More

    Спасовски од Брисел: Северна Македонија е подготвена и способна да го обезбеди своето место во ЕУ, граѓаните ги заслужуваат европските вредности

    Денес во Европската Комисија во Брисел, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по завршувањето на Меѓународната конференција за глобален сојуз за борба против криумчарење мигранти, на која што учествуваше со свое обраќање на македонски јазик, упати видео порака до граѓаните на Северна Македонија.

    Истакнувајќи задоволство што е дел од конференцијата во Брисел на покана на еврокомесарката за внатрешни работи и миграции Илва Јохансон, на која учествуваа и министри од земјите членки на ЕУ, претставници од Европскиот парламент, Агенциите за правда и внатрешни работи на ЕУ – ЕВРОПОЛ, СЕЛЕК и ЕУРОЏАСТ и меѓународните организации, Спасовски се осврна на резултатот од партнерската дискусија на рамноправни основи, во која сите се повикани да се потпрат едни на други – заедничкиот Повик за акција на засилена соработка помеѓу сите партнери.

    „Прва причина за тоа е што справувањето со шверцот на мигранти по клучните рути и чувањето на надворешните граници како врвен приоритет претставува ништо помалку од – заеднички предизвик. Второ, затоа што решавањето на овој предизвик ќе биде можно само со заеднички напор, колективна акција и продлабочена взаемна соработка на меѓународно рамниште. И трето, затоа што сето ова говори дека не може да зборуваме за стабилна и безбедна Европа, за сигурни европски граници, без стабилна и безбедна Северна Македонија, без силно гранично управување. Конечно, оваа Глобална алијанса е уште една потврда дека цврстата порта на нашата земја ја гарантира безбедноста на европските граници, а спречувањето на прекуграничниот криминал кај нас, ветува безбедност на европскиот граѓанин. Тоа е спрегата која означува дека сме ја поминале критичната точка за приближување кон ЕУ”, рече Спасовски, додавајќи дека политиките спроведени на дело во изминатиот период, поради кои годинава се обезбеди намалување на обидите за илегални преминувања за 50% во однос на лани, покажаа дека земјава е подготвена и способна да го обезбеди своето место во ЕУ.

    „Македонските граѓани природно припаѓаат кон европското семејство, ги заслужуваат европските вредности и тежнеат кон избраната перспектива за еднакви можности, за владеење на правото, слобода, пазарна економија, грижа на државата за секој граѓанин, за живот во стабилно општество во кое правилата и правата се константа како и за нивните идни сограѓани во ЕУ”, истакна Спасовски во изјавата што беше споделена од прес службата на МВР.

    Спасовски рече дека денешниот состанок, впрочем како и неколкуте историски настани наназад, во кои државата се востоличи како рамноправен партнер токму преку МВР, а тој како министер ја имал честа да биде иницијатор и директен учесник – како што беше отпочнувањето на заедничката операција со Фронтекс во април годинава, или Договорот со ЕУ на македонски јазик, кој го потпиша половина година пред тоа, се моментумите кои ја означуваат точката од која нема враќање назад од европскиот пат.

    „А штом стигнеме до целта на оваа маратонска трка – чии долги патеки со препреки не нѐ исплашија, туку нѐ мотивираа, во која сме длабоко навлезени и одиме кон целта – дури тогаш ќе можеме да бидеме потполно задоволни: со длабочината на реформите, со процесот на демократизација, со промените на вредностите, со резултатите од вградената енергија, визии и макотрпна работа. Затоа нашиот интерес е ЕУ! Затоа Европа е единствената алтернатива која нуди најдобра иднина за нашите граѓани, која сакаме, можеме и мора да ја достигнеме! Особено сега, кога сме на чекор до неа”, истакна Спасовски во изјавата од Брисел.

     

    Exit mobile version