More

    Зибери на панел дискусија на ИМА: Слободата на говор никако не значи можност за прекршување на нечии права

    Институтот за медиуми и аналитика ИМА денеска ја промовираше својата седма публикација: „Медиумите и човековите права (анализи)“, а во панел – дискусијата на настанот учествуваше и Насер Зибери, Народен правобранител на Република Северна Македонија, кој истакна дека слободите и правата треба да бидат во корелација со нивната заштита од страна на надлежните институции:

    „Слободите и правата сметам дека треба да бидат во корелација со нивната заштита од страна на надлежните институции. Умешноста на општествата е како да се оствари првото право без да се повреди второто. За мене, како прв човек на национална институција за заштита на правата на граѓаните, не ми е многу битно дали на граѓаните им се прекршени правата од органите на државната управа, локалната власт или преку медумите, од причини што за мене поважно е што некој е спречен да си оствари со Устав и со закон загарантирано право или тоа право му се прекршува. Но, сепак, би направил една дистинкција кога станува збор за прекршување на правата преку медиумите, затоа што изречениот збор лесно се шири, надалеку се слуша, а ако е погрешен потоа тешко се исправа“, истакна Зибери.

    Понатаму, народниот правобранител укажа дека лажните вести и дезинформациите можат да имаат несогледливи последици за лицето кон кое се искажани: „Ова добро го знам и од фактот што почетокот на мојата кариера го започнав токму како новинар, па ја познавам тежината на напишаниот, односно, искажаниот збор“.

    Зибери зборуваше и за тенденциите на згаснување на традиционалните медиуми и појавата на нови медиуми: „Години наназад сведоци сме на тенденции на згаснување на традиционалните медиуми, како на пример на весниците, но и појава на нови, т.н. социјални медиуми, како Фејсбук, Инстаграм, потоа отворање на интернет портали и сето тоа, во согласност со новите текови на развојот на модерните општества. Дигитализацијата го прави своето и таа не можеме да ја запреме, но можеме да се обидеме да ги амортизираме потенцијалните негативни ефекти. Затоа, потребно е да има правила на однесување.“

    Исто така, Зибери предупреди дека слободата на изразување никако не треба да се разбере како апсолутно право, и дека слободата на изразување на едниот завршува онаму каде што се прекршува правото на другиот.

    „Не би сакал да бидам погрешно разбран дека заговарам ограничување на слободата на изразување, но како поранешен новинар и како актуелен Народен правобранител, сметам дека слободата на изразување никако не треба да се разбере како апсолутно право, токму новинарите како креатори на јавното мислење мора многу да внимаваат информацијата да биде точна и објективна. Ова го велам во насока на правење на добра проверка на информациите пред да бидат објавени. Затоа што, како што еднаш кажав, слободата на изразување на едниот завршува онаму каде што се прекршува правото на другиот“, истакна Зибери.

    Зибери ја нагласи и улогата и одговорноста на медиумите во мултикултурни општества како што е нашето. „Медиумите играат значајна улога во сите општества и не случајно се нарекуваат седма сила. Нивното значење, односно, степенот на одговорноста е уште поголема во мултикултурни општества како што е нашето, каде еден погрешно кажан збор може да има големи последици. Оттука, сметам дека сите што работат во оваа сфера треба да имаат висока свест за значењето на пишаниот, односно изречениот збор“, посочи народниот правобранител

    Тој го кажа својот став и околу потребата од регулација на новите медиуми.

    „Сега се води дебата околу потребата од регулација на новите медиуми, како што се интернет порталите. Дилемите несомнено одат во насока на тоа дали тие воопшто да се стават во законска рамка, а во која насока да оди нивната евентуална регулација или саморегулација. Постоењето на некои минимум правила како што е идентитетот на субјектот на пласираната информација или стандарди за функционирање не треба да бидат табу тема. Ако не се обидеме да ги дискутираме и овие теми и ги детектираме проблемите, а проблеми несомнено дека имаме, ќе западнеме во замка која е спротивна на слободата на размислување и изјаснување. Отворањето на оваа тема е обид да се направи нешто во оваа смисла, но во никој случај не треба да значи можности или шанса за ограничување на слободата на медиумите и слободниот збор. И тука не сакам да бидам погрешно сфатен. Но, дозволете ми да поставам едно реторичко прашање – во што се состои главната разлика меѓу демократијата и анархијата, ќе се согласиме, дека освен слободата, вклучувајќи ја и слободата на изразување, тоа е постоењето на правила“, смета Зибери.

    Според него, секој што влегува во медиумскиот простор мора да биде свесен за својата одговорност. „Лично сметам дека секој што влегува во медиумскиот простор мора да биде свесен за својата одговорност, затоа што слободата на говор никако не значи можност за прекршување на нечии права. Слободата на изразување и слободата на медиумите од било кој тип, мора да биде во корелација со почитувањето на човековата индивидуалност, приватност, достоинство, како и општоприфатениот постулат, утврден и во нашиот закон. Впрочем, не може да има само права без одговорности, зашто во тој случај нема да постојат ниту правата, туку ќе постои правото на посилниот, а тоа несомнено е неприфатливо за било кое општество“, рече Зибери.

    Народниот правобранител ја нагласи и значајната улога на регулаторните тела, како што е СЕММ. „Кога зборуваме на оваа тема, не смееме да ги заборавиме ниту регулаторните тела во оваа сфера, како што е Советот за етика во медиумите, кои играат значајна улога во поглед на заштитата на правата од аспект на подигнување на свеста и важноста и точноста на информациите, наспроти дезинформациите. Мислам дека не постои власт во светот која не е склона кон контрола на медиумите, свесна за нивната моќ“, укажа Зибери.

    На крајот на своето излагање, Народниот правобранител ја потенцираше и улогата на новинарите како коректор на власта: „Но, новинарите се тие кои преку својата професионалност ќе покажат и докажат дека улогата на коректор на власта е од икслучителна важност токму за властите. И дека на нив не треба да се гледа непријателски, туку тие треба да се перцепираат како сојузници затоа што играат важна улога, како во почитувањето на човековите слободи и права, така и кон подигнување на степенот на демократијата и владеењето на правото. Постоењето на коректори за една власт, а медиумите несомнено треба да бидат во таа функција, може да биде од голема корист, не само за општеството, туку и за самите носители на јавни функции, односно власта“, изјави Зибери на панел дискусијата на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, при промоцијата на публикацијата „Медиумите и човековите права (анализи)“.

    Exit mobile version