More

    Собрание ми е, двор ми е… и други полови органи на Левица

    ДИЈАНА ТАХИРИ

    На една од панел дискусиите минатата година во ЦИВИЛ,  непосредно по протестите за таканаречениот „француски предлог“, се дискутираше токму за говорот на омраза насилството што се поттикнува,  од собраниската говорница.

    Учесници на панелот беа пратеници од неколку пратенички групи, кои меѓу другото, изразија спремност и да простат за навредите и говорот на омраза што се слушнаа од говорницата во собрание,  во прилог на решавање и нормализација, и понатамошната работа на собранието, т.е. пратениците.  Ги прашав, дали постои некакво тело, комисија за санкции за непримерно однесување, насилство, говор на омраза итн., одговорија дека размислуваат да формираат такво тело.  Стана збор и за тоа дека пратениците потпишуваат и Кодекс на етичко однесување во Собранието на Република Северна Македонија, со кој се уредуваат основните етички начела, правила и стандарди на однесувањето на пратениците во Собранието.

    Во Членот 6  од Кодексот пишува:

    (3) Пратеникот се воздржува од постапки и говори со кои може да предизвика омраза, и нетрпеливост и насилство во лична, идеолошка, верска, национална, полова или расна основа.

    (4) Пратеникот ги почитува овластувањата на другите избрани и именувани лица, на државните службеници и на другите вработени во Службата на Собранието, нема да врши притисок на нивните работни задачи и нема да поттикнува и помага однесување спротивно на Кодексот.

    Но, Кодексите, особено тие за етичко однесување, очигледно е дека се креирани само за потписи и понекоја фотографија. Бидејќи, не само што не се почитува од тие што не се однесуваат според потпишаното, не се однесуваат ниту тие кон кои се врши постојано насилство во различни форми.

    Вчера бевме сведоци на дивеење во собраниската сала, од пратеник на Левица, политичка опција во Северна Македонија којашто работи за друга држава ( Русија), пратеник кој добива месечни примања од граѓаните на Република Северна Македонија, а веројатно добива и други примања од другата држава за која работи против своите сограѓани и против уставното уредување на државата од која се храни.

    Таквото однесување, можеме да се сложиме дека е само моментална демонстрација на циркус ( како што и самите од Левица велат – парафразирано „ќе се мајтапиме“, во неколку прилики), и обид за попречување на работата на Собранието.

    Она што не чини, и не само што не чини, туку и создава чувство на несигурност и илјада прашалници, зошто воопшто една политичка партија која е јасно определена и ориентирана кон политиките  на  светскиот злосторник- Путин, вирее, дивее и соблазнува во македонското собрание?

    Затоа што се изгласани. Би бил нај логичниот и точен одговор. Но, за гласачи и општонародно расположение и култура, во наредна прилика.

    Кој ќе ги санкционира, има ли воопшто такво расположение, а да не зборувам за одредница по вакви однесувања, бидејќи, ако смеат во Собрание (а смеат), при обезбедување, тогаш можат, смеат и на улица! Каде што им е  местото.


    Текстот е личен став на  авторката.

    Извор: ЦивилМедиа

    Exit mobile version