Последни написи

Што укажува и препорачува Извештајот на ЕК за говорот на омраза и делата од омраза во земјава?

Пишува: МИЛА СТАМЕНОВА БУРНС

Говорот на омраза, како тема, последен пат предизвика посериозно медиумско внимание во септември 2023, со објавата на Извештајот за земјава од Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) при Советот на Европа, особено заради загриженоста за меѓуетничккиот говор на омраза.[i] Но, само два месеци подоцна, оваа тема не беше посебно актуелизирана по објавата на овогодинешниот Извештај за напредок на Северна Македонија на Европската Комисија, ниту од страна на медиумите, ниту од страна на експертите.[ii]

Сепак, изразот „говор на омраза“ се среќава 13 пати во извештајот на ЕК за напредок на земјава за 2023 година. Изразот „дело/а од омраза“ се среќава 8 пати, 5 пати заедно со „говор на омраза“. Слично, и во Извештајот од 2022 година, изразот „говор на омраза“ се споменува 11 пати, но и тогаш, овој проблематичен општествен феномен не беше особено истакнат во медиумската сфера.[iii]

Затоа, во оваа куса анализа ќе видиме во кои контексти се среќаваат изразите „говор на омраза“ и „дело/а на омраза“ и какви укажувања и препораки има во Извештајот за напредок на Северна Македонија за 2023 година.

Правната рамка за борба против говорот на омраза треба да се унапреди

Иако во Извештајот на ЕК се вели дека правната рамка за заштита на основните права е делумно во согласност со законите и стандардите на ЕУ за основни права, како и дека земјата продолжува да ги исполнува општите обврски во врска со основните права, истовремено, нотирана е потреба од посистематично спроведување на легислативата.

Конкретно, во однос на правната рамка за борба против говорот на омраза, Извештајот констатира дека се потребни нејзини натамошни подобрувања, во согласност со „Општа препорака на ЕКРИ бр. 15 во однос на борбата против говорот на омраза“. Исто така, се укажува дека државата треба целосно да ги адресира наодите на ЕКРИ и нејзините препораки од шестиот извештај од септември 2023 година.[iv]

Дополнително, во делот на подобрување на правната рамка, Извештајот нотира уште една препорака што се повторува од претходниот извештај, бидејќи била само делумно адресирана во текот на годинава, а тоа е дека „треба да се обезбедат потребните средства за Комисијата за превенција и заштита од дискриминација да може да си ја извршува својата работа.“

Врската говор на омраза – дела од омраза

Во Извештајот на Европската комисија се нотира дека „достапноста на официјални податоци за кривични дела на омраза останува спорадична, иако властите се трудат да развијат рамка за регистрација и собирање на податоци”, додека, „базата на податоци од граѓанското општество продолжува успешно да регистрира случаеви на кривични дела на омраза.“

Напоменато е дека и додека „граѓанскиот сектор укажува дека говорот на омраза расте во земјата, во 2022 година, Министерството за внатрешни работи започна истраги за 11 онлајн криминални дела.“

Оттука, ЕК заклучува и препорачува дека „треба да се воведе систематска пракса за собирање на податоци и справување со говорот на омраза и кривичните дела на омраза.“

Како позитивен чекор, Извештајот нотира дека, „Во февруари 2023 година, направени се измени на Кривичниот законик, кои регулираат кривични дела поврзани со родово-базирано насилство, вклучувајќи го демнењето и кривичните дела на омраза базирани на родов идентитет и различности во родот.“ Сепак, анализата на законската рамка на Северна Македонија за регулирање на говорот на омраза, на Хелсиншкиот Комитет за човекови права од 2023 година констатира дека „говорот на омраза не е јасно и директно инкриминиран како засебно кривично дело во Кривичниот законик на Северна Македонија“.[v]

Препораката на ЕК е дека треба да се работи на подобрување на способноста на службениците за поефикасно спроведување на законот и кривичната правда, со цел „спречување и кривично гонење на сите случаи на насилство, кривични дела од омраза и говор на омраза.“ Како што се наведува во Извештајот, „потребно е засилување на капацитетите и знаењето на службениците за спроведување на законот и на правните експерти, како дел од поширокиот обид за поттикнување на толеранција и култура на недискриминација во општеството.“

Дополнително, се наведува дека „Агенцијата за реализација на правата на заедницата треба да ја добие потребната  финансиска поддршка на заштитата на малцинствата и спроведувањето на националната стратегија „Едно општество за сите и интеркултурализмот“.

Оттука, ЕК заклучува дека „посебно внимание треба да се обрне на промовирањето на недискриминацијата, зголемувањето на ефикасноста во справувањето со кривични дела на омраза и говор на омраза, како и зајакнување на капацитетот и независноста на институциите одговорни за заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинства или заедници.“

Очигледно, од ваквите заклучоци и препораки може да се заклучи дека немаме доволно ефикасен систем за справување со кривични дела на омраза и говор на омраза.[vi] Исто така, и недоволен капацитет и независност на институциите одговорни за заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинства или заедници, па оттаму и препораката за нивно зајакнување.

Загрижува говорот на омраза кон новинари

Во извештајот на ЕК за напредок на земјава за 2023 година, посебно се акцентира говорот на омраза во онлајн сферата: „Иако говорот на омраза е забранет онлајн и офлајн, продолжува да опстојува во онлајн сферата.“

Исто така, во извештајот на ЕК се нагласува и загриженоста на новинарските здруженија за говорот на омраза кон новинари и медиумски работници од страна на политичари и други јавни личности: „Во 2022 година, Здружението на новинари изрази посебна загриженост поради говорот на омраза и обидите насочени кон новинарите и медиумските работници од страна на политичари и други јавни личности.“

Во извештајот на ЕК се укажува и дека бројот на судски постапки за клевета и навреда поврзани со новинари е двојно зголемен во споредба со претходната година, „54 случаи во 2022 година наспроти 20 во 2021 година.“

Нема напредок во справувањето со говорот на омраза кон ЛГБТИК заедницата

Кога станува збор за говорот на омраза, во Извештајот на ЕК најмногу внимание му се посветува на говорот на омраза кон ЛГБТИК луѓето. Се констатира дека во општеството преовладуваат негативни стереотипи и говор на омраза против лезбејки, геј, бисексуалци, трансродови, интерсексуалци и квир (ЛГБТИК) луѓето: „Немаше напредок во отстранувањето негативни стереотипи и говор на омраза кон ЛГБТИК лицата од учебниците, ниту во усвојување на национален акционен план за ЛГБТИК како дел од систематското промовирање на еднаквоста и спречување на дискриминација. Немаше напредок во спроведувањето на пресудата на ЕСЧП (јануари 2019) во врска со законското признавање на полот со изменување и дополнување на Законот за матична евиденција.“[vii]

Во Извештајот на ЕК, посебно се укажува и дека „Правната рамка не дозволува официјално признавање на истополови двојки.“

Извештајот нотира и дека нема напредок во истрагите за нападите што се случија од 2012-2014 година.[viii]

Се истакнува и дека во јуни 2023 година, властите ја олеснија успешната организација на ЛГБТИК парада на гордоста, но и дека граѓанските организации и ЛГБТИК активистите упатуваат различни критики кон властите,[ix] а се нотира и растечка анти-ЛГБТИК реторика, како и зголемена нетолеранција и говор на омраза во општеството.[x]

На крајот од овој дел, се заклучува и дека се потребни „сериозни напори за да им се овозможи на ЛГБТИК луѓето да ги уживаат своите права.“

За подобри оценки – справување со говорот на омраза кон ЛГБТИК заедницата, кон новинарите, и зајакнување на капацитетот и независноста на институциите

Накусо, државата доби повеќе заклучоци и препораки од ЕК во врска со (не)справувањето со говорот на омраза и делата од омраза, посебно истакнувајќи ја поврзаноста помеѓу нив.

Покрај препораките за унапредување на правната рамка, државата треба сериозно да ги земе предвид и препораките за зајакнување на капацитетот и независноста на институциите, особено на тие што се одговорни за заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинства или заедници.“

Посебен фокус треба да се стави и на проблемот на говор на омраза кон новинари и медиумски работници, а и на проблемот со говорот на омраза кон ЛГБТИК заедницата, проблем на кој му е посветено најмногу внимание во извештајот на ЕК за напредокот на земјава во 2023 година.

Референци:

[i] Видете Мери Јордановска, ЕКРИ изразува загриженост за меѓуетничкиот говор на омраза во земјава, Мета, 20.09.2023, како и прилог во вестите на телевизија Телма со наслов ЕК во најновиот извештај нотира говор на омраза, напади врз македонските Бугари и бугарските клубови во Македонија, и кластер наслов на time.mk за извештајот на ЕКРИ.

[ii] На пример, во Куса анализа на извештајот на ЕК за Република Северна Македонија 2023 година: Разнишани темели на преговорите“, ЕПИ, ноември 2023 нема никакво споменување на изразите „говор на омраза“ и „дела од омраза“.

[iii] Дури и анализата за Извештајот „Како Извештајот на ЕК за 2022 година го гледа напредокот на македонските евроинтеграции?“ , на Иван Дургутов, магистер по право со специјалност за казненото право, а особено темите за човекови права, со осврт на говорот на омраза и криминалот од омраза, објавена на академскиот блог Рес Публика, не го споменува говорот на омраза.

[iv] North Macedonia 2023 Report, European Commission, p. 34.

[v] Анализа на законската рамка на Северна Македонија за регулирање на говорот на омраза, 12.10.2023 Хелсиншки Комитет за човекови права, стр. 103: „Неговата формално правна рамка е расплината во повеќе кривични одредби со различни листи на заштитени карактеристики што придонесува кон одржување на еден општ концептуален проблем со неговото разбирање. Концептуалните нејаснотии врзани за говорот на омраза исто така влијаат врз развојот на судската практика. Како што се истакнува, доколку говорот на омраза нема соодветна формално правна квалификација, останува надвор од видното поле на службените статистики и другите извори на податоци.“

[vi] МВР известува за релативно мал број на пријави во врска со говор на омраза последниве шест години. Видете „Говорот на омраза на интернет, особено кон жените, не се санкционира во земјава“, Мета, 11.11.2023: „Ве известуваме дека во периодот од 2017 до 2023 година во Одделението за компјутерски криминал се примени 54 пријави според член 394-е и седум пријави според член 319“, информираа од МВР.

[vii] Видете и Жарко Трајаноски, Има ли политичка волја за спроведување на пресудата на Судот во Стразбур “X против Македонија”?, ima.mk, 31.10.2023: „…анти-родовите протести (и дезинформации) против Законот за матична евиденција се всушност обид да се спречи извршување на пресуда на ЕСЧП, кое треба да оневозможи натамошни прекршувања на човековите права на транс-родовите луѓе во Македонија.“

[viii] North Macedonia 2023 Report, European Commission: „Не беше постигнат напредок во истрагата за нападите врз центарот за поддршка на ЛГБТИК кои се случија во 2012, 2013 и 2014 година. Институциите за спроведување на законот не ја продолжија истрагата за вандалските дејствија врз канцеларијата на ЛГБТИК организација во Тетово или за смртните закани кон активисти. Судот во Струмица изрече шестмесечна затворска казна за напад врз ЛГБТИ активист.“

[ix] North Macedonia 2023 Report, European Commission: Сепак, граѓанските организации и ЛГБТИК активистите ги критикуваат властите за намалување на просторот за активно делување на граѓанските организации, особено кога се работи за сексуалните и репродуктивните права.

[x] North Macedonia 2023 Report, European Commission: „Растечката анти-ЛГБТИК реторика, во која се влучени политички и религиозни личности, доведе до зголемена нетолеранција и говор на омраза во општеството.“

Latest Posts

Не пропуштај