Последни написи

Префрлањето средства од еден во друг џеб е математичка операција, а не економија: Може ли буџетот да биде реален?

ВОЈО МАНЕВСКИ

Владата го донесе предлог-буџетот за идната година. Стручната јавност ќе си го каже својот збор, а политичките партии ќе го оценуваат според своите потреби во претстојната кампања. Неколку професори од економската струка веќе ги кажаа своите анализи правејќи споредба со минатите буџети, со инфлацијата или со претпоставениот раст на економијата. Ќе се наслушаме и понатаму за нереалните планирања, за инфлацијата или за можностите за реализација на приходната страна. Сето тоа е често зачинето со научни флоскули или интелектуални еквилибристики.

Тоа нека го прават тие, а јас ќе се задржам на една дефиниција на Кругман, во која се вели дека бројките можат да се менуваат, ама тенденциите не се лесни за промена. Преведено на јазикот на физиката, тоа значи дека, ако едно тело почне да паѓа, потребна е двојно поголема сила од силата на неговото паѓање за да се задржи да не падне. Колку подолго паѓа, толку се зголемува и силата на неговиот пад. Тоа значи дека и магионичар да ставиме за министер за финансии, тој мора да троши многу средства, за да го задржи буџетот да не падне. Како потврда на ова мое тврдење, погледнете само на вестите колку штрајкови има на администрацијата и колку бараат покачување на платата.

Значи, кој и да е министер, мора да балансира меѓу социјалниот мир и реалната можност на  економијата. Наследството од скоро половината на буџетот кој оди за плати и социјални трансфери е како силата што го влече предметот сè побргу во пад.

Нашиот бруто раст е така конципиран што тежиштето му е на потрошувачката и растот од околу два проценти (1,8-2,1%), всушност, не е реален раст на материјалното богатство, туку повеќе е статистичка операција која во суштина го оправдува она што не е произведено како вредност. Накратко, трошиме повеќе отколку што печалиме. Кога тоа со децении се повторува, резултатот се гледа во висината на внатрешниот и надворешен долг. А и така поделен, тоа е статистичка операција, затоа што долгот е долг и тој мора да се врати и тоа со камата.

Ако се земе предвид дека буџетскиот дефицит се одредува и се полни со кредити, а се употребува за капитални инвестиции, заклучокот е лесен. Она што ќе го прибереме како буџет е за некое минимално преживување . А и за овој дел се земаат кредити за да се извршат низата на наследени обврски. Заклучокот сами донесете го, без да ве заморуваат стручните анализи.

Буџетот има два дела. Едниот е приходниот, а другиот е расходниот дел. Експертите тврдат дека имаме сива економија од над 30% . Тоа значи дека таквите „бизмисмени“ парите што треба да ги платат за даноци си ги задржуваат. Прво, тие се поконкурентни на пазарот, а второ, потребниот дел за полнење на буџетот мора да се зема од оние кои се евидентирани како даночни обврзници.

Чија задача е да нема ваква неправедност? Се разбира, на државниот апарат кој има законска обврска тоа да го прави. Значи, со своето неработење, тие, државната администрација, директно ја намалуваат основата од која земаат плата. Кога протестираат, треба ли и ова да го имаат предвид?

Бидејќи се државен апарат, тие не се на пазарот на трудот и нивната плата ќе им се исплати иако се нерентабилни. Платата ќе им се исплати, ама ќе нема за некој друг дел од расходниот дел на буџетот.

Пензиите и пензионерите се посебна приказна за состојбите во нашето општество. Голем број пензии се мали и недоволни за живот. Тоа е општа констатација. Значи, нешто над милијарда евра ќе треба да се дадат за пензиите директно од буџетот. Ако пензиите се засновани врз генерациска солидарност, тоа значи дека оние што сега уплаќаат придонеси им обезбедуваат и пензии на пензионерите. Фондот одамна не е солвентен за потполно сервисирање на пензиите и се дотира од буџетот. Значи, оние што го полнат буџетот го полнат и фондот.

Статистичка операција е податокот дека и администрацијата плаќа придонеси во фондот. Едноставен е следот, тие земаат од буџетот, а од бруто плата даваат за фондот. Значи, врти-сучи сè е од истото место. Од буџетот кој се полни од реалниот сектор.

А рековме дека сивата економија за 30% ја намалува основата за оданочување.

Заклучокот е дека, ем не си ја работат работата, ем го продолжуваат процесот на трансфер на средства до  корисниците. Време ли е да се размислува за австралискиот пензиски систем каде што пензиите се даваат директно од буџетот? Треба да се направи нов даночен систем? А да прашам дали овој систем функционира, ако има евазија и една третина сива економија?

За да се заштеди треба да се намали потрошувачката. А ако се намали потрошувачката, ќе се намали Бруто домашниот раст. Е, ај сега каде да се реформира и каде тој магичен круг да се прекине?

Одговорот е едноставен.

Треба да се намали државниот апарат за да не се трошат средства за нив кога користа е недоволна. Ако се намали нивниот број ќе има средства за поголеми плати на оние што ќе останат да работат, ќе се зголеми ефикасноста на администрацијата а економијата ќе има корист со што ќе може да го зголеми  реалниот раст. За да се ослободат средства кај компаниите за инвестиции, државата треба да го олабави даночниот колан. Ако тоа не го стори, тие ќе бараат помош од буџетот за да опстанат и да не се загубат голем број на работни места. За да помогне, државата зема кредит и за да го враќа мора да ја зголеми или даночната основа или да бара нови даноци со кој ќе ги товари компаниите.

Како магично коло кое се врти, а последиците ги остава за утре или за некој нови генерации политичари и граѓани. Само погледнете го процентот на задолженост. Тој е веќе над 60%. Значи, од 14 милијарди евра од БДП, веќе сме потрошиле околу осум милијарди евра. До кога ќе можеме вака? Според онаа народната изрека „бардакот носи вода додека не се скрши“. Бидејќи ваквите реформи се болни и е потребна политичка волја и еден вид нов општествен договор, тоа треба да е прашање кое се поставува пред партиите кога ќе ја бараат граѓанската доверба. Колку тоа се оддолжува, толку ќе биде поголема цената. Вината нема да биде само на политичките партии, туку и на стручната јавност и, пред сè, на граѓаните. Државите можат да опстанат и да се развиваат само ако заедничките интереси се пред групните или поединечните. Последиците се пропаѓање, а мандатите се разликуваат само според  брзината на девастација на системот.

Буџетскиот дефицит се употребува за капитални инвестиции кои утре треба да поттикнат поголем економски раст и со кој се враќаат кредитите. Едноставно е, нели?

Вообичаено, се проектира некаде околу износот на предвидениот раст за идната година. Најчесто пишуваме дека реализацијата на капиталните инвестиции се со процент од околу половината. Ова е како крвна слика за способноста на државата и покажува дека организмот е заболен и не може да се брани од разни болести. Синџирот на префрлање на средства од еден во друг џеб е математичка операција, а не економија и е добро за академски расправи, а не за реален раст на производството и профитот.

Еднаш напишав дека буџетот не е „брцни, земи си“, туку план за собирање и трошење на средствата на граѓаните. Од домаќинското собирање и трошење на овие средства зависи оценката за одговорноста на политичките елити. Сè друго имате во нивните кампањи.

Извор: ЦивилМедиа

Latest Posts

Не пропуштај