Последни написи

Апасиев и Мицкоски преку медиумите си праќаат ишарети за можна коалиција

Пратеникот и претседател на Левица, Димитар Апасиев, во интервју за „А1он“ пред неколку дена изјави дека негоавата партија е подготвена по претстојните парламентарни избори да преговара со ВМРО-ДПМНЕ за формирање заедничка влада. Прашан од новинарот за став околу потенцијална коалиција со ВМРО-ДПМНЕ по изборите, Апасиев одговори дека сите опции се отворени.

„Ќе ги видиме условите. Ние преговараме принципиелно, ниту прв ниту последен пат. Ви кажав, ние сме прагматични, ние сме идеалисти до одредена граница и потоа прагматизмот не ни е туѓ, ние го покажавме тоа кога седнавме да ја куткаме владата на СДСМ и ДУИ. Таму имаше десничарски партии. Така што, ние сме незгодни играчи и после избори, сите опции се отворени“, рече Апасиев во интервјуто.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5 на 23 ноември, прашан дали неговата партија ќе се согласи на коалиција со Левица на изборите, не ја исклучи можноста за коалицирање со цел формирање влада по парламентарните избори в година.

„Никогаш во политиката не велете никогаш. Тие вредности се ставаат на маса и се прави политички договор“, одговори Мицкоски на прашањето на новинарот дали неговата партија би коалицирала со Левица и покрај тоа што, според новинарот, партијата негува анти ЕУ и анти НАТО ставови.

Ваквите изјави ги засилија претпоставките на јавноста за можна коалиција меѓу двете опозициски партии пред изборите, а претставници на СДСМ денес ја нарекоа можната коалиција како „проруски“ фронт.

„Во Македонија има проруски и проевропски фронт. Фронт кој сака режим и изолација повторно и фронт кој сака повисоки плати, пензии и подобар животен стандард. Фронт за заробени медиуми, заробена држава и слободарски фронт…Глас за Апасиев е глас за Мицкоски и обратно. Коалиција Девица!“, напиша потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев во објава на неговиот Фејсбук профил.

Р.С

Latest Posts

Не пропуштај