Последни написи

Одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје – голем успех на македонската дипломатија

Од 29 ноември до 1 декември, очите на светската јавност ќе бидат свртени кон Скопје, каде ќе се одржи 30-тиот Министерски совет на ОБСЕ, најголемата безбедносна организација во светот.

Денеска во спортскиот центар Борис Трајковски и околните улици, каде во овие два дена ќе биде собран „светскиот политички врв“, се одржа генералната проба.

Над 70 делегации со околу 1.000 членови ќе престојуваат во Скопје во следните три дена.

Покрај министрите за надворешни работи од земјите-членки на ЕУ, вниманието најмногу го привлекува присуството на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен и шефот на руското МНР, Сергеј Лавров.

До овој момент, нивна билатерална средба не е предвидена, но на Министерскиот совет ќе се носат одлуки за натамошното функционирање на оваа организација, која во последниот период се соочува со одредена криза, пред се поради внатрешната поларизација и меѓусебните односи на земјите – членки.

Веќе е извесно дека на Министерскиот совет ќе се донесе одлука Малта да ја преземе улогата на претседавач со ОБСЕ за 2024 година.

Работниот состанок на ОБСЕ се случува во период кога се уште трае руската агресија врз Украина, но и кога конфликтот меѓу Израел и Палестина е најжесток во последните четири децении.

По повеќе од три децении независност, Северна Македонија за првпат е домаќин на настан од ваков габарит, па затоа и сите државни институции се максимално посветени на успешна организација на настанот.

Скопје, град кој пред десетина години во светските медиуми се појавуваше најчесто во негативна конотација, и Македонија како држава која честопати чекала исход од вакви состаноци, деновиве ќе бидат домаќини на Министерски совет, на кој ќе се решаваат глобални прашања.

Во таква констелација, претседавањето на Македонија со ОБСЕ и одржувањето на 30-тиот Министерски совет, може да се нарече како најголем успех на македонската дипломатија.

Дека овој настан е особено важен за македонската дипломатија и воопшто за македонската држава, сметаат и од Советот на амбасадори.

„Имајќи го предвид значењето на самиот собир на министри за надворешни работи и други делегации, вкупно околу седумдесет, Скопје и целата држава во текот на наредните денови ќе бидат предмет на интерес на голем број новинари, информативни медиуми, политичари и граѓани на Европа и Светот. Советот на амбасадори смета дека успешната организација на настан од вакви размери ќе придонесе за афирмација на демократските и организациските капацитети на Република Северна Македонија и ќе биде заслуга на сите граѓани“ се наведува во соопштение на Советот на амбасадори.

МНР, МВР, Клинички центар, СЦ „Борис Трајковски“…подготвени за настанот

Носител на организацијата на настанот е Министерството за надворешни работи, кое се грижи за целокупната организација, од пристигнувањето до заминувањето на делегациите, додека дел за дел од логистичките потреби е задолжен Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Министерството за внатрешни работи ќе се грижи за безбедноста и сообраќајните решенија во сите три денови.

Подготовките за овој настан траеле цела година, а за време на Министерскиот совет ќе бидат ангажирани неколку служби во полицијата.

„Ние се подготвуваме цела година за овој самит, постојат детални планови во ова, најавени се присуство на повеќе од 70 делегации коишто се предводени од нивните шефови пред се министри за надворешни работи. Целосно сме подготвени сите служби и секторот за внатрешни работи, одделот за заштита на одредени личности, објекти, единицата за службени кучиња и воздухопловната единица сите учествуваме во рамки на својот дел секако и другите институции“, изјави пред некој ден министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

За ништо да не се остави на случајот, извршен е и координативен состанок со Клиничкиот центар во Скопје, каде се договорени посебни протоколи за функционирање на дел од клиниките за перидот на одржување на Советот.

Се на се, Скопје, институциите, се подготвени да ги пречекаат бројните делегации кои ќе решаваат глобални прашања на „скопска маса“.

Извор: 24инфо

Latest Posts

Не пропуштај