More

    Европјаните одлучно напред со својата домашна задача, ние одлучно во место, чекајќи го Годо

    Фокусирани на нашето собраниско дрво, ние, нашите политичари и медиумите, пропуштивме минатата седмица да го упатиме и задржиме погледот кон европската шума во која има историски значајна динамика. Поврзано со надворешната, безбедносна и одбранбена политика на ЕУ, Европскиот Парламент повикува, одлуките за санкции, привремени чекори во процесот на проширување и други надворешнополитички одлуки да бидат донесувани со квалификувано мнозинство.

    Тони ПОПОВСКИ

    Фокусирани на нашето собраниско дрво, ние, нашите политичари и медиумите, пропуштивме минатата седмица да го упатиме и задржиме погледот кон европската шума во која има историски значајна динамика.

    Проследена со жестока дебата, Резолуцијата за измена на Договорите за ЕУ беше изгласана во Европскиот Парламент  со 291 глас „за“, 274 „против“ и 44 „воздржани“. Претходно беше изгласан Извештај, подготвен од страна на петмина коизвестувачи кои претставуваат широко мнозинство во Парламентот, сочинето од либералите, зелените, социјал демократите, социјалистите и централно-десничарската Европска народна партија. Во една реченица, Резолуцијата може да се резимира како предлог на Европскиот Парламент за значајни и сеопфатни реформи на Договорите за ЕУ, каде радикалното и амбициозното е најмногу поврзано со ставањето крај на едногласноста во носењето на одлуките и во предлогот за создавање на Европска одбранбена унија.

    Резолуцијата е заснована на препораките од  Конференцијата за иднината на Европа имајќи го во предвид и постоечкиот контекст на невидени од втората светска војна наваму, предизвици и повеќекратни кризи со кои се соочува Унијата и светот како целина.

    Поконкретно, и во контекст на институционалната реформа (домашната задача на ЕУ) се бара зајакнување на капацитетот на Унијата да дејствува со значително зголемување на бројот на области каде што за активностите се одлучува со гласање со квалификувано мнозинство (QMV) и преку вообичаената законодавна процедура (OLP). Поврзано со надворешната, безбедносна и одбранбена политика на ЕУ, Европскиот Парламент повикува, одлуките за санкции, привремени чекори во процесот на проширување и други надворешнополитички одлуки да бидат донесувани со квалификувано мнозинство и подвлекува дека предлозите предвидуваат исклучок од овој принцип за одлуките со кои се овластуваат воени мисии или операции со извршен мандат. На ова се надоврзува и повикот за формирање на одбранбена унија која вклучува воени единици и постојан капацитет за брзо распоредување под оперативна команда на Унијата, заедничките набавки и развојот на вооружувањето да се финансираат од Унијата преку посебен буџет со парламентарна со-одлука и контрола, и соодветно да се прилагодат надлежностите на Европската агенција за одбрана. Притоа се укажува дека  клаузулите во однос на националните традиции на неутралност и членството во НАТО нема да бидат засегнати од овие промени.

    Не помалку амбициозен е предлогот, Европскиот Парламент да има повеќе овластувања, добивајќи полноправно право на законодавна иницијатива и станувајќи ко-законодавец за долгорочниот буџет на ЕУ. Поврзано со Европската комисија предлогот е да биде преименувана во Европска влада (извршна власт), нејзиниот Претседател(ка) да биде номиниран од Парламентот и одобрен од Европскиот совет – земјите членки (сега е обратен процес), а Претседателот(ката) би ги избирал членовите на Комисијата (именувани како секретари) кои би биле редуцирани на вкупно 15  – ротирачки помеѓу земјите-членки, од сегашните вкупно 27.

    Значајна од реформски аспект е предложената редистрибуција на надлежности помеѓу земјите членки и институциите на Унијата која може да се резимира како целосно овластување за ЕУ во доменот на животната средина, цивилната заштита, јавното здравје, индустријата и образованието, и споделени надлежности со земјите-членки во областа на енергијата, надворешните работи, надворешната безбедност, одбраната и политиката на надворешните граници, како и прекуграничната инфраструктура.

    Во продожение и неколку извадоци од образложенијата и дебатата во Европскиот Парламент.

    Ги Верхофштад – поранешен белгиски премиер и европратеник од либерална провиниенција, предводејќи ја групата на коизвестувачи укажува на геополитичките притисоци, миграцијата и војната на прагот на ЕУ, како и на предизвиците поврзани со пандемиите, дигитализацијата, но и на прашањата поврзани со проширувањена Унијата, аргументирајќи ја потребата од реформи и надградба на Европската унија. Притоа Верхофштад потенцира дека нема повеќе оправдувања и дека Европскиот совет треба да започне Конвенција, со цел тековната дебата да доведе до конкретни подобрувања. Свен Симон  – германски европратеник од централно-десничарската Европска народна партија и коизвестувач, препорачува ЕУ да стане пофокусирана, поспособна за дејствување и поодговорна. Симон смета дека избирачите треба да одлучат кој ќе стане европски Премиер (претседател на Комисијата). Габриеле Бишоф, европратеничка – коизвестувач од социјал-демократска провиниенција,  забележува дека институционалната архитектура и процесите на донесување одлуки во ЕУ не се соодветни за целта, ако ЕУ сака да остане релевантна како глобален играч. Оттаму и потребата според Бишоф, да се изменат Договорите за ЕУ,  за да се зголеми капацитетот на ЕУ за дејствување, вклучително и префрлање од принципите на едногласност на гласање со квалификувано мнозинство и додавање нови надлежности за справување со новите глобални предизвици. Даниел Фројнд – коизвестувач и германски европратеник од Зелените, констатира дека промените на Договорите на ЕУ ќе ја направат европската демократија посилна и поотпорна, а потребните надградби ќе ја подготват Европската Унија за следната рунда на проширување. Фројнд е на мислење дека националните вета се безбедносен ризик за Европа и дека мора да им се стави крај. И последниот коизвестувач, Хелмут Шолц – европратеник на Социјалистите аргументацијата за реформи ја поткрепува со потребата од посилни заеднички социјални политики низ демократска трансформација кон одржлива економија и потенцијално проширување на Унијата.

    Аргументите на опозицијата на оваа Резолуција, сочинета претежно од групациите од крајната десница во Европскиот Парламент може да се сумираат како бучно предупредување за „опасно зграпчување на моќта“ од страна на европските институции и обид  „да се киднапира Европа“ и да се создаде „дистописка супер-држава која ги деградира земјите – членки до статус на региони“. Додека ние го чекаме Годо во нашето Собрание, ќе дочекаме шпанското претседателство со ЕУ, во декември да ги достави предлозите до Европскиот совет на шефовите на држави. Притоа, за одлука на Европскиот совет за свикување на Конвенција на ЕУ доволно е просто мнозинство. Конвенцијата би се одржала по европските избори закажани за почетокот на летото, 2024 година.

    Извор: Рацин

    Exit mobile version