Последни написи

Парлементарни избори во Холандија: Политичка неизвесност по крајот на ерата на Марк Руте

По четири последователни мандати на Марк Руте, Холандија денеска се упати на предвремени парламентарни избори, кои би можеле да отворат нова страница на домашната политичка сцена. Во услови на фрагментација и политичка нестабилност, се очекува во новиот состав на холандскиот Парламент пратенички места да обезбедат 15 или 16 партии што значи дека Холандија речиси извесно ќе биде предводена од комплексна коалиција на различни политички актери.

 

Според анкетите, најмногу гласови се очекува да освои конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) на Руте, со која сега раководи Дилан Јешилѓоз-Зегериус.

Јешилѓоз-Зегериус e натурализирана Холанѓанка, родена во Анкара, од мајка Турчинка и татко Курд, која е релативно ново лице на холандската политичка сцена. Актуелната министерка за правда и безбедност, Јешилѓоз-Зегериус, која е која во една прилика беше наречена „питбул со високи потпетици“, со своето семејство емигрирала од Турција во Холандија на седумгодишна возраст. И покрај имигрантската позадина, Јешилѓоз-Зегериус се залага за „поцврста контрола на имиграцијата„.

Јешилѓоз-Зегериус не ја исклучува можноста за коалицирање со крајно-десничарската Партија за слобода на Геерт Вилдерс (за разлика од нејзиниот претходник Марк Руте) , но ја исклучува можноста да поддржи премиер номиниран од крајната десница.

Зегериус би била прва жена премиер на Кралството Холандија.

Освен Јешилѓоз-Зегериус, поранешниот член на Народната партија за слобода и демократија, Питер Омтцигт е нов лидер на холандската политичка сцена. По напуштањето на партијата на Марк Руте, Омтцигт го формираше десно-центристичкиот блок “Нов социјален договор„. Омтцигт се спротивставува на дополнителна централизација на Европската Унија и повиквуа на формирање на коалиција на партиите десно од центарот, но остро се спротивставува на вклучување на Геерт Вилдерс во наредната холандска влада. Иако шансите за влада предводена од Омтцигт се мали, се очекува дека „Нов социјален договор„ ќе биде клучен играч во формирање на владеачката коалиција.

Уште еден влијателен фактор на холандската политичка сцена е Геерт Вилдерс, кoj веќе дваесет години е претседател на десничарската “Партија за слобода”. Вилдерс повикува на напуштање на Европската Унија (Негзит) и е препознатлив по неговите исламофобични ставови за забрана на имиграцијата, Куранот и дополнителни изградби на џамии. Според последните анкети, Вилдерс е речиси изедначен со Јешилѓоз-Зегериус по процентот на гласови и бројот на пратеници, но нема речиси никаков коалиционен капацитет поради радикалните политички ставови.

На предвремените избори, холандската левица настапува преку коалиција на Лабуристичката партија и Зелената левица предводена од високиот европски функционер Франс Тимерманс. Како поранешен потпретседател на Европската Комисија, Тимерманс важи за најголемиот “климатски шампион„ во Европската Унија. Неговата агенда во голема мера се базира на борба против климатските промени и растечката економска нееднаквост, што го прави Тимерманс фаворит на гласачите од 18 до 35 години. Тимерманс истакнува дека е отворен за соработка со партиите предводени од Омтцигт и Јешилѓоз-Зегериус.

Анкетите предвидуваат дека резултатот на изборите ќе биде исклучително тесен, односно дека Јешилѓоз-Зегериус, Вилдерс и Тимерманс ќе освојат помеѓу 25 и 27 мандати, а се предвидува и добар резултат за Питер Омтцигт со 21 пратенички мандат. Холандскиот парламент има вкупно 150 пратенички места.

Сепак, било какво предвидување на резултат би било излишно, доколку се земе во предвид резултатот од неодамнешната анкета на I&O институтот во која  63% од испитаниците одговориле дека сеуште не знаат за кого ќе го дадат својот глас.

Извор: ЦивилМедиа

Latest Posts

Не пропуштај