Последни написи

(АНАЛИЗА) Доаѓа ли време кога ќе имаме медиуми, а ќе немаме новинарство за теми од животен интерес?

Зошто големите јавни теми  – „демократски институции“, „владеење на правото“ и „реформа на јавна администрација“ – се вон главниот фокус на медиумите?

Експертите одговараат на прашања во врска со медиумското маргинализирање на големите јавни теми од животен интерес за граѓаните – „демократски институции“, „владеење на правото“ и „реформа на јавна администрација“.

Пишува: ЉУБИША АРСИЌ

По мониторингот на медиумите за темите „демократски институции“, „владеење на правото“ и „реформа на јавна администрација“ во периодот 2022-2023 година, Институтот за медиуми и аналитика ИМА заклучува дека „овие теми честопати се маргинализирани во медиумите и поклопени од политички, идентитетски и историски прашања, особено во контекст на преговорите на земјата за членство во Европската унија и актуелните спорови за овие прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија“.[i] Во поголем дел од медиумите се забележува површно третирање на овие теми и недостаток на продлабочено, аналитичко и подетално информирање на јавноста и граѓаните за важни аспекти и процеси поврзани со овие теми, се констатира во публикацијата на ИМА „Во(н) фокусот на медиумите: Демократски институции, владеење на правото и реформи во јавната администрација“ – извештај од мониторинг на медиумите“.

Исклучок од овој пристап, стои во публикацијата на ИМА, се забележува само во случаи кога овие теми се третирани во контекст на медиумски експонирани коруптивни афери, случаи на несоодветно постапување на институциите или конкретни настани што предизвикуваат поголемо внимание на јавноста.

Но, и тогаш, во поголем дел од медиумите може да се забележи некритичко и трансмисивно пренесување на изјавите од политичките актери и нивните меѓусебни препукувања, додека експертските ставови и ставовите на граѓанското општество се главно ставени во втор план.

Неретко, и за овие теми може да се забележат манипулативни содржини, па и дезинформации, како на пример за прашањето дали земјата ги започнала преговорите со Европската унија или не, или за идентитетските и историските прашања поврзани со спорот помеѓу земјава и Република Бугарија. Сите овие недостатоци во јавната комуникација на политичките и други јавни актери, но и на медиумите, придонесуваат за продлабочување на поларизацијата во земјава, што оневозможува поконструктивен општествен амбиент во кој би се дискутирале и анализирале овие важни прашања, кои ќе стануваат уште поважни со отворањето на конкретните поглавја во преговорите за членство во ЕУ.

На иста линија со заклучоците и препораките на ИМА се и дел од медиумските експерти, како што ќе видиме во оваа анализа, која дава дополнителни аргументи од медиумски експерти зошто големите јавни теми – „демократски институции“, „владеење на правото“ и „реформа на јавна администрација“ – се вон главниот фокус на медиумите.

 

Антоновски: Медиумска неписменост, слаб интегритет и економска зависност од газдите кои немаат интерес за големите јавни теми

Новинарот Драган Антоновски, директор на Македонската информативна агенција (МИА), во изјава за ИМА го истакнува проблемот со медиумската неписменост кај новинарите, и го покренува прашањето за значењето на образованието и интегритетот на новинарите како значаен сегмент во известувањето на темите: „Една од главните слабости на целото општество е неписменоста, просечноста, нетолерантноста, себичноста и поделеноста. Новинарите и политичарите се дел од таа понуда, поради што ваквата суштина се отсликува на сите нивоа на општеството и во сите сфери на неговата (не)функционалност.“

Според Антоновски, „Новинарите заради медиумската приученост и неписменост, слабиот интегритет, економската зависност го немаат вистинскиот фокус за интересот на граѓанинот, туку многу повеќе како дневно субјективно пополнување и задоволување на нарачателите, отскочна даска за поплатена работа по државни институции, отколку аналитичност и професионалност“.

Покрај проблемот со медиумската неписменост, недостатокот од аналитичност и професионалност, Антоновски како проблем го истакнува и тоа што за големите јавни теми  – „демократски институции“, „владеење на правото“ и „реформа на јавна администрација“  – не се заинтересирани газдите на медиумите: „Во медиумската заедница има капацитативни и аналитични креативци кои немаат доволно простор, не заради „досадноста на темите“ затоа што газдите на медиумите ги интересира само профит, политичко влијание, извршување на бизнис нарачки и секако гледаност (кликови) која дава предност на малограѓанштината по медиумите, навреди, понижувања на противникот или соговорникот, наспроти аргументираност и професионалност.“

Антоновски смета дека евтиниот и непрофесионален амбиент, создава и евтина медиумска понуда: „Во евтин непрофесионален амбиент,  секогаш евтина е и понудата што пак продуцира поделена и евтина јавност која најголемиот број се задоволува на таа понуда , а останите се исклучени од истата и понудата ја добиваат од странска продукција или посебни платени програмски содржини преку домашни и странски провајдери“, укажува директорот на МИА, новинарот Антоновски.

 

Бејкова: Голем дел од новинарите многу ретко наметнуваат теми – или се активни пропагандисти на моќниците или пренесувачи на изјави

Билјана Бејкова, специјалист за комуникација, односи со јавноста, застапување политики и родова еднаквост, за ИМА укажува дека отсуствува аналитичко новинарство, па оттаму темите за владеење на правото, демократските институции и реформата на јавната администрација, се оставаат настрана: „Иако не сакам да генерализирам, сепак, морам да констатирам дека во државава, повеќето медиуми (нивните сопственици и уредници) главно се однесуваат како продолжена рака на партиските, политичките, економските и други центри на моќ. Присуството, односно, отсуството на определени теми во медиумите го диктираат токму овие центри“, укажува Бејкова.

Според Бејкова, голем дел од новинарите се најчесто, или активни пропагандисти на моќниците, или се сведени само на „држачи“ на микрофон и пренесувачи на изјави: „Тие многу ретко ги наметнуваат темите и нивната важност. Професионалното, ангажираното, аналитичкото новинарство засновано на факти, проверени информации и релевантни извори, не само што е ретка „ѕверка“, туку е и непожелно и опасно во оваа „џунгла“ во која живееме и во која секојдневно сведочиме дека определни „животни се поеднакви од другите““, констатира Бејкова.

Билјана Бејкова, фото „Слободен печат“

Како една од причините за девалвирање на новинарството, Бејкова ја гледа и социјално економската состојба во која се наоѓаат новинарите: „Ситуацијата дополнително ја влошува е неповолната социјално-економска состојба во која се наоѓаат новинарите, и на национално и на локално ниво. Повеќето новинари и медиумски работници имаат исклучително ниски примања (меѓу минималната и просечната плата), работат прекувремено и тоа, или на определен период или хонорарно.“

Покрај социјално-економска несигурност, Бејкова укажува и на изложеност на притисоци и напади врз новинарите: „Ваквата социјално-економска несигурност, од една страна, надополнета со постојаната изложеност на притисоци и напади, од друга страна, дополнително придонесува за умртвување на професионалниот, ангажиран и аналитички новинарски нерв.“

Според Бејкова, нашите медиуми едвај врзуваат крај со крај, а аналитичкото и истражувачко новинарство е скапа играчка: „Специјализираното, аналитичко и истражувачко новинарство е скапа играчка, која ретко кој медиум кај нас би можел да си ја дозволи. За тоа требаат пари, време и ресурси, а нашите медиуми едвај врзуваат крај со крај. Слабите новинарски продукти се директна рефлексија на македонскиот медиумски пејзаж“, заклучува Бејкова.

 

Тахири: Темите се од висок јавен интерес, но во нив нема сензационализам за кликови

И професорот Сефер Тахири, медиумски експерт, во изјава за ИМА укажува дека владеењето на правото, демократските институции и јавната администрација се теми кои најчесто се споменуваат попатно во медиумите, а при тоа ретко се забележува аналитичен пристап во објавите: „Ова се должи пред се на фактот дека медиумите се наклонети кон политиката и следењето на активноститет на политичките партии и нивните реакции кон владеењето на правото, демократизација на институциите и реформите во јавната администрација, факт кој зборува за површинско извесување и третирање на овие теми.“

Иако станува збор за теми од висок јавен интерес, според Тахири, тоа што во ваквите теми нема сензационализам  е причина што недоволно се третираат од медиумите и новинарите: „Главниот проблем сметам дека е фактот што медиумската агенда во голем број на медиуми не ја креираат самите уредници или новинарите, туку тоа е резултат на влијанието на политиката. Овие теми не се третираат доволно и поради фактот што тие се теми од висок јавен интерес, но во нив нема сензационализам и основа за кликање кај порталите“, истакнува Тахири.

Тахири укажува и дека заминувањето на голем број професионалци од медиумите се чувствува во новинарските содржини: „Сметам дека медиумите, без да ги специфицираме, се соочуваат воопшто со недостаток на професионален кадар, што се должи на фактот дека голем број професионалци ја напуштиле професијата, поради различни причини. Тргнувајќи од ова, сметам дека немањето кадар влијае и врз третирањето на овие теми, за кои се бара стручно знаење, компетентност, но и ангажираност и аналитичко истражувачки пристап“, заклучува Тахири.

 

„Кога публиката станува тесто лесна е за месење од оние што го диктираат медиумскиот амбиент“

Трката по кликови, претворањето на медиумите во таблоди, пасивизацијата на публиката, нејзиното бегство од традиционалните медиуми во социјалните и интернет медиуми, и уште многу други причини придонесуваат новинарите и медиумите да не се занимаваат со овие теми, под изговор „овие теми не се интересни“.

Според професорот Сефер Тахири, на ваквиот тренд влијае и таблоидизацијата и спектакулиризацијата на медиумите: „Објективно ние се соочуваме со медиуми и медиумски пејзаж, во кои доминираат „жолтите“ содржини од лесно забавните, а се помалку може да се следат аналитичко интерпретаторски новинарски форми. Таблоидизацијата и спектакулиризацијата на медиумите влијае и врз пасивизацијата на публиката, која станува се поапатична и незаинтересирана за јавниот интерес“.

Од друга страна, пак, Билјана Бејкова ја нагласува одговорноста на медиумите да известуваат за теми и проблеми од кои зависи квалитетот на живот на граѓаните: „Да не заборавиме, медиумите ја креираат, обликуваат својата публика и влијаат врз неа. Затоа, нема простор за изговори од типот „ова не ги интересира луѓето“, особено не за теми и проблеми од кои зависи квалитетот на живот на граѓаните, и не за медиуми кои себеси се сметаат за професионални и релевантни. И хиперинфлацијата на портали си го прави своето. Со толку мал пазар, толку многу медиуми, резултатот во основа е лош и неквалитетен новинарски производ“, резонира Бејкова.

Важноста на врската медиуми – граѓани ја потенцира и Драган Антоновски, кој укажува дека важните животни теми испаруваат од медиумите на сметка на кратките, непроверени, сензационалистички, естрадни информации: „Со оглед на тоа што медиумите одамна го имаат изгубено едукативниот сегмент, градење стандарди и подигање на образовното ниво на публиката, полупрофесионалноста, нискобуџетска понуда, узурпираниот традиционален медиумски простор од неселективноста на социјалните медиуми со потпросечноста и сомнителеноста, создаваат изместен и нерелевантен вредносен систем.  И ако притоа се додаде необразованоста и социјалниот статус на средината, публиката станува податливо тесто кое се меси според потребите на тие кои се во можност да го диктираат амбиентот“, заклучува Антоновски.

 

Дезинформациите како причина за ниската доверба во медиумите

Нашите соговорници укажуваат и дека дезинформациите значително влијаат и имаат директна врска за (не)довербата во медиумите и дека обичната публика тешко може да препознае каде завршува новинарството, а каде започнува пропагандата со дезинформации.

Билјана Бејкова укажа на проблемот со пропагандните наративи кои особено се шират во онлајн медиумите и на социјалните мрежи: „Онлајн медиумите и социјалните мрежи доминираат, а пропагандните наративи, вклучително и дезинформациите масовно се шират. Ова е особено опасно, затоа што луѓето често пати не можат да препознаат каде завршува новинарството, а каде почнува пропагандата, или каде информацијата е целосно заменета со пропаганда или дезинформација.“

Според Бејкова, „опасно е и тоа што пропаганда има и во медиуми кои сè уште се сметаат за професионални и релевантни“.  Бејкова укажува дека професионален новинарски аналитички текст заснован на факти и проверени информации и извори, воопшто не мора да биде досаден и неинтересен: „Барем денес е возможно секој новинарски труд и тема да бидат креативно и визуелно атрактивно спакувани“.

Според Антоновски, пак, сето ова има непосредна врска со медиумската неписменост: „Овој феномен во многу аспекти се врзува со претходното што го говорев, на што само се придодава медиумската неписменост и воопшто неписменоста како феномен, кои стануваат погодно поле за пропагандистите и политичките манипуланти во функција на (зло)употреба на јавноста и политичкиот и бизнис профитот“, заклучува Антоновски.

На неговиот став се надоворзува и Тахири, кој укажува дека медиумите ја прават публиката мрзлива за постојано да чита само наслови и никако големи, аргументирани и длабински новинарски анализи: „Живееме во медиумска епоха, во која се читат наслови и се гледаат сликите, што е резултат на општествената динамика. Овој факт влијае врз публиката да избегнува читање на длабински анализи, а секако врз неследењето на овие содржини влијаат и дезинформациите односно ниската доверба во медиумите“, предупредува Тахири.

 

Препораките на ИМА и дали нешто може да се промени во медиумите

На промоцијата на публикацијата на ИМА, посветена на мониторинг на медиумите од аспект на трите важни теми – владеење на правото, демократизирање на институциите и реформите во јавната администрација, раководителот на истражувањата во ИМА, Жарко Трајаноски, истакна дека овие теми се важни и надвор од процесот на евроинтеграциите: „…овие теми треба постојано да се во фокусот на интересот независно од евроинтеграциите и независно од тоа дали доаѓаат странски политичари и ги иницираат. Сметаме дека демократските институции се важни за граѓаните и затоа ние од ИМА се вклучивме во оваа приказна“.[ii]

Дополнително, во повеќето препораки до медиумите, во публикацијата се наведува дека „Медиумите треба да се фокусираат повеќе на темите што ги третираат демократските институции, владеењето на правото, борбата против корупцијата, реформата на јавната администрација, дигитализацијата… не само во контекст на пристапните преговори со ЕУ, туку и како теми кои се од особен интерес за граѓаните и подобрувањето на нивниот квалитет на живот“.

Исто така, се препорачува дека при покривањето на овие теми, медиумите треба да се придржуваат на принципот на проверка на факти и да ја афирмираат слободата на изразување со критички коментари. Покрај тоа, при покривањето на овие теми, медиумите треба да обезбедат што повеќе критички извори од граѓанското општество, како и непосредни изјави од граѓаните, во насока на обезбедување на поголема отвореност и отчетност на надлежните институции. Меѓу другото, при покривањето на овие теми, медиумите треба да го прилагодат и јазикот во медиумските содржини, за да биде што поразбирлив за граѓаните, стои во препораките на ИМА.

Сепак, колку може да се очекува дека медиумите ќе се придржуваат до ваквите препораки? Медиумските експерти сметаат дека целиот процес е комплексен и подразбира вклучување на поголем број фактори.

Новинарот Антоновски смета дека е потребна и поголема храброст и работа на еснафските медиумски здруженија со обука и одбрана на  стандарди во работењето: „Со регулација на медиумскиот простор, дефинирање на професионалната медиумска заедница, поголема храброст и работа на еснафските медиумски здруженија со обука и одбрана на  стандарди во работењето, медиумска дисциплина и воведување на медиумската писменост во редовниот образовен процес на сите нивоа во образованието“.

Професорот Тахири заклучува дека медиумите ќе продолжат како и до сега: „Имајќи предвид какви се финансиските капацитети на медиумите, а и кадровскиот потенцијал нема многу надеж за да медиумите поодговорни, поаналитични и аргументирано покритични, туку ќе продолжуваат да бидат информативно насочени, следејќи ги дневните настани“.

Бејкова, пак, укажува дека секој сериозен медиум во државава ќе мора во редакцијата да има оддел за проверка на факти: „Неизбежно ќе дојде моментот кога секој сериозен медиум во државава ќе мора во редакцијата да има оддел за проверка на факти (како во развиените земји), иако е познато дека основното новинарско преавило е токму проверката на факти. Во моментов, дел од медиумите одбиваат тоа да го признаат и препознаат како потреба, а дел немаат ресурси (финансиски и човечки) тоа да го направат. “

Бејкова поентира дека сме на патот по кој ќе имаме медиуми, но ќе немаме новинарство: „Исто така, медиумите кои себеси се сметаат за професионални и релевантни ќе мора повеќе да вложат во новинарите, нивното знаење и вештини, а ќе треба да вложат и во создавањето аналитички и истражувачки содржини. Во спротивно, ќе има медиуми, но ќе нема новинарство“.

 

Референци:

[i] Жарко Трајаноски, (Вон)фокусот на медиумите: Демократски институции, владеење на правото, реформи во јавната администрација, Публикација на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, октомври 2023.

[ii] Видете Љубиша Арсиќ,  ИМА: Зарем треба да дојде некој од ЕУ за да бидат во фокусот на медиумите демократските институции, владеење на правото и реформата на јавнa администрација?, ima.mk, 31.10.2023.

Latest Posts

Не пропуштај