Последни написи

Повик за новинар(к)и и студент(к)и по новинарство или комуникации за учество на обука за родово сензитивно известување

Повик за новинар(к)и и студент(к)и по новинарство или комуникации за учество на обука за родово сензитивно известување

ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во партнерство со Коалиција МАРГИНИ објавува повик за учество на обука за новинар(к)и и студент(к)и по новинарство или комуникации/медиуми на тема „Родово сензитивно известување и препознавање на говор на омраза и дезинформации поврзани со родовата еднаквост, сексуалните и родовите различности“.

Целта на оваа обука е професионалците од традиционалните и новите медиуми и студент(к)ите по новинарство и/или комуникации да се запознаат со клучните аспекти на известувањето за родова еднаквост, сексуална и родова различност и сеопфатно сексуално образование. На обуката ќе бидат опфатени темите: препознавање и соодветен одговор на говорот на омраза и дезинформациите, национални и меѓународни стандарди за известување за родова еднаквост и ЛГБТИ права, известување за сеопфатно сексуално образование и родово засновано насилство, истражувачко новинарство за родова еднаквост. Учесниците на обуката ќе добијат одлична можност за практично учење преку анализа на различни студии на случаи поврзани со лажните вести и говорот на омраза. Во текот на 2024 година учесниците на обуката ќе добијат поддршка за подготовка и објавување на текстови и/или други медиумски содржини на горенаведените теми.

Обуката ќе се реализира во периодот 15 – 16 декември надвор од Скопје, а трошоците за престој, превоз и храна се покриени од страна на ХЕРА. Бројот на учесници е ограничен. Обуката се организира во рамките на проектот „Зајакнување на родителите, наставниците и медиумите во разбирањето и поддршката на сексуалното образование и родовата еднаквост“, кој е поддржан од Холандската амбасада во Република Северна Македонија.

Заинтересираните треба да подготват:

  • Кратка биографија;
  • Мотивационо писмо во кое ќе дадат образложение зошто сакаат да бидат дел од оваа обука;
  • Информации за контакт (телефонски број и е-пошта).

 

Сите назначени документи треба да се испратат на електронската адреса konkurs@hera.org.mk со наслов Обука за новинар(к)и/студент(к)и по новинарство, најдоцна до 7 декември 2023 година.

ХЕРА гарантира дека сите пријавени кандидат(к)и ќе имаат исти услови при изборот без оглед на етничката припадност, родовата идентификација, сексуалната ориентација, возраста, брачниот и родителскиот статус, расата, попреченоста или која било друга основа.

Позадина:

Во 2018 година, речиси десет години по усвојувањето на Рамката за сеопфатно сексуално образование, Бирото за развој на образованието (БРО) формираше Национална работна група заради подготовка на предлог-модел до Министерството за образование и наука за воведување на предметот Сеопфатно сексуално образование (ССО) во формалното образование.

Во 2019 година, Владата на Република Македонија донесе Одлука БРО да пилотира проект за ССО во четири основни училишта меѓу ученици на возраст од 13 до 15 години, на доброволна основа и со согласност од родителите, да се подготват наставни материјали и да се оценат резултатите од реализацијата. Во текот на 2020/21 година, врз основа на препораките на УНЕСКО, беше развиен предлог за наставната програма, кој беше усвоен од БРО како почетна програма за спроведување на пилот-настава со ученици од 9-то одделение. Во учебната 2021/22 година, пилот-програмата беше спроведена во три основни училишта, меѓу кои две од урбана и една од рурална средина, а беа опфатени 85 ученици кои доброволно ја посетуваа програмата за ССО. Во 2022 година, националната работна група формирана од БРО подготви Национална стратегија за интегрирање на ССО во основните училишта која треба да биде усвоена од страна на Владата во најкус можен рок. Овој процес, за жал, се одолговлекува, поради подемот и влијанието на антиродовото движење и ги загрозува целокупните напори за успешна имплементација, како на БРО, така и на партнерите.

Почетоците на антиродовото движење во Република Северна Македонија се бележат на почетокот на 2021 година, најпрво како реакција на Концепцијата за основно образование во која ССО се препознава како дел од родово-сензитивното образование, а продолжува со пласирање невистини и манипулирање со информации против родовата еднаквост и правата на ЛГБТИ луѓето. Во почетокот на 2023 година, наративите на ова движење особено се засилија против Нацрт-Законот за родова еднаквост, а за сето тоа добија поддршка од пет верски заедници во земјата, од кои, најсилната поддршка дојде од Македонската православна црква (МПЦ) и покрај тоа што нашата држава, според Уставот, е секуларна држава. Како дел од ова движење беа организирани бројни трибини на кои отворено се заговараше против донесувањето на Законот за родова еднаквост, Законот за матична евиденција и против воведувањето на ССО, преку тврдење дека жените и мажите не се еднакви и преку целосно оспорување на терминот родова еднаквост. Како последица, во текот на оваа година, дел од единиците на локалната самоуправа го отфрлија терминот „родова еднаквост“ од бројни документи и го заменија со терминот „еднаквост помеѓу мажите и жените“.

Преку ширењето на дезинформации и манипулирање на јавноста за негативните придобивки од ССО, негирањето на родовиот идентитет и делегитимирањето на правото на абортус, социјалните мрежи прераснаа во еден од најмоќните медиуми за ширење на говор на омраза, ксенофобија и расизам. Сето ова доведува до поларизација на општеството и недоверба во науката и стручната фела, како и до застој во унапредувањето на правната легислатива преку која државата треба да гарантира еднакви права за сите граѓани, а особено за оние кои се на маргините на општеството. Во вакви состојби, медиумската писменост е клучна во борбата против дезинформациите, но и во поддршката на процесот за усвојување на Стратегијата за интегрирање на ССО во основните училишта.

Извор: Хера

Latest Posts

Не пропуштај