More

    КСЗД: Најмногу случаи на дискриминација преку јавно информирање и медиуми врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет

    Од изнесените податоци на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација забележително е дека најчести основи за дискриминација во областа на јавно информирање и медиуми се сексуалната ориентација, која ја има во 37 случаи од вкупните 58 во кои комисијата утврдила дискриминација, потоа дискриминацијата врз родов идентитет, кој е утврден во 30 случаи, како и припадноста на маргинализирана група, основа која е утврдена од страна на комисијата во 21 случај од вкупните 58 случаи со утврдена дискриминација.

     

    Пишува: ЉУБИША АРСИЌ

    Јавното информирање и медиумите се меѓу областите за кои се поднесуваат често претставки за утврдување дискриминација пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Право да поднесе претставка има секој граѓанин, група, организација, претпријатие, политичка партија…секој оној што смета дека е дискриминиран со нечиј јавно искажан збор, дали на традиционалните медиуми, на интернет порталите или на социјалните медиуми.[i]

    Институтот за медиуми и аналитика ИМА ги анализираше податоците со преставките до КСЗД поднесени во областа на јавно информирање и медиуми. Заклучно со 3 ноември, 2023 година, до Комисијата се поднесени вкупно 868 претставки во сите области, а 337 од нив се однесуваат на областа јавно информирање и медиуми, односно 39 отсто од вкупниот број поднесени претставки.

    Подетално, во 2021 година биле поднесени 17 претставки, во 2022 година бројката е 76, додека оваа, 2023 година, биле поднесени 244 претставки по овој основ. Зголемувањето на претставките од година во година зборува за тоа дека оние, кои се сметаат за дискриминирани преку јавен настап, имаат сè поголема доверба во комисијата. Покрај издадените мислења во однос на претставките, КСЗД има покренато и три постапки по службена должност, една во 2021 година, и две во 2022 година.

    Во 58 предмети е утврдена дискриминација во областа на јавно информирање и медиуми

    Од поднесените 337 претставки во областа на јавно информирање и медиуми, во 58 случаи комисијата утврдила дека постои дискриминација. Во 8 случаи тоа било во 2021 година, во 37 во 2022 и во 13 предмети во 2023 година.

    Од КСЗД за ИМА информираат дека дискриминацијата најчесто е утврдена во форма на вознемирување или како и повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација, а во дел од случаите се утврдени и двете форми истовремено. Поголем број од случаите, или 38, се утврдени како вознемирувачки говор, односно повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација насочен кон припадниците на ЛГБТИ+ заедницата врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група и други основи.

    Според Комисијата, утврдени се 14 случаи на вознемирување, односно повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација врз национална или етничка основа, од кои во пет случаи кон граѓани, кои се посочени во претставката дека се со бугарско национално самосознание, во два случаи кон граѓани кои се припадници на ромската етничка заедница, исто така во два случаи врз граѓаните кои се припадници на турската етничка заедница, во по еден случај кон припадниците на албанската етничка заедница и граѓаните со бугарско национално самосознание, а во еден случај врз припадниците на албанската етничка заедница и Македонците со муслиманска вероисповед врз основа на верска припадност.

    Комисијата утврдила и два случаи, во кои дискриминирачкиот говор врз етничка и друга основа бил насочен кон конкретни лица кои биле подносители на претставката – во првиот врз припадничка на бошњачката етничка заедница, а во вториот случај врз припадник на влашката етничка заедница како и воопшто врз граѓаните кои се припадници на истата етничка заедница.

    Во останатите 6 случаи, утврден е еден со вознемирувачки говор врз лицата со попреченост, еден случај на вознемирување и сексуално вознемирување врз сексуалните работнички, два случаи врз граѓанки врз основа на пол, род и други основи, еден случај на вознемирување врз основа на политичко и друго уверување, како и еден случај на сексуално вознемирување кон граѓанка врз основа на пол и род.

    Лимко Бејзароски, потпретседател и член на Комисијата, во врска со овие 58 случаи во кои е утврдена дискриминација во областа на јавно информирање и медиуми, за ИМА ја пренесува фактичката состојба – колку од постапките завршиле со јавно извинување кон жртвите, во колку постапки се испочитувани препораките кои Комисијата ги наведува во мислењата за предметите и што се случува со оние предмети во кои дискриминаторите не го испочитувале мислењето на КСЗД?

    „Според нашата статистика, генералниот процент на исполнување на препораките (јавно извинување и други препораки) е поголем од 70 отсто, што укажува на тоа дека поголем број од дискриминаторите ја сфатиле улогата на комисијата, а уште подобро дека сфатиле оти сториле некаков вид дискриминација од областа на јавно информирање и медиуми. Во сите останати случаи поднесуваме барања за поведување прекршочна постапка пред надлежен суд. Со поднесувањето на барањето за поведување на прекршочна постапка завршуваат законските надлежности на комисијата, односно тука е завршницата на случајот, понатаму судот одлучува дали ќе води постапка и дали прекршочно ќе го казни тој што не постапил по препораката изнесена во нашето мислење за конкретниот случај. Ова упатува на заклучокот дека завршница има во сите случаи од наша страна, во смисла на преземени активности согласно надлежностите на КСЗД“, анализира Бејзаровски за ИМА.

    Видови дискриминација кои ги утврдува КСЗД

    Во членот 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација[ii] е дефинирана дискриминаторската основа:

    „Се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.“

    Во неколку членови потоа, се дефинираат видовите дискриминација кои ги утврдува комисијата во областа на јавно информирање и медиуми. Членот 8[iii] од законот дефинира и разликува директна и индиректна дискриминација:

    (1) Директна дискриминација постои кога со едно лице или со група се постапува, се постапувало или би се постапувало понеповолно во однос на друго лице или група во фактичка или можна споредлива или слична ситуација, врз дискриминаторска основа.

    (2) Индиректна дискриминација постои кога преку навидум неутрални прописи, одредби, критериуми, програми или практики, се става некое лице или група во понеповолна положба врз дискриминаторска основа во споредба со други лица или група лица, освен кога произлегува од легитимна цел, а средствата за постигнување на таа цел се пропорционални, односно се соодветни и неопходни.

    Членот 9 се однесува на  повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација – „Повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација е секоја активност со која посредно или непосредно се повикува, охрабрува, дава упатства или поттикнува да се изврши дискриминација врз дискриминаторска основа“.[iv]

    Членот 10 го дефинира вознемирувањето како облик на дискриминација:

    „(1) Вознемирувањето претставува несакано постапување кон лице или група лица врз дискриминаторски основи што има за цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика. (2) Сексуално вознемирување е каков било облик на несакано вербално, невербално или физичко постапување од сексуална природа, што има цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика“.[v]

    Членот 11 од Законот се однесува на дискриминацијата според виктимизација – „Виктимизација претставува трпење на штетни последици од страна на лице поради преземање дејства за заштита од дискриминација, односно пријавило дискриминација, почнало постапка за заштита од дискриминација, сведочело во текот на постапката или на друг начин учествувало во постапка за заштита од дискриминација.“[vi]

    Членот 12 пак, ја дефинира сегрегацијата како облик на дискриминација –„Сегрегација е физичко одделување на лице или група лица врз дискриминаторска основа без легитимна или објективно оправдана цел.“[vii]

    Покрај овие облици,  Законот дефинира и потешки облици на дискриминација – „Како потежок облик на дискриминација, во смисла на овој закон, се смета повеќекратна дискриминација, интерсекциска дискриминација, повторена дискриминација и продолжена дискриминација.“

    Сите 58 случаи на утврдена дискриминација
    • Во 2021 година, Комисијата утврдила дискриминација во областа на јавното информирање и медиуми во осум случаи. Во шест од случаите, Комисијата утврди вознемирување, во еден директна дискриминација и во еден вознемирување и повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација и вознемирување. Дискриминацијата во тие осум случаи била сторена врз следните основи:
    • Сексуална ориентација во 5 од 8 случаи
    • Родов идентитет во 4 од 8 случаи
    • Припадност на маргинализирана група во 4 од 8 случаи
    • Пол во 3 од 8 случаи
    • Национална или етничка припадност во 2 од 8 случаи
    • Род во 2 од 8 случаи
    • Раса во 1 од 8 случаи
    • Боја на кожа во 1 од 8 случаи
    • Семејна или брачна состојба во 1 од 8 случаи
    • Имотен статус во 1 од 8 случаи
    • Лично својство и општествен статус во 1 од 8 случаи
    • Друга основа во 1 од 8 случаи
    ТАБЕЛА СО МИСЛЕЊАТА НА КСЗД ЗА 2021 ГОДИНА
    Мислење на КСЗД број: Вид и основ на дискриминација:
    05-318/4 Родов идентитет, сексуална ориентација и припадност на маргинализирана група
    0801-119/5 Раса, боја на кожа, етничка и национална припадност, припадност на маргинализирана група, имотен статус
    0801-278/8 Пол, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, сексуална ориентација и родов идентитет
    0801-312/5 Пол и род 
    08-139/2 Сексуална ориентација 
    08-149/8 Сексуална ориентација и родов идентитет 
    08-255/5 Сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група
    08-278/3 Пол, род, брачен статус, личен и општествен статус 

     

    Минатата, 2022 година КСЗД утврдила дискриминација во областа на јавното информирање и медиуми во 37 случаи. Во 19 случаи е утврдено вознемирување, во четири повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација, а во 12 вознемирување и повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација. Во еден случај е утврдено сексуално вознемирување, а во друг случај вознемирување и сексуално вознемирување. Дискриминацијата во овие 37 случаи била сторена врз следните основи:

    • Сексуална ориентација во 25 од 37 случаи
    • Родов идентитет во 20 од 37 случаи
    • Припадност на маргинализирана група во 16 од 37 случаи
    • Пол во 14 од 37 случаи
    • Лично својство и општествен статус во 10 од 37 случаи
    • Национална или етничка припадност во 8 од 37 случаи
    • Род во 5 од 37 случаи
    • Религија или верско уверување во 1 од 37 случаи
    • Политичко уверување во 1 од 37 случаи
    • Друго уверување во 1 од 37 случаи
    • Попреченост во 1 од 37 случаи
    • -Семејна или брачна состојба во 1 од 37 случаи
    ТАБЕЛА СО МИСЛЕЊАТА НА КСЗД ЗА 2022 ГОДИНА
    Мислење на КСЗД број: Вид и основ на дискриминација:
    08-109/10 Пол, припадност на маргинализирана група, сексуална ориентација, етничка припадност, личен и општествен статус, родов идентитет
    08-125/5 Етничка припадност 
    08-142/6 Родов идентитет и припадност на маргинализирана група 
    08-146/6 Етничка припадност 
    08-15/4 Пол, припадност на маргинализирана група, сексуална ориентација, личен и општествен статус, родов идентитет
    08-16/4 Пол, род, сексуална ориентација 
    08-161/3 Сексуална ориентација и родов идентитет 
    08-163/4 Сексуална ориентација и родов идентитет 
    08-165/4 Сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, личен и општествен статус
    08-170/4 Сексуална ориентација и родов идентитет 
    08-184/3 Сексуална ориентација 
    08-201/4 Пол, родов идентитет, припадност на маргинализирана група и сексуална ориентација
    08-227/7 Етничка припадност 
    08-296/4 Сексуална ориентација и родов идентитет 
    08-306/3 Етничка припадност и припадност на маргинализирана група 
    08-327/7 Пол, род, сексуална ориентација и родов идентитет 
    08-334/3 Сексуална ориентација и родов идентитет 
    08-335/3 Попреченост 
    08-340/4 Припадност на маргинализирана група, сексуална ориентација и родов идентитет
    08-343/6 Сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група
    08-36/5 Пол и род 
    08-368/20 Пол, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, личен и општествен статус
    08-37/5 Национална и етничка припадност, друго уверување, личен и општествен статус
    08-40/5 Пол, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група и личен и општествен статус
    08-41/5 Сексуална ориентација 
    08-412/4 Пол, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група и личен и општествен статус
    08-493/3 Сексуална ориентација 
    08-516/4 Пол, припадност на маргинализирана група, сексуална ориентација, родов идентитет, личен и општествен статус
    08-526/4 Припадност на маргиналзирана група и сексуална ориентација 
    08-561/3 Припадност на етничка група 
    08-62/1 Пол, припадност на маргинализирана група, лично својство и општествен статус, сексуална ориентација, родов идентитет
    08-63/1 Пол, припадност на маргинализирана група, лично својство и општествен статус, сексуална ориентација, родов идентитет
    08-68/2 Етничка припадност и религија и друго уверување 
    08-72/1 Политичко уверување и етничка припадност 
    08-90/1 Пол, припадност на маргинализирана група, сексуална ориентација, родов идентитет, личен и општествен статус
    08-93/1 Род, припадност на маргинализирана група 
    08-94/1 Пол, род, припадност на маргинализирана група, семејна и брачна состојба, сексуална ориентација

     

    Годинава, до 3 ноември, Комисијата утврдила дискриминација во областа на јавното информирање и медиуми во 13 случаи. Во 11 случаи е утврдено вознемирување, а во два е утврдено вознемирување и повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација. Дискриминацијата во овие 13 случаи била сторена врз следните основи:

    • Сексуална ориентација во 7 од 13 случаи
    • Родов идентитет во 6 од 13 случаи
    • Национална или етничка припадност во 5 од 13 случаи
    • Припадност на маргинализирана група во 3 од 13 случаи
    • Друго уверување во 2 од 13 случаи
    • Пол во 1 од 13 случаи
    • Религија или верско уверување во 1 од 13 случаи
    • Политичко уверување во 1 од 13 случаи
    • Лично својство и општествен статус во 1 од 13 случаи
    ТАБЕЛА СО МИСЛЕЊАТА НА КСЗД ЗА 2023 ГОДИНА
    Мислење на КСЗД број: Вид и основ на дискриминација:
    08-141/1 Етничка припадност, религија или верско уверување и друго уверување 
    08-171/5 Етничка припадност 
    08-176/3 Етничка припадност 
    фф08-18/3 Етничка припадност 
    08-249/3 Етничка припадност 
    08-256/3 Сексуална ориентација и родов идентитет 
    08-274/4 Пол, припадност на маргинализирана група, личен и општествен статус, сексуална ориентација, родов идентитет
    08-316/5 Сексуална ориентација и родов идентитет 
    08-339/5 Сексуална ориентација 
    08-34/3 Припадност на маргинализирана група, сексуална ориентација и родов идентитет 
    08-39/4 Политичка припадност и други видови уверувања 
    08-428/9 Мислењето не е објавено
    08-439/4 Сексуална ориентација и родов идентитет 
    Сексуалната ориентација, родовиот идентитет и припадноста на маргинализирана група се најчеста основа за дискриминација

    Од изнесените податоци на КСЗД, забележително е дека најчести основи за дискриминација во областа на јавно информирање и медиуми се сексуалната ориентација – во 37 случаи од вкупните 58 во кои комисијата утврдила дискриминација, потоа дискриминацијата врз родов идентитет – утврдена во 30 случаи, како и припадноста на маргинализирана група – во 21 случај од вкупните 58 случаи со утврдена дискриминација. Овие основи, во речиси сите мислења на КСЗД, се поврзани со припадници на ЛГБТИ+ заедницата, или најмногу жртви на јавно дискриминирање преку медиумите биле токму лицата од оваа заедница. Во мислењата на Комисијата најчесто препораката е јавно извинување од страна на дискриминаторот кон жртвата. Покрај ова, комисијата сè уште нема издадено општа препорака со цел да се намалат ваквите случаи со ЛГБТИ+ заедницата.

    „Членки сме на мрежа за борба против говор на омраза во медиуми, имаме меморандум за соработка со Агенција за аудио и аудиовизуелни услуги и меморандуми за соработка со низа граѓански организации, кои работат на унапредување и заштита на правата на припадниците на ЛГБТИ+ заедницата. Комисијата нема дадено општа препорака за вознемирувачкиот говор на социјалните мрежи, бидејќи не постои целисходност за истата, нема кон кого конкретно да ја упати“, смета потпретседателот на КСЗД, Лимко Бејзароски.

    Наспроти фактот дека припадниците на ЛГБТИ+ заедницата се најбројни жртви на дискриминација преку медиумите, Комисијата нема податок која категорија граѓани е најголем дискриминатор, особено кон оваа заедница.

    „Комисијата при постапувањето не врши анализа или профилирање по некаква лична карактеристика на утврдените дискриминатори, од причина што не може со сигурност да ги знае личните карактеристики на дискриминаторите,“ пренесува Бејзароски за ИМА.

    Прекршочни одредби

    Како што најголем дел од претставките се поврзани со ЛГБТИ+ заедницата, така и најголем дел од прекршочните постапки кои Комисијата ги побарува пред судот се за случаите во кои дискриминирани се лицата со различна сексуална ориентација или различен родов идентитет.

    Иако по отворањето на судската постапка сите ингеренции за одлука и санкција преминуваат кај судот, сепак Комисијата има право да ги следи судските процеси и да има директен увид како ќе заврши одреден предмет во кој е утврдена дискриминација. А судот, според Законот за спречување и заштита од дискриминација, може да одреди парични казни за дискриминаторите.

    Во членовите 41 и 42[viii] од законот таксативно се набројани сите глоби кои судот може да ги изрече. Дали сумите се доволни за да ги спречат актулените дискриминатори да го повторат делото, или да спрчечат идни дискриминатори, е тема која постојано се коментира во изминатиот период, а на крај може да биде и дел од законските измени кои се подготвуваат и од страна на КСЗД и од европски експерти.

    Само за илустрација, со некои од прекршочните одредби: ако дискриминацијата ја стори физичко лице се казнува со паричен надомест од 50 до 150 евра, односно од 100 до 250 евра ако дискриминацијата е со потежок облик и се повторува. Казните за носители на јавни функции или градоначалници се од 100 до 400 евра, односно од 200 до 500 евра ако дискриминацијата има потежок облик. Повисоки се само казните за правните лица кои може да достигнат и до 10 000 евра.

    Референци:

    [i] Закон за спречување и заштита од дискриминација, член 3, став 6,  Службен весник на РСМ, бр. 258 од 30.10.2020 година.

    [ii] Закон за спречување и заштита од дискриминација, член 5, Службен весник на РСМ, бр. 258 од 30.10.2020 година.

    [iii] Закон за спречување и заштита од дискриминација, член 8, Службен весник на РСМ, бр. 258 од 30.10.2020 година.

    [iv] Закон за спречување и заштита од дискриминација, член 9, Службен весник на РСМ, бр. 258 од 30.10.2020 година.

    [v] Закон за спречување и заштита од дискриминација, член 10, Службен весник на РСМ, бр. 258 од 30.10.2020 година.

    [vi] Закон за спречување и заштита од дискриминација, член 11, Службен весник на РСМ, бр. 258 од 30.10.2020 година.

    [vii] Закон за спречување и заштита од дискриминација, член 12, Службен весник на РСМ, бр. 258 од 30.10.2020 година.

    [viii] Закон за спречување и заштита од дискриминација, членови 41 и 42, Службен весник на РСМ, бр. 258 од 30.10.2020 година.

    Exit mobile version