан на ЦИВИЛ по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост во 2019 година.

    Го прочитав текстот од колегата Муратов во кој беа наведени акценти од говорниците на панелот. Сите имаа одлични поенти. Посебно внимание ми привлече изјавата на тогашниот градоначалник на Скопје, Шилегов.

    „Како прв човек на градот носам одговорност, но за жал таа одговорност е само номинална, затоа што во рашомонијадите и испреплетеноста на ингеренциите не можете да го лоцирате или да го персонализирате проблемот во една институција“, беше искрен Шилегов.

    Зошто треба да се издвои оваа изјава, дури и по четири години?

    Шилегов беше на власт како градоначалник, а централната власт ѝ припаѓаше на истата политичка партија од која доаѓа и тој. Но тој не се поколеба да ја опише ситуацијата таква каква што е. Но во демократски амбиент, тоа е нормално. Со искреност и директно посочување на зоните и одговорноста, без оглед на тоа на кој политички табор им припаѓаат одговорните.

    Во конкретниот случај, Шилегов го искажа својот револт токму од сета таа (меѓу) „институционална рашомонијада“ од која страдаат повеќе од десет отсто луѓе во општеството.

    И ова би требало да биде повод, да се проговори и за нив – администрацијата испопикана во институциите во кои нема ни воздух за дишење, а камоли функционални решенија за ранливите категории. Од добрите политички одлуки и стратегии, кога ќе поминат низ „густиот филтер“ на администрацијата, не останува многу.

    Институциите се заплеткани во лавиринтите на законските недоречености и дупки, уште полошите подзаконски акти и правилници. Но тоа е најмалиот проблем. Поголем проблем се неспособноста и дрското занемарување на обврските кон луѓето, а меѓу нив и оние што живеат со различни категории на попреченост.

    Всушност, администрацијата и стигмата во општеството се попреченост, а не луѓето. Тоа, на споменатиот настан го вели и Сандра Пешевска Мицковска:

    „Ќе бидеме лица со посебни потреби сѐ додека општеството има пречки. Кога општеството ќе нема пречки, ќе нѐ нема нас како лица со попреченост, туку нормално ќе функционираме, живееме и движиме како сите.“

    Секоја чест за овој говор, навистина. Но што со тоа?

    Не еднаш сум присуствувал на настан на кој се зборува за одредена заедница, без учество на некој што доаѓа од таа заедница.

    Не еднаш сум бил запрепастен од игнорантскиот однос на администрацијата за потребите на луѓето кои со години молат за нешто веќе им припаѓа, а им било ускратено затоа што некој шраф во администрацијата шлајфува.

    Никогаш не сум можел да разберам како може да се вложуваат милиони евра во изградба на згради, а да не се вложи во нивната пристапност.

    Милиони евра се трошат за улици и тротоари, кои се непристапни. Истите пари може да се потрошат за тротоари што ќе бидат пристапни.

    Во скопски Капиштец имате тротоари на кои е тешко да се качите и без да имате било каква попреченост.

    Граничници се поставуваат за да се заштитат тротоарите од паркирање, но тие стануваат препрека и за сите други.

    Шалтерите во институциите се направени да ги одбијат сите, а за лицата со било каква попреченост се целосно непријателски.

    Некаде имате и рампа од надвор, но влезете внатре и завршете работа, да ве видам.

    За време на избори, гласачите можат да влезат во училиштето каде што се гласа, но избирачките места се на првиот кат, до каде што ни повозрасните не можат да стасаат.

    Можам да набројувам до бескрај.

    Политичките партии веќе одамна водат предизборна кампања. Мицковски ја почна вечерта веднаш по претходните избори (се разбира, со својот мистериозен пристап – гласајте ме, после ќе ви кажам зошто).

    Еве им можност на политичките архитекти да креираат политички програми со вистински и практични решенија со кои ќе се почитуваат човековите права и слободи на сите подеднакво. Политичките партии со прогресивна, европска ориентација, имаат обврска да го излекуваат ова „општество со попреченост“, за да може секој во него да функционира, без оглед на тоа какви специјални способности поседува.

    Лицата со попреченост треба да седат на масата каде што се креираат политики и практики, каде што се донесуваат одлуки и каде што се раководи со институциите. Треба да се најдат на добитни позиции на кандидатските листи.

    Не се потребни скапи спотови за невладините фолиранти да ја „зајакнат јавната свест“, туку вистинска акција.

    А законодавецот да донесе стратегии за инклузивност која ќе ја почувствуваме насекаде околу нас.

    Само така може ова општество да се справи со својата попреченост. Да не кажам некој полош збор за тоа во какво општество живееме, како последица од дејствувањето на фашистичките ентитети во политиката.

    Да одговорам на прашањето во насловот:

    Трети декември е само уште еден ден од тешкиот живот на лицата со попреченост кои општеството ги прави невидливи, а администрацијата ги става под висината на шалтерите. Ќе се најде ли јунакиња или јунак да го промени тоа?

    Извор: Цивилмедиа.мк

    Exit mobile version