Последни написи

(ВИДЕО) „Полиграф“: Кој дезинформираше дека претседателот на ФФМ Сејдини не се израдувал на голот на Барди со Англија?

Дезинформациите се присутни не само во политичките, туку и во спортските вести, особено кога тие се преплетуваат со политика. Таков е случајот со порталот „sport1.mk“, кој на 21.11.2023 објави текст со наслов „Зошто само претседателот на ФФМ не се радува на голот на Барди?! (ФОТО)“.

Во текстот се тврди дека: „Над 25 илјади домашни навивачи се израдуваа на водството на македонската репрезентација, но не и оној кој би требало да биде прв меѓу нив затоа што е на чело на Федерацијата.“. Освен тоа, во текстот се тврди и дека претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини „остана ладен како шприцер во моментите на големото славје“. Текстот на „sport1.mk“ завршува со констатацијата: „Само тој знае зошто не се израдува на водството против една од најсилните европски и светски репрезентации“.

Но, дали е вистина дека Сејдини останал ладен „како шприцер“, и не се израдувал по голот на Енис Барди и водството од 1:0 на нашата репрезентација против репрезентацијата на Англија?

Сејдини на 21.11.2023 на својот Фејсбук профил објави видео од кое јасно се гледа дека заедно со претседателот Пендаровски се радуваат на голот на Барди.

И порталот „Gol.mk” објави на Фејсбук дека „Муамед Сејдини го проследи мечот заедно со претседателот на државата, Стево Пендаровски и заедно го прославија голот на Барди“. А проверувачите на факти од Цивил Медиа објавија текст со наслов  „Дезинформација е дека претседателот на ФФМ не се радува на голот на Барди“, укажувајќи дека „Објавата на порталот „Спорт1“ предизвика говор на омраза по етничка основа“.

Додека многу граѓани заеднички се радуваа на голот на Барди, „Спорт 1“ манипулираше и дезинформираше. И откако Сејдини објави видео кое ја демантира лажната вест, „Спорт 1“ не се извини, ниту ја коригираше дезинформацијата. Граѓаните треба да бидат внимателни со вакви вести, кои може да поттикнат омраза и нарушување на меѓуетничките односи.

Latest Posts

Не пропуштај