More

    Публикација на ИМА: „Медиумите и човековите права (анализи)“

    Публикацијата „ Медиумите и човековите права (анализи)“ донесува авторски анализи и анализи на случаи, во кои истакнати автори и истражувачи, со повеќегодишно искуство во медиумите и во организации што дејствуваат на полето на човековите права, изнесуваат наоди, примери, случаи, ставови и мислења за третманот и прекршувањата на човековите права во медиумските содржини.

    Преку анализирање на правната и саморегулаторната рамка што се однесува на човековите права и медиумите, како и на примери и студии на случај за прекршувањата во медиумските содржини но и на социјалните мрежи, авторските анализи во публикацијата ги детектираат главните форми и наративи на кршење на човекови права, со фокус на општествените групи што се најчесто на удар на вакви содржини, кои честопати содржат дезинформации, дискриминаторски говор, говор на омраза, но и повици на насилство.  Анализите донесуваат и заклучоци и препораки за можните решенија, кои би придонеле за подобро справување со кршењето на човековите права во медиумите и во јавната комуникација.

    Во анализата со наслов „Медиумите повеќе ги повредуваат отколку што ги штитат човековите права“, д-р Сефер Тахири прави пресек на меѓународната и домашната правна рамка поврзана со слободата на говорот, предвидените ограничувања и третманот на човековите права во медиумите, како и на саморегулаторните правила и механизми за ова прашање.

    Тахири се осврнува и на неколку конкретни случаи на кршење на Кодексот на новинарите и одлуките на саморегулаторните тела (Комисијата за жалби при СЕММ и Советот на честа на ЗНМ),  посочувајќи дека тие често наидуваа на прекршување на членовите на Кодексот поврзани со човековите права, како што се член 7 (заштита на приватност), 9 (заштита на деца) и 10 (забрана на говор на омраза и дискриминација). Препорака од оваа анализа е медиумите да известуваат систематски за повредите на различни човекови права, како и да придонесат за подигнување на свесноста на граѓаните за неповредливоста на правата, кои му припаѓаат природно на секој човек.

    Авторката Славица Анастасовска, во анализата со наслов „Примери од праксата: Каде грешат медиумите кога известуваат за ранливите групи?“, изнесува наоди и случаи детектирани преку мониторингот на Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој го следи известувањето на медиумите и дискурсот на социјалните мрежи, особено за објави што се однесуваат на маргинализирани и ранливи групи на граѓани, со посебен фокус на говорот на омраза и вознемирувачкиот говор.

    Анализата посочува дека кај дел од граѓаните има вкоренети предрасуди и стереотипи, во степен на развиен анимозитет кон одредени групи на лица, што придонесува за застапеност на говорот на омраза, кој пак се рефлектира во нетолеранција и нетрпеливост, а не отсуствува и насилството од омраза. Ова е видливо особено во комуникацијата преку интернет, односно кај онлајн медиумите и на социјалните мрежи. Анализата препорачува донесување соодветна легислатива за спречување на говорот на омраза на интернет во согласност со меѓународните стандарди, посилна саморегулација и санкционирање на порталите што работат во спротивност со Кодексот, зајакнување на капацитетите на новинарите за известување за ранливите групи, како и  зголемување на присутноста на маргинализираните заедници во медиумите, што би придонело за сензибилизација и едукација на јавноста за проблемите со кои тие се соочуваат.

    Дел од оваа публикацијата е и анализата на случај „Дали епископ Јаков Стобиски ќе биде казнет за вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во медиуми врз ЛГБТИ+ заедницата?“ од авторот Љубиша Арсиќ.  Анализата се осврнува на случајот со јавниот настап на  епископот на национална телевизија што предизвика реакции на засегнатите и претставка од невладини организации до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), која утврди дека во настапот имало вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во медиуми врз ЛГБТИ+ заедницата.

    Но, по донесеното мислење на КСЗД и одбивањето на епископот да постапи по него и да се извини за постапката, Комисијата, која за овој случај се обидува да покрене прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци, се жали дека наидува на сериозни тешкотии. Имено, процедурата предвидува КСЗД да ги достави до судот точните податоци на лицето кое ја извршило дискриминацијата (име и презиме, адреса, матичен број и други лични податоци), а  КСЗД се жали дека податоците не може да ги добие од МВР. КСЗД во два наврати пишува писма до МВР за да ги обезбеди податоците, но во дописите на МВР стои дека во регистарот со имиња не постои посоченото име. Во меѓувреме, еписокопот продолжи со слични вознемирувачки јавни настапи, како предводник на кампањата против новиот закон за родова еднаквост и законот за матична евиденција, кој е неопходен за спроведување на пресуда на Европскиот суд за човекови права.

    Во „Анализа на случај: Зошто пресудата на Судот во Стразбур „Д.Х. и други против Северна Македонија“ е важна за сексуалните работнички, медиумите и владеењето на правото?“  авторот Жарко Трајаноски се осврнува на случајот од 2008 година, којшто по 15 години кончено доби правна разврска со пресудата на Европскиот суд за човекови права, која утврдува прекршување на правата на сексуалните работнички како резултат на публикувањето на фотографии од страна на МВР по акцијата во која тие беа приведени.  Анализата укажува зошто оваа пресуда е важна, не само за сексуалните работнички и здруженијата на граѓани кои ги застапуваат, туку и за медиумите, вклучително и оние кои известуваа и објавија фотографии од сексуалните работнички по полициската акција „улична проституција“.

    Во анализата се посочува дека државата допрва ќе се соочува со предизвикот за доследно спроведување на пресудата, и дека сексуалните работнички ќе ја добијат правдата само ако таа се спроведе од сите релевантни државни чинители. Авторот Трајаноски смета дека и медиумите можат да дадат свој значаен придонес со покренување на прашања од јавен интерес, не само за индивидуалната одговорност за повредените права на сексуалните работнички, туку и со следење на спроведувањето на пресудата на ЕСЧП од страна на државата, процес кој допрва ќе следи.

    Публикацијата е дел од активностите на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, поддржани од Европскиот фонд за демократија (European Endowment for Democracy) од Брисел, и е придонес за остварување на заложбите на ИМА за унапредување на слободата на медиумите, справување со дезинформациите и говорот на омраза, развој на критичкото мислење и дебата, и потрагата по решенија за справување со овие важни предизвици.

    Публикацијата „Медиумите и човековите права (анализи)“ може да се симне на следниот линк:

    Медиумите и човековите права (анализи)

    Exit mobile version