More

    Панел – дискусија на ИМА: Слободата на медиумите подразбира и одговорност кон човековите права

    Пишува: ЉУБИША АРСИЌ

    Дали медиумите навистина повеќе ги кршат отколку што ги штитат и промовираат човековите права? Дали тие намерно не сакаат да ја сфатат и да ја реализираат опшествената улога која ја имаат преку своето влијание кај публиката? Зошто саморегулацијата не успева до крај да го минимизира говорот на омраза во медиумите?

    Некои од одговорите ги дава публикацијата на Институтот за медиуми и аналитика ИМА „Медиумите и човековите права (анализи)“, која беше промовирана на панел – дискусијата што се одржа на 28.11.2023 во Скопје[i], на која своите видувања за овие теми ги изнесоа Насер Зибери Народен правобранител на Република Северна Македонија, Славица Анастасовска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, д-р Вики Младенова, проф. д-р Сефер Тахири и Џабир Дерала – претседател на ЦИВИЛ.

    Зибери: Секој што влегува во медиумскиот простор да биде свесен за одговорноста, слободата на говор никако не значи можност за прекршување на нечии права

    Народниот правобранител, Насер Зибери во дискусијата потенцираше дека медиумите играат значајна улога во сите општества и неслучајно се нарекуваат седма сила. Нивното значење и степенот на одговноста е уште поголема во мултикултурни општества како нашето, каде што еден искажан погрешен збор, според него, може да има големи последици.

    „Затоа сметам дека сите што работат во оваа сфера мора да имаат висока свест за напишаниот односно изречениот збор. Кога станува збор за медиумската сфера, нашата држава долго време се потпираше на членот 16 од Уставот кој ја гарантира слободата на изразување и ја забранува цензурата како најтежок облик на замолчување на медиумите. Пред 10 години беше донесен и посебен Закон за медиуми во кој е дадена рамката за делување на средствата за јавно информирање, сега се води дебата околу потребата од регулација на новите медиуми, како што се интернет порталите. Дилемите несомнено одат во насока на тоа дали тие воопшто да се стават во законска рамка, а во која насока да оди нивната евентуална регулација или саморегулација. Постоењето на некои минимум правила како што е идентитетот на субјектот на пласираната информација или стандарди за функционирање не треба да бидат табу тема. Ако не се обидеме да ги дискутираме овие теми и да ги детектираме проблемите, а проблеми несомнено дека имаме, ќе западнеме во замка која е спротивна на слободата на размислување и изјаснување. Отворањето на оваа тема е обид да се направи нешто во оваа смисла, но во никој случај не треба да значи можности или шанса за ограничување на слободата на медиумите и слободниот збор“, истакна Зибери на панел – дискусијата на ИМА.

    Народниот правобранител ја нагласи коректорската функција на медиумите која може да биде од голема корист во заштитата на човековите права.

    „Лично сметам дека секој што влегува во медиумскиот простор мора да биде свесен за својата одговорност, затоа што слободата на говор никако не значи можност за прекршување на нечии права. Слободата на изразување и слободата на медиумите од било кој тип, мора да биде во корелација со почитувањето на човековата индивидуалност, приватност, достоинство, како и општоприфатениот постулат утврден во нашиот закон. Значи не може да има само права, без одговорности, зашто во тој случај нема да постојат ниту правата, туку ќе постои само правото на посилниот, а тоа несомнено е неприфатливо за било кое општество.

    Кога се зборува на оваа тема, Зибери рече дека не смее да се заборават ниту регулаторните тела во оваа сфера и Советот за етика во медиумите, кои играат значајна улога во поглед на заштитата на правата од аспект на подигнување на свеста и важноста и точноста на информациите, наспроти дезинформациите.

    „Мислам дека не постои власт во светот која не е склона кон контрола на медиумите свесна за нивната моќ. Новинарите се тие кои преку својата професионалност ќе покажат и докажат дека улогата на коректор на власта е од икслучителна важност токму за властите. И дека на нив не треба да се гледа непријателски, туку тие треба да се перцепираат како сојузници затоа што играат важна улога како во почитувањето на човековите слободи и права, така и кон подигнување на степенот на демократијата и владеењето на правото. Постоењето на коректори за една власт, а медиумите несомнено треба да бидат во таа функција, може да биде од голема корист, не само за општеството, туку и за самите носители на јавни функции, односно власта“,  укажа Зибери.

    Дерала: Борбата за човекови права ја создава медиумската слобода

    Попрецизен одговор зошто некои групи или организации се постојана мета на говор на омраза преку кој се повредуваат човековите права се обиде да даде Џабир Дерала од ЦИВИЛ, кој на оваа дискусија го сподели личното искуство за постојаните јавни дискредитации.

    „Логичното објаснување е дека ние се залагаме за човекови права и слободи. Ние се занимаваме со работа која ги застапува интересите на граѓаните и граѓанките, нивните права и слободи во најразлични области во нивниот живот. Тоа е причината зошто сме мета. Причината за тоа е дека ние како организација се занимаваме со набљудување на изборите, кога вие ќе бидете изложени на една подолготрајна кампања со омраза, дискредитација, дезинформации, гласни лаги, со закани по живот, и тоа не само кон оние што се во ЦИВИЛ или кон мене, туку кој било што ќе се осуди да соработува со нас, што ќе го стави беџот на набљудувач на ЦИВИЛ на изборите, со гнасни афери кои атакуваат не неговиот морал, на неговото семејство, живот…Значи дека тие сакаат да ја дискредитираат организацијата, нашиот извештај за изборите. Зошто? Затоа што паралелно на тоа имаат операција, пропагандна и коруптивна со која сакааат да дојдат на власт со противзаконски и антидемократски средства“, анализираше Дерала, кој воедно информираше дека мониторинг тимот на ЦИВИЛ ги следи во континуитет медиумските дезинформации и профилот на оние кои постојано се служат со говор на омраза.

    „Истите се антиваксери, истите се антигеј, противници на правата на ЛГБТИ+ заедниците, истите се мизогини… Истите тие се анти-НАТО и анти-ЕУ, со антиевропски вредности, значи, истите наративи, само клучните зборчиња се менуваат, од истите групи…Што мислите, тие млади интелигентни момчиња и девојки во ЦИВИЛ не знаат од кои центри на моќ доаѓаат тие? Знаеме дури и колку пари течат. Медиумите и човековите права се поврзани едни со други. Човековите права, борбата за правата ги создаваат медиумските слободи, медиумските слоободи овозможуваат човековите права да бидат видливи, да станат дел од општестевното живеење и се разбора тоа се местата од каде што луѓето можат слободно да се изразуваат, некогаш и да пецнат некогаш и да заболат со своите вистини, но и да ги шират видиците на граѓаните во едно општество“, истакна Дерала во неговата дискусија.

    Анастасовска: Медиумите имаат законска обврска да преземаат мерки за промовирање на родовата еднаквост и за елеминирање на стереотипите за родовите улоги

    Славица Анастасовска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, која е една од автор(к)ите на анализите во публикацијата на ИМА, во нејзината анализата со наслов: „Примери од праксата: Каде грешат медиумите кога известуваат за ранливите групи?“, изнесува наоди и случаи детектирани преку мониторингот на Хелсиншкиот комитет, кој го следи известувањето на медиумите и дискурсот на социјалните мрежи, особено за објави што се однесуваат на маргинализирани и ранливи групи на граѓани, со посебен фокус на говорот на омраза и вознемирувачкиот говор.

    Анализата на Анастасовска посочува дека кај дел од граѓаните има вкоренети предрасуди и стереотипи, до степен на развиен анимозитет кон одредени групи на лица, што придонесува за застапеност на говорот на омраза, кој пак се рефлектира во нетолеранција и нетрпеливост, а не отсуствува и насилството од омраза. Ова е видливо особено во комуникацијата преку интернет, односно кај онлајн медиумите и на социјалните мрежи.

    Анализата препорачува донесување соодветна легислатива за спречување на говорот на омраза на интернет во согласност со меѓународните стандарди, посилна саморегулација и санкционирање на порталите што работат во спротивност со Кодексот, зајакнување на капацитетите на новинарите за известување за ранливите групи, како и зголемување на присутноста на маргинализираните заедници во медиумите, што би придонело за сензибилизација и едукација на јавноста за проблемите со кои тие се соочуваат.

    Анастасовска во дискусијата ја нагласи моќта на медиумите да дискредитираат поединци и цели групи. Пренесе дека Хелсиншкиот комитет за човекови права ги следи медиумите и ги регистрира случаите на платформата „Говор на омраза“, па така во период од 1 јануари до 15 ноември, 2023 година, регистрирани се вкупно 987 случаи со говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, националан припадност, етничка припадност, политичка припадност или врз основа на пол и род.

    „Законот за спречување насилство врз жената и семејно насислтво предвидува обврска на медиумите да преземаат посебни превентивни мерки и тоа во насока на подигање на свест кај општата јавност за родово базирано насилство, семејно насилство и промовирање на родова еднаквост и елеминирање на стереотипите за родовите улоги. Наспроти оваа обврска на медиумите, во однос на превенцијата и подигање на свеста, бевме сведоци на ширење на пропганда и дезинформации за предлог законот на родова еднаквост“, истакна Анастасовска.

    Таа смета дека медиумите не дале доволно простор на експертите кои биле вклучени во пишување на законот и на експертите за родова еднаквост, кои на јавноста би и објасниле како овој закон би ја подобрил положбата на жените и родовата еднаквост. Покрај многуте примери кои ги презентираше, таа се задржа на јавно изнесениот говор на омраза од страна на претседателот на партијата Интегра кон ЛГБТИ+ заедницата, за чиј настап надлежните институции не покажале интерес да го санкционираат. Во анализата и во дискусијата, Анастасовска го цитираше изнесеното од лидерот на Интегра во медиумски настап:

    „Не смееме да дозволиме ненормалното да станува нормално и нормалното да е под мобинг на ненормалното, ова зло мора да се сотре и да се сосече во корен, пред се поради нашите деца и внуци и идните генерации. Наша света должност е да им овозможиме на идните генерации услови за правилен раст и развој и да ги воспитаме во пристоен поглед на светот. Препорачувам да си ги чуваат своите неприродни, противприродни и извитоперени безумија во приватната сфера и да престанат да ги натураат на македонското општество кое е традиционално, конзервативно.“

    Како што укажа Анастасовска, оваа изјава не била доволен факт за Јавното обвинителство да покрене постапка и затоа сега Хелсиншкиот комитет ќе поднесе апликација до Европскиот суд за човекови права. Анастасовска, покрај искажувањето на омраза кон ЛГБТИ+ заедницата, зборуваше и за постојаното медиумско етикетирање и дискредитирање на Ромите и на лицата со попреченост, и порача дека е потеребно „да се донесе ефикасна легислатива за да се спречи говорот на омраза на интернет, да има систем на саморегулација за содржините на интернет,  согласно упатствата систем за санкционирање на порталите кои работат спортивно на новинарскиот кодекс, механизам за справување со прекршување на човековите права, зголемување на бројот на новинари кои ќе работат на теми за насилство и родова еднаквост.“

    Тахири: Секој медиум да има свој етички кодекс

    Во публикацијата на ИМА е објавена анализата на професорот Сефер Тахири со наслов „Медиумите повеќе ги повредуваат отколку што ги штитат човековите права“, преку која се прави пресек на меѓународната и домашната правна рамка поврзана со слободата на говорот, предвидените  ограничувања и третманот на човековите права во медиумите, како и на  саморегулаторните правила и механизми за ова прашање.  Тахири се осврнува и на неколку конкретни случаи на кршење на Кодексот на новинарите и одлуките на саморегулаторните тела (Комисијата за жалби при СЕММ и Советот на честа на ЗНМ), посочувајќи дека тие често наидуваа на прекршување на членовите на Кодексот[ii] поврзани со човековите права, како што се член 7 (заштита на приватност), 9 (заштита на деца) и 10 (забрана на говор на омраза и дискриминација). Препорака од оваа анализа е медиумите да известуваат систематски за повредите на различни човекови права, како и да придонесат за подигнување на свесноста на граѓаните за неповредливоста на правата, кои му припаѓаат природно на секој човек.

    Тахири го објасни значењето на Советот за етика во медиумите и на Советот на честа при ЗНМ, преку кои самите новинари, уредници и медиумски работници оценуваат што е информација, а што дезинформација. Од основањето до денес, во Советот за етика пристигнале 560 жалби за прекршување на новинарскиот кодекс од страна на новинари и медиуми.

    „Ние, кога го формиравме Советот за етика во медиумите, решивме да ги следиме сите медиуми, тоа имаше и врска со политичкиот контекст во тоа време, бидејќи во одредени држави саморегулаторното тело се однесува само на печатените и на онлајн медиумите, затоа што електронските медиуми, радијата и телевизиите се регулирани, тие потпаѓаат под законот, но затоа што Агенцијата за медиуми не ги извршуваше своите задачи тогаш, а и денес не ги извршува, одлучивме да ги третираме сите медиуми“, потсети Тахири.

    Воедно, Тахири предлага уште една линија на саморегулација, односно дека треба секој медиум да има одреден етички правилник или самостоен етички кодекс во согласност со генералниот етички кодекс кој се однесува на сите медиуми, или на дел од нив. Тој предлага и поставување на медиумски омбудсман во секој медиум, што е пракса во некои земји. Зборувајќи за улогата што би ја имал медиумскиот омбусдман, тој укажа дека станува збор за непишан договор со публиката за обезбедување информации на што е можно попрецизен, посеопфатен и јасен начин, разликување на информации и коментари, корекција на грешките, одразување на мноштвото различни мислења дека правата на поединците не се прекршени и дека се почитува нивната приватност.

    „Значи, омбудсманот во медиумите би гарантирал почитување на правилата и обичаите воспоставени од медиумот обезбедувајќи еден вид внатрешна контрола и квалитет. Тоа значи дека самите медиуми пред да дојдат во Советот за етика, во Советот на честа, да имаат еден внатрешен саморегулативен механизам. Ова малку функционира и во држави во светот, ретки се оние што го имаат, но еве порака, да почнеме од јавниот сервис, тој има поголеми можности за ова и, втората препорака е до Народниот правобранител, да реагираат на прекршувањата кои се однесуваат на повредите на членовите кои се однесуваат на основните човекови права и слободи“, препорача Тахири.

    Младенова: Медиумите и човековите права се во криза, и локално и глобално

    Сè додека не се промени ситуацијата, медиумите и човековите права ќе бидат во криза, е ставот на Вики Младенова, која докторираше во областа на меѓународни студии на Универзитетот за ориенталистика во Неапол. Таа посочи неколку примери за да илустрира дека состојбата со човековите права се уназадува и во светски и во локални рамки. Во тој контекст, таа пренесе како се одвивала дебатата во Комитет на Обединетите нации кога се носеле резолуции за младите, за лицата со посебни потртеби и за семејниот живот.

    „Сепак, постои згрченост и таму, и беше проблематично да се формулираат јасно нешта кои се однесуваат на говор на омраза, нешта што се однесуваат на родово базирано насилство, на репродуктивното здравје, на сеопфатното сексуално образование, како и на некои специфични потреби на млади девојки и жени, имајќи предвид дека и на тоа ниво постојат, на ниво на „меко право“ постојат згрчувања или назадувања за човековите права“, посочи Младенова.

    Од овој глобален феномен, според Младенова, не е исклучок ниту Македонија.

    „Тие назадувања или разградувања на концептот на човекови права не се случуваат преку ноќ, ниту пак се независни од спојот знаење – моќ. Нивното забрзување многу зависи, според мене, од медиумскиот простор и работењето на медиумите, како медиумите ги позиционираат колективните или поединечните позции во однос на човековите права. Медиумите се далеку од неутрални или се пасивни предаватели само на информации: тие имаат клучна улога во обликувањето на формалните параметри на продукција, формирање и циркулација на знаењето, дополнително медиумите ни ги даваат инструментите и методите преку кои потоа го покажуваме нашето знаење. Може е престрого да кажеме дека медиумите ни кажуваат како да мислиме, но секако дека не информираат како да мислиме. Медиумите, сегашната медиумска сцена во современието во кое живееме го имаат резервоарот на правото на говор, односно слободата на говор каде што е содржано правото на говор, слободата на изразување и правото на информирање“, укажа Младенова.

    Воедно, таа посочи дека понекогаш е многу тешко да се примат медиумските информации, дури и кога треба да се само технички.

    „Сите информации кои се однесуваат на евроитегративниот процес, кои треба да бидат најдосадни, бирократски, технички информации кај нас се примаат на едно ниво на паника, не можеме да разбереме дали почнале преговорите, дали не почнале, дали се одржала меѓувладина седница или не се одржала, токму заради инсистирање на едно, јас го нарекувам панично истоштување на населението во Македонија. Да речеме ја имавме ситуацијата со алармите за бомбите низ училиштата и на други места, мислам дека е илустративна како функционираат медиумите – ништо не се случува, а сепак алармираноста е многу голема“, заклучи Младенова на панел-дискусијата на ИМА.

    Оваа панел-дискусија и публикација се дел од активностите на ИМА поддржани од Европскиот фонд за демократија (European Endowment for Democracy) од Брисел, и е придонес за остварување на заложбите на ИМА за унапредување на слободата на медиумите и третманот на човековите права во медиумите и јавната комуникација, справување со дезинформациите и говорот на омраза, развој на критичкото мислење и дебата, и потрагата по решенија за справување со овие важни предизвици.

    Референци

    [i] Публикација на ИМА „Медиумите и човековите права (анализи), Институт за медиуми и аналитика, ima.mk, ноември 2023.

    [ii] Кодекс на новинарите на Македонија, znm.org,mk.

     

    Exit mobile version