More

    Косово, од една поинаква перспектива

    Народите на Косово се далеку од помирување, но тоа и понатаму останува единствена посакувана цел. Колумнистот на Рацин.мк, Љуан Имери ја напиша оваа репортажа после неколкудневниот престој во Косово со група пријатели – мировни активисти од просторот на бивша Југославија, предводени од Центарот за ненасилна акција. Репортажата има за цел подобро да се разбере контекстот на денешната ситуација таму и за улогата на активистите за помирување во поддршката на напорите да се донесат промени.

    Љуан ИМЕРИ

    Неретко разговараме и полемизираме за теми кои недоволно ги познаваме. Често имаме недоволно знаење, не го знаеме контекстот а уште помалку сме подготвени да ги гледаме работите од друга перспектива. Понекогаш навлегуваме и во најситни детали и често ја забораваме суштината, па и самата тема со која се бавиме. Но без разлика, ние секогаш имаме став, секогаш знаеме кој е виновен, а уште повеќе, секогаш знаме дека ние самите никогаш не сме (биле) криви.

    Како мировен активист долго време се бавам со соочувањето со минатото, иако свесен дека не можеме да ги решиме проблемите од минатото туку да дадам малку допринос за да не ни се повтори ужасот од минатото и да не бидеме нејзини заложници. Мојата работа, меѓу другото подразбира и многу патувања, тренинзи и среќавање со многу луѓе и особено работа со млади. Често за време на овие патувања и тренинзи кога разговараме за одредени теми од нашето конфликтно минато, имам впечаток дека помладите генерации (со исклучоци) немаат многу информации (да не кажам воопшто немаат) за тоа што (навистина) ни се случило, а и тоа што го знаат најчесто се сведува на локални и национални наративи кои се полни со омраза и предрасуди кои сите останати.

    Од друга страна, постарите генерации некако сѐ повеќе се убедени (секако со исклучоци) дека знаат за сѐ што ни се случило и точно знаат кој е крив и што бил проблемот, секако секој од своја гледна точка. Тешко ги менуваат своите ставови а уште потешко признаваат дека многу злосторства се случиле и во нивно, и во мое/наше име и сите ние денеска живееме со тој товар од минатото. Уште повеќе, не сме ни свесни дека ако не извлечеме поуки од минатото, тоа може да ни се повтори.

    Регион со бурна историја со многу конфликти

    Регионот има бурна историја обележана со многу конфликти. И денеска мирот во нашиот регион е загрозен како што е загрозена и надежта за траен мир. Неодамнешните случувања во овој дел од светот само покажуваат колку малку треба да се вратиме многу чекори назад.

    Со група пријатели – мировни активисти од просторот на бивша Југославија, предводени од Центарот за ненасилна акција, решивме да го посетиме Косово за подобро да го разбереме контекстот на денешната ситуација таму и да се среќаваме со мировни активисти кои играат клучна улога во поддршката на напорите да се донесат промени.

    Неретко мирот во Косово е нарушен со етнички тензии и конфликти, што доведе до длабоко вкоренети поделби. Разбирањето на реалноста, но и на контекстот, е од клучно значење за напорите за градење мир, бидејќи тоа обезбедува основа за помирување. Средбите со мировните активисти на терен ни беа од суштинско значење за стекнување увид на состојбите на терен како и за тековните напори за помирување. Имавме отворен дијалог со поединци посветени на мирот а тоа ни обезбеди перспектива од прва рака за предизвиците со кои се соочуваат и за постигнатиот напредок. Тоа што го видовме на терен е навистина интересно и се разликува од доминантните наративи со кои се соочуваме секојдневно.

    Многу генерации Албанци сонуваа Косово да биде независна и суверена држава. Просперитетна, демократска, економски силна и држава на можности. Држава во која сите нејзини граѓани ќе бидат еднакви, ќе имаат исти можности и држава која никогаш нема да дозволи да се повторат ужасите и страдањата од минатото. Цената за тоа беше висока, ама сепак денеска Косово е држава. Колку навистина е независна, суверена, просперитетна, демократска и колку се грижи за сите свои граѓани, секако дека може се полемизира, но сепак Косово е држава. А за платената цена, меѓу другото, говорат и сликите на убиените 1133 деца кои ги видовме на изложбата во Фондот за хуманитарно право на Косово. Тажно и болно! Да, на едно место во центарот на Приштина има изложба со предмети на дел од децата кои биле убиени за време на војната на Косово. Преку предметите што ги поседувале децата, изложбата укажува на непредвидливоста и вечната болка за нивната смрт, а од друга страна се испраќа јасна порака дека тоа никому не треба да му се повтори. Ги има и сликите на сите убиени деца. На тоа место, после многу години ја видов и сликата на мојот другар Менсур кој беше убиен заедно со неговото семејство во 1999 година. Имињата на сите деца беа испишани на еден долг ѕид,  но тоа што навистина ми остави впечаток е дека таму беа имињата на сите деца, без разлика на нивната етничка припадност, таму децата се деца. Огромна беше и болката на родителите кои доаѓаат да ја посетат изложбата. Болката и тагата таму нема етничката припадност.

    За време на ова патување бевме запознаени и со предизвиците и тешкотиите со кои се соочува Ресурсниот центар за исчезнати лица, за мрежата на организации што ги вклучува и албанските и српските здруженија на исчезнати лица и како тоа е тешка и макотрпна работа, во постојана зависност од дневната политика. За жал и денеска после 24 години од војната многу семејствата сеуште ги бараат своите најблиски.

    Митологијата е длабоко втисната во сѐ што се случува и денес во Косово

    Ја посетивме и Митровица. На пат кон Митровица застанавме да ги посетиме Газиместан и турбето на Султан Мурат, иако тие не се тема на нашата работа сепак митологијата е длабоко втисната во се што се случува и денес во Косово. А во Митровица беше тензично, но мирно. Наједноставно можеше да се помине преку мостот кој ги поврзува, односно раздвојува северниот со јужниот дел на градот. Но, животот сепак тече, а тој не е лесен за еден Србин (не дека животот на еден Албанец е многу полесен). Србите живеат помеѓу два огна, помеѓу официјалната политика и пропаганда на Белград, која секојдневно ги убедува дека тие се дел од Србија и реалноста, која секојдневно ги соочува со фактот дека Косово е независна држава. Живеат во надеж дека нема да вклучат сирените и дека не мора да излезат на барикади. А мораат, посебно тие што се на платните списоци на Србија. Се надеваат дека еден ден некој и нив ќе ги праша за било што наместо некој друг да одлучува во нивно име. Локалните Срби ја чекаат „Заједницата“ а реално и не знаат какви промени ќе донесе таа. Србите и не знаат што реално добиваат а Албанците не знаат што реално губат од „Заједницата“, но сепак сите имаат јасен став: Србите дека таа мора да се формира, а Албанците дека никогаш нема да ја има!

    Животот таму е под постојани притисоци, конфликти и неизвесност која трае со децении и ги обесхрабрува постапките кои би довеле до вистински промени. Ретко се истакнуваат приказните на поединци кои работат на помирување и кои можат да ги инспирираат  другите да се приклучат на каузата и да се спротивстават на расколните наративи.

    Стратегии за помирување само на хартија, без имплементација

    За време на ова студиско патување посетивме и неколку градови и многу местата на културното наследство. Овие локации не само што ја прикажуваат богатата историја на регионот, туку би требало да служат и како мостови меѓу заедниците. За жал, во моментот не служат за тоа. Косово е дом на некои од најимпресивните културни споменици во регионот, на пример манастирот Грачаница, која е вклучена во списокот на светско наследство на УНЕСКО. Ги видовме и прекрасните џамии и цркви во Призрен. Не може а да не ги забележите и многуте милитантни споменици на загинатите припадници на ОВК. Насекаде има гробишта со цивилни жртви жртви. Интересно, во Приштина меѓу другото има подигнато споменик на поранешниот претседател на САД и државниот секретар на САД.

    Косово се стреми да постигне еднаквост и почитување на правата на сите граѓани. Модерен Устав, одлични законски решенија, максимална заштита на најзагрозените… на хартија! Ова беше заклучокот од повеќето наши соговорници, без разлика на етничката припадност. Недостасува соодветна имплементација. Поддршката на локални иницијативи кои промовираат меѓукултурен дијалог, образование и економска соработка кои придонесуваат за одржлив мир ја нема. Недостасуваат кроскултурни настани за луѓето да се соберат, да го слават заедничкото наследство и да соработуваат на проекти кои промовираат единство. Искористувањето на медиумите за ширење на позитивни приказни за соработка и мировни иницијативи е од суштинско значење, а тоа или е ретко или воопшто го нема.

    Косово го има најмладото население во Европа. Има огромен потенцијал, но и покрај напредокот, Косово се соочува со предизвици поврзани со економскиот развој и интеграцијата во меѓународната заедница. Тоа е место каде што се испрепреплетуваат судбините на многу богати и многу сиромашни луѓе. Масовно се гради. Урбаната мафија ја има узурпирано секоја зелена површина.

    Кога патувате во Косово не само што посетувате место туку зачекорувате во историјата и културата на овој уникатен регион. Различноста, хармонијата и убавината на Косово се подготвени да ве освојат. Косово за повеќето гости беше вистинско гастрономско откритие. Косовската кујна е неверојатно разновидна, од традиционалните јадења па сѐ до ултрамодерните чинии за кои никогаш немавме слушнато претходно. Уживавме во гостопримството на локалното население, и се чувствувавме убаво без разлика во кој дел од Косово се наоѓавме.

    Тука може да ги видите дел од сликите од студиското патување.

    Извор: Рацин

    Exit mobile version