Последни написи

Богоев: Нови гранични премини, Маркова нога и Клепало и воведување нов граничен бизнис хаб

Модернизација и воведување нови гранични премини, Маркова нога и Клепало, како и целосна дигитална трансформација со воведување на нов граничен бизнис хаб за вршење на целиот увоз, извоз и транзит од едно место, најавува директорот на Царинска управа, Стефан Богоев во интервју за Извоз.мк.

Во интервјуто, директорот Богоев вели дека Царинската управа, интензивно работи на проектите за изградба на нови гранични премини, на Маркова нога со Грција и на Клепало со Бугарија. За изградба на овие гранични премини веќе се обезбедени средства од Европската Унија.

Воедно како што потенцира ќе се модернизираат и реконструираат и граничните премини Деве Баир и Ќафасан. Реконструкцијата на овие премини ќе придонесе кон забрзување на транспортот и зголемување на трговската размена.

„Царинската управа е една од клучните институции за забрзување на економската интеграција и подобрување на условите за инвестиции. Ова несомнено бара и поголема регионална соработка која ќе овозможи побрза регионална интеграција, овозможувајќи економијата во државата да расте со повисока стапка.

Од овој аспект спроведени се политики коишто веќе испорачуваат позитивни резултати. Во рамки на Отворен Балкан, имплементирани се значителни мерки, меѓу кои воведениот концепт за оне-стоп-шоп на Табановце и Ќафасан со што се овозможи унапредување на движењето на луѓе и стока преку заедничките државни граници на земјите од оваа иницијатива“, вели Богоев.

Богоев потенцира дека за забрзување на трговијата и транспортот, како една од клучните политики за забрзана економска интеграција, од голема важност е имплементацијата на новиот национален едношалтерски систем што ќе овозможи извршување на сите процеси за царинење од едно место.

„Технолошкиот напредок бара постојано унапредување како и воспоставување нови ИТ системи коишто ќе овозможат забрзување на транспортот. Во таа насока се и барањата од Европска унија за воведување на ИТ системи според најновите европски спецификации, за кои пак исто така е потребно усогласување на законодавство за да се овозможи примена на тие системи во пракса. Овде би сакал особено да ги истакнам заложбите на Царинската управа во спроведување на Проектот за воспоставување на нов Национален едношалтерски систем, кој ќе функционира како нов граничен бизнис хаб за одвивање на целиот увоз, извоз и транзит на едно место. Ова значи дека сите процеси поврзани со царинење на стоките ќе се завршуваат под еден покрив, што за бизнис заедницата значи заштеда на време и средства“, истакна Богоев.

Од голема важност за целосна дигитална трансформација на Царинската управа е и имплементацијата на Новиот компјутеризиран транзитен систем – НКТС 5, што во пракса значи нова верзија на системот за транзит со подобрени функционалности, согласно европските спецификации.

Модернизацијата на премините и дигитализацијата на процесите, ќе придонесе за олеснување на трговијата и забрзување на транспортот во регионот и на меѓународно ниво, зголемување на конкурентноста на македонската економија, а истовремено испраќа позитивен сигнал за странските инвеститори во нивните одлуки за инвестирање во нашата држава.

Извор: Извоз.мк

Latest Posts

Не пропуштај