Последни написи

Столтенберг и членките на НАТО од регионот на состанок во Скопје: Интеграцијата во Алијансата обезбеди мирен и стабилен Балкан

Заврши неформалниот состанок на лидери на НАТО сојузници од регионот, на којшто домаќини беа претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

На состанокот кој за прв пат се одржува во Северна Македонија откако земјава е полноправна членка на НАТО, присуствуваа и премиерот на Албанија, Еди Рама, премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ.

Во фокусот на разговорите беа актуелните прашања кои се од значење за НАТО како и за стабилноста и безбедноста на регионот.

Состојбата во регионот е стабилна и нема безбедносни закани, но сепак постојат инциденти и тензии, истакна Столтенберг на заедничката прес конференција по состанокот. првиот човек на НАТО порача дека е време да се надминат регионалните конфликти кои што траат предолго.

„Ние не гледаме некоја воена закана против некој од сојузниците на НАТО во овој регион, но она што го гледаме е зголемувањето на тензиите особено на Косово. Исто така гледаме и дека има тензии кои што се јавуваат и во Босна и Херцеговина но не гледаме директна воена закана против која било од земјите во регионот“, рече Столтенберг.

Македонскиот премиер Ковачевски зборуваше за безбедносната состојба во земјава, посочувајќи дека таа е стабилна и дека не постојат индиции за нејзино нарушување.

„Безбедносната состојба во нашата држава е стабилна и не постојат никакви индиции за било какво нарушување. Системот на превенција, системот на заедничко работење со централата на НАТО во Брисел преку нашата претставничка мисија, меѓутоа и директната соработка со земјите членки на НАТО функционира на беспрекорно ниво и затоа нашите граѓаните треба да бидат и среќни и горди дека живеат во земја членка на НАТО која што има исклучително ниво на безбедност“, рече Ковачевски на прес конференцијата.

Албанскиот премиер Еди Рама побара НАТО да биде поприсутно на Косово и да се гарантираат границите меѓу Србија и Косово. тој смета дека во иднина треба да се одржуваат вакви состаноци со земјите од регионот, и тоа не само со членките туку и со земјите партнери.

„Во текот на состанокот укажав на неопходноста да се зголемат бројот на силите на НАТО на Косово и на неопходноста да се гарантира границата меѓу Косово и Србија, граница која што фактички е вон контрола и е во служба на илегални активности“, посочи Рама.

Р.С

Latest Posts

Не пропуштај