More

    Пресуда „во име на граѓаните“ против ИРЛ и Сашка Цветковска: Сега не сте медиум и новинари, иако лани бевте медиум и новинари!

    Пишуваат: ЉУБИША АРСИЌ и ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ

    Истиот граѓански суд кој во 2022 одлучил дека ИРЛ и уредничката Сашка Цветковска вршеле новинарска професија и не сториле клевета, во 2023 одлучи дека ИРЛ и Сашка Цветковска не вршеле новинарска професија и сториле клевета.

    И за биснисменот Кочо Анѓушев немало никаков сомнеж дека ИРЛ е медиум, а Сашка Цветковска новинар и автор на емисијата „Заговор против воздухот“. Токму затоа и се жалел кај новинарски тела за саморегулација.  И за СЕММ и ЗНМ немало никаков сомнеж дека ИРЛ е медиум, а Сашка Цветковска новинар и уредник, кога одлучиле дека не се прекршени етичките и професионални стандарди.

    Анѓушев и „Брако“ ја тужеле Цветковска за клевета во својство на новинар и автор на емисија, а „Граѓанскиот суд“ во 2022 одлучил дека ИРЛ и Цветковска вршеле новинарска професија и не сториле клевета. Кога ги ослободува од одговорност за клевета, граѓанскиот суд во 2002 заклучува дека тие „jа докажаа вистинитоста на тврдењата“, кои „се искажани при вршење на новинарска професија, а заради заштита на јавен интерес“.

    Штом предметот е вратен на повторно одлучување пред граѓанскиот суд, новинарските здруженија јавно укажуваат дека станува збор за тужба која има цел да предизвика заплашување и потенцијално финансиско исцрпување на тужените новинари. Откако новинарите и јавноста се исклучени од судењето, реагираат и меѓународните новинарски организации, укажувајќи дека исклучувањето на новинарите е желба за цензура, а случајот е обид за правно заплашување и финансиско исцрпување на новинари.

    При изрекувањето на пресудата, новинарските организации ја обвинуваат судијката дека имала за цел да ја дискфалификува новинарската работа на медиумот.

    И по објавувањето на образложението на пресудата, во јавноста имаше бројни и бурни реакции кои се содржани во продолжение на оваа анализа.

     

    За Кочо Анѓушев немало никаков сомнеж дека ИРЛ е медиум, а Сашка Цветковска новинар

    На 18.05.2021 МРТ објави „Демант: Анѓушев ги отфрла наводите во емисијата „Редакција““, во кој посочува и на „новинарката Сашка Цветковска“.[i]

    На 19.05.2021 бизнисменот и генерален директор на „Брако“ – Велес, Кочо Анѓушев, поднел жалба за емисијата „Заговор против воздухот“, а како причина за поднесување на претставката го навел „непрофесионалното и тенденциозно постапување на медиумот“, експлицитно жалејќи се на „уредничката на ИРЛ, Сашка Цветковска“. [ii] Тој сметал дека медиумот ИРЛ не обезбедил „втора  страна“ и со тоа е прекршено основното новинарско правило да ги изнесе своите докази и  аргументи.

    Анѓушев поднел претставка и до Советот на честа на ЗНМ, против „Сашка Цветковска, од ИРЛ, како автор на емисијата „Заговор против воздухот“ објавена на МТВ“, тврдејќи дека го прекршила Кодексот на Здружението на новинарите на Македонија во членовите 1 и 3.[iii]

    Значи, и пред да покрене судска постапка, Кочо Анѓушев реагирал кај новинарските тела за саморегулација, со цел да докаже дека Сашка Цветковска како новинарка и уредничка на ИРЛ не ги почитувала новинарските професионални стандарди.

    Нема никаков сомнеж дека во претставките до СЕММ и Советот на честа при ЗНМ, Анѓушев се жалел на ИРЛ како на медиум („тој смета дека медиумот не обезбедил „втора страна“…“ и „…три месеци биле доволно време за да се испратат прашања од медиумот ИРЛ…“) и на Сашка Цветковска како на новинарка и авторка на емисијата „Заговор против воздухот“ („стапил во контакт со новинарката“).

     

    И за СЕММ и ЗНМ нема никаков сомнеж дека ИРЛ е медиум, а Сашка Цветковска новинар и уредник

    Советот за етика во медиумите (СЕММ) обезбедил „одговор на медиумот“ (ИРЛ и МРТ) и утврдил дека во документарниот филм „Заговор против воздухот“ на ИРЛ, емитувана на МРТ на 16 мај 2021  година, не се прекршени етичките и професионални стандарди.

    Притоа, СЕММ забележува дека „жалителот е јавна личност, истакнат македонски бизнисмен и поранешен вицепремиер за економски прашања, профил кој подлежи на потенцијално силен јавен надзор“ и дека „г-н Анѓушев во документарниот филм се споменува и во периодот додека бил висок владин функционер“.

    Советот на честа при ЗНМ исто така одлучил дека претставката поднесена од Кочо Анѓушев против Сашка Цветковска како новинар и автор на емисијата „Заговор против воздухот“ е неоснована, односно дека нема прекршувања на Кодексот на ЗНМ.[iv]

    Анѓушев и „Брако“ ја тужеле Цветковска за клевета во својство на новинар и автор на емисија

    Бизнисменот Кочо Анѓушев и неговата компанија „Брако“ на 17.06.2021 ја тужеле за клевета Сашка Цветковска од Скопје во својство на новинар и автор на емисијата, „Заговор против воздухот“.[v]

    Уредничката Сашка Цветковска и редакцијата на ИРЛ целосно ги оспориле пред судот тужбени наводи. Тие навеле дека емисијата „Заговор против воздухот“ била подготвувана подолг временски период, дека во новинарското истражување во врска со утврдувањето на изворите за загадување на воздухот е дојдено до сознание дека загаден мазут користи „Брако“, нешто кое не е невистинит факт, а исто така дошле и до доказ дека во кабинетот на тужителот Кочо Анѓушев тој имал средба со лицата кои што го увезувале загадениот мазут, што исто така не е неточен факт, така што тужените не може да се одговорни за клевета.

    Освен тоа, ИРЛ навеле во одговорот дека се работи за истражувачко новинарство при што за секои изречени наводи во емисијата тужените имаат соодветни докази. Од ИРЛ укажале дека фактите изнесени во емисијата се проверени од страна на соодветно лице за проверка на факти, а се работело за емисија која третира теми од јавен интерес. ИРЛ укажале дека е недозволиво и спротивно на закон новинарите да бидат казнети за клевета за изнесени тврдења и мислења бидејќи тоа би било ограничување на слободата на изразување. Уште повеќе, ако се знае дека емисијата предизвикала реакции во јавноста и кај надлежните институции кои по извршените проверки утврдиле дека навистина се увезува загаден мазут кој влијае на животната средина. Оттаму, Цветковска и ИРЛ побарале да се отфрли тужбата на Анѓушев како неоснована.

     

    Граѓанскиот суд во 2022: ИРЛ и Цветковска вршеле новинарска професија и не сториле клевета

    Откако била тужена како новинар(ка), Граѓанскиот суд во 2022 утврдува дека „тужената Сашка Цветковска е новинар по професија“ и зборува за „тужената Сашка Цветковска како новинар и друга група новинари“. Притоа, Граѓанскиот суд во 2022 утврдува и дека ИРЛ имало за цел и „занимавање со квалитетно и слободно истражувачко новинарство“, а и дека емисијата на ИРЛ била новинарски професионален производ („…произлегува дека прибирањето, анализата и објавувањето на добиените информации од страна на тужените е направено согласно професионалните правила“, стр. 8).

    Накусо, кога ги ослободува од одговорност за клевета, граѓанскиот суд во 2002 заклучува дека тие  „jа докажаа вистинитоста на тврдењата“, кои „се искажани при вршење на новинарска професија, а заради заштита на јавен интерес.“[vi]

    Притоа, битно е да се напомене дека судот зел предвид дека тужителот извршувал висока политичка функција, која била предмет на сериозна критика од страна на новинари.[vii] Во овој контекст Граѓанскиот суд се повикал на ЕСЧП, дека „при вршењето на новинарската професија, доколку се запазени новинарските стандарди и со соодветни докази е потврдена вистинитоста на изречените факти, не смее да постои ограничување на нивното изразување дури и во случај кога е искажана претерано сериозна критика“.

    Граѓанскиот суд во 2022 ја нотира и реакцијата на надлежните органи по емитувањето на емисијата,[viii]  а што се однесува до исказот на тужителот „дека тој нема никаква поврзаност со предметниот загаден мазут судот не му поклони верба, бидејќи беше во спротивност со останатите докази.“

    ЗНМ, ССНМ и СЕММ: Станува збор за SLAPP тужба, а исклучувањето на новинарите од судница е „директен напад на слободата на изразување

    Откако предметот беше вратен на повторно одлучување пред граѓанскиот суд, ЗНМ, ССНМ и СЕММ јавно реагираа укажувајќи дека станува збор за SLAPP тужба, со цел да се предизвика заплашување и потенцијално финансиско исцрпување на тужените новинари.[ix] Во претходен Извештај од Мисијата за проценка на состојбата со слободата на медиумите, објавен од страна на ЗНМ, во однос на стратешките тужби против учеството на јавноста (SLAPPs), имаше конкретна препорака за воведување на законска регулатива против стратешките тужби против учеството на јавноста (SLAPPs), во согласност со европските стандарди.[x]

    Повторувањето на судскиот процес не помина без контроверзи, особено откако судијката ја отстрани јавноста од судница кога тужената Цветковска и тужителот Анѓушев требаше директно да се соочат пред судот.[xi]

    Тогаш ЗНМ јавно реагираше дека  исклучувањето на новинарите од судница „нема апсолутно никаква законска оправданост“, и го оцени како „директен напад на слободата на изразување“.[xii]

    ЗНМ побара од Судскиот совет на РСМ да поведе постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против судијката нагласувајќи дека „…новинарите не смеат да бидат третирани како јавно зло бидејќи не работат на штета на граѓаните, туку во нивна корист“.

     

    Реакции на меѓународните новинарски организации: Исклучувањето на новинарите е желба за цензура, случајот е правно заплашување и финансиско исцрпување на новинари

    По реакциите на ЗНМ, ССНМ и СЕММ се огласија и меѓународните новинарски организации. Европската федерација на новинари (EFJ) укажа дека нема легитимна правна основа за судската одлука за исклучување на јавноста: „Исклучувањето на новинарите и другите сведоци покажува желба за цензура во еден случај кој се однесува на слободата на изразување и правото на македонските граѓани да бидат информирани за сериозна закана по јавното здравје“, се наведува во реакцијата на EFJ во која се бара транспарентна правда во случајот со Кочо Анѓушев.[xiii]

    И претставници на Меѓународната федерација на новинари (IFJ) го сметаат случајот за злоупотреба на правниот систем, со цел да се замолчат новинарите како критичари: „Задачата на новинарите е да откриваат малверзации, корупција и некомпетентност. За жал, оние чиишто активности се разоткриени го злоупотребуваат правниот систем за малтретирање и замолчување на нивните критичари. Случајот со Истражувачката репортерска лабораторија и нејзиниот главен уредник Сашка Цветковска е пример токму за ова“, вели заменикот генерален секретар на IFJ, Тим Доусон.[xiv]

    Од IFJ оценуват дека „оваа судска одлука влегува во растечкиот глобален број на случаи каде што слободата на изразување е замолчена од неоправдано правно заплашување и финансиско исцрпување на новинарите“.[xv]

    Контроверзи и реакции пред и по изрекувањето на пресудата

    По изрекувањето на пресудата ИРЛ соопшти дека имало првична забрана за снимање и фотографирање на изрекувањето на пресудата, по што ИРЛ упатил барање до Врховниот суд, кој експресно одговорил и дозволил снимање.[xvi]

    Новинарските организации ЗНМ, ССНМ и СЕММ жестоко реагираа и по изрекувањето на пресудата на граѓанскиот суд на 24.10.2023, оценувајќи ја како „поткопување на достоинството на новинарската професија, напад врз интегритетот на новинарите и на слободата на изразување во Македонија“.

    Новинарските организации ја обвинија судијката дека при изрекувањето на пресудата имала за цел да ја дискфалификува новинарската работа на медиумот: „Во судницата пред присутните, судијата Спировска Панева наместо детално образложение на пресудата, таа на крајно скандалозен, срамен и непрофесионален начин искажа квалификации дека ИРЛ било регистрирано како здружение на граѓани“, а тужената ја нарече „новинарката која што се претставувала како истражувачки новинар алудирајќи на Цветковска, со цел да ја дискфалификува новинарската работа на медиумот“, се вели во заедничкото соопштение.[xvii]

    Од друга страна, во јавноста се ширеа и напади од соопштение на фирмата „Фероинвест“, во кое се осудуваше однесувањето на ИРЛ и ЗНМ за наводно вршење притисок врз судот.[xviii]

    ЗНМ, ССНМ и СЕММ укажаа дека преку комерцијални објави во медиумите „Фероинвест“ се обиде „да се пресметува со новинари, изнесувајќи лични навреди, како и повик за институционален линч на граѓански организации“.[xix]

    Жестоки новинарски и медиумски реакции по објавувањето на образложението на пресудата

    Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) реагираше дека главните спорни точки во пресудата се дека „ИРЛ нема својство на медиум“, дека „членовите на истото немаат својство на новинари“, дека не смеат да објавуваат новинарски обликувани емисии, ниту пак, да се претставуваат како новинари, ниту да се „бават со жанрот истражувачко новинарство“. Според ССНМ, со пресудата „се врши дискредитација на новинарите и на непрофитниот медиум ИРЛ“ и „се поставува досега невиден и опасен преседан судот и државните институции да одредуваат што е медиум, кој е новинар и кој смее да се бави со новинарска дејност“.[xx]

    ЗНМ реагираше против „срамната пресуда против ИРЛ“, констатирајќи дека „Оваа пресуда го спори фактот дека граѓански здруженија смеат и можат да бидат медиуми во Македонија, па дека дури не треба ниту да постојат“ и информирајќи дека ќе иницира пријава до Платформатa на Советот на Европа за промовирање на заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите.[xxi]

    Објавувањето на пресудата во јавноста од страна на ИРЛ, беше проследено со коментари од повеќе новинари и уредници кои наведуваа дека судското негирање на ИРЛ и Сашка Цветковска како медиум и новинар, е опасно и незаконско.[xxii] На пример, во текстот „За граѓанскиот суд ИРЛ не е медиум, а новинарите не се новинари, иако најмалку 40 отсто од граѓаните се информираат од онлајн-медиуми“, се истакнува дека „Основниот граѓански суд кој треба да го заштити и зацврсти правото на слободно информирање, ги негира онлајн-медиумите и новинарите кои работат во нив“, и дека „не е првпат судии од овој суд да не признаваат новинари кои се тужени или кои барале правда таму“.

    И претставници на Институтот за медиуми и аналитика ИМА веднаш јавно реагираа по објавувањето на пресудата. Претседателот на ИМА Петрит Сарачини праша „дали воопшто нешто ќе преземе Судскиот совет во врска со оваа скандалозна пресуда“,[xxiii] а истражувачот Жарко Трајаноски предупреди дека пресудата „предизвикува огромна штета на слободата на изразувањето воопшто, на слободата на здружувањето и невладиниот сектор, на истражувачкото новинарство и медиумите, на судството и владеењето на правото, како и на угледот на државата.“[xxiv]

    Нурединовска: Пресудата против ИРЛ е атак врз слободата на изразување и слободата на здружување

    Емина Нурединовска, една од авторите на Законот за здруженија и фондации, јавно реагираше во врска со пресудата против ИРЛ, за која вели дека постои пристрасност во толкувањето на Европската Конвенција за човекови права (ЕКЧП), непознавање на Законот за здруженија и фондации (ЗЗФ), како и непознавање на поимот саморегулација.[xxv]

    Според Нурединовска, судот погрешно го толкувал ЗЗФ: „Искрено, кога го пишувавме ЗЗФ и предложивме статусот на организации од јавен интерес (ОЈИ) ни на крај памет не ми беше дека е можно некој вака да го толкува и вака да го испреврти значењето. Дури и тешко ми е да објаснам за што служи ОЈИ во ваква небулозна ситуација на толкување на истиот.“

    Според Нурединовска, на судијката не и бил јасен поимот саморегулација (и зошто ЗНМ и Совет на честа се овластени да одлучуваат за содржината), а има и непознавање на меѓународните стандарди за слобода на изразување: „Во овој случај, мешањето на надзорот кој треба да го прави Министерството за правда и само-регулацијата која си ја применуваат здруженијата и медиумите е само неукост и непознавање на меѓународните стандарди за слобода на изразување од страна на судијката“.

    Претседателот Пендаровски за процесот против „новинарите на ИРЛ“: Потребно е да ги почитуваме и спроведуваме меѓународните стандарди за медиумски слободи

    И претседателот Стево Пендаровски излезе во јавноста со став по повод последните случувања во судскиот процес со кој се опфатени „новинарите на ИРЛ“, коj проби во медиумите[xxvi]: „Слободата на медиумите е директно поврзана со степенот на демократијата во едно општество и со заштитата на јавниот интерес. Новинарството е слободна професија и како таква е потребно да подлежи на принципот на саморегулација од страна на медиумските тела и организации.“[xxvii]

    Според Пендаровски, „Јавноста има право да биде навремено и точно информирана за сите важни прашања во едно општество кои се однесуваат на јавниот интерес.“ Исто така, потенцира Пендаровски, граѓаните, „имаат право да очекуваат судиите кога пресудуваат да ја почитуваат слободата на изразување, правото на граѓаните да бидат информирани за теми од јавен интерес и да му дадат приоритет на јавниот интерес наспроти поединечниот интерес особено кога се работи за прашања кои го засегаат големото мнозинство од општеството“.

    Пендаровски потсетува дека „етикетирање, дискредитација и обиди за регулирање на новинари и медиуми имаше и во минатото и сведоци сме дека таквите процеси не доведоа до демократски развој“.

    На крајот, Пендаровски апелира на почитување и спроведување на меѓународните стандарди за медиумски слободи: „Како држава која се определила за членство во ЕУ и споделување на европските вредности за демократија, транспарентност и одговорност, потребно е да ги почитуваме и спроведуваме меѓународните стандарди за медиумски слободи.“

    Вицепремиери на владата: Никој нема право, ниту судската власт, да ја забрани или ограничи слободата на медиумите; Владата нема намера да регулира кој е новинар, а кој не

    Со јавна реакција на 11.11.2023 се огласи Славица Грковска, Заменик на Претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, која истакна дека „слободата на изразување, јавниот интерес и слободните медиуми се врвен приоритет за едно општество“ и „тие не смеат да бидат загрозени, ниту попречувани на каков било начин“.

    Иако не спомнува судска пресуда во својата реакција, Грковска се спротиставува на „скандалозните обиди да се дискредитира правото на новинарите да пишуваат, да алармираат, да критикуваат и да изразуваат сомнежи“ и укажува дека „новинарската професија мора да биде самостојна, слободна, да биде саморегулирана од страна на авторитетните медиумски тела и организации, во согласност со законската регулатива и новинарските стандарди.“

    Сепак, на крајот на реакцијата, Заменик на Претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење реферира и на судската власт: „Никој нема право, ниту судската власт, ниту другите државни институции да ја забранат или ограничат слободата на медиумите и слободата на изразување кои се загарантирани со Уставот“.[xxviii]

    На денот на протестот од страна на новинарите, и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во одговор на новинарски прашања апелираше до судиите „да ги консултираат европските стандарди“ и укажа дека „Владата нема намера да регулира кој е новинар, а кој не.“[xxix]

    И  вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, по новинарско прашање во врска со судската пресуда против ИРЛ, изрази надеж дека повисокиот суд ќе ја преиначи одлуката на понискиот суд.[xxx]

    АВМУ: „Заговор против воздухот“ е уреднички обликувана содржина во која не се прекршени новинарските стандарди

    Во врска со судската пресуда донесена од судијката Јованка Спировска Панева во случајот „Фероинвест против ИРЛ“, за сторијата „Заговор против воздухот“, АВМУ на 12.11.2023 се приклучи кон реакциите укажувајќи дека слободата на изразување е уставно гарантирана и неприкосновена[xxxi] и дека граѓаните имаат право да бидат објективно, навремено и точно информирани за сите прашања од јавен интерес.[xxxii]

    Во својата реакција, АВМУ експлицитно истакнува дека сторијата „Заговор против воздухот“ е уреднички обликувана содржина во која не се прекршени новинарските стандарди, дека објавувањето на такви содржини е „во насока на остварување на слободата на говор и слободата на информирање и зачувувањето на интересот на граѓаните“.[xxxiii]

    Со ваквиот јавно искажан став на АВМУ, оваа државна агенција која е самостојно и независно непрофитно регулаторно тело, надлежно да ја следи работата на медиумите, недвосмислено застана на страна на истражувачкото новинарство и медиумската слобода.[xxxiv]

    Десковска: Образложението на пресудата не е само против ИРЛ, тоа е и против слободата на здружување, против слободата на говор, но и против здравиот разум

    И во изјава за БИРН директорот на АВМУ Зоран Трајчевски укажува дека „Во светот веќе постојат и телевизии зад кои стојат непрофитни организации“.[xxxv] Во анализата Пресуда против здравиот разум се укажува дека „кај нас постојат печатени (месечниците „Шења“ и „Лице в лице“), но и електронски  медиуми (како радија) зад кои стојат здруженија и на кои Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги им дава лиценца за работа“.

    Исто така, во оваа анализа се наведува децидно тврдење на адвокат „дека Апелација, која го врати случајот на повторно судење, никаде не упатува дека некој треба да утврди „кој е новинар и дали може да работи како новинар“.

    Се наведува и изјава на ексминистерката за правда, Рената Дескоска, дека се работи за преседан „што во иднина може да го загрози целиот цивилен сектор и да доведе до мрак во јавниот простор“, и дека „образложението на пресудата не е само против ИРЛ, тоа е и против слободата на здружување, против слободата на говор, но и против здравиот разум.“

    Исто така, БИРН укажува и дека големите коалиции, како Организацијата за истражување и известување на организиран криминал и корупција (чија членка е ИРЛ), потоа Глобалната истражувачка репортерска мрежа, па и организацијата што ја доделува најголемата новинарска награда Пулицер се – невладини организации. И партнерите на ИРЛ од OCCRP, глобална мрежа на истражувачки новинари, потсетија дека Сашка и нејзиниот тим имаат децениски искуства како новинари, а дека наградуваниот ИРЛ објавува истражувачки извештаи во Северна Македонија веќе шест години.[xxxvi]

    Поддршка за новинарите на ИРЛ од дипломатските претставници на САД и ЕУ

    И дипломатските претставници на САД и ЕУ изразија подршка на ИРЛ како медиум и на истражувачките новинари. Амбасадорката на САД во Северна Македонија Ангела Агелер, јавно ги поддржа заложбите на ИРЛ за „обелоденување на штетните последици од корупцијата во македонските заедници“, укажувајќи дека „да се сугерира дека ИРЛ не се новинари – во служба на нивната земја – е нонсенс“.[xxxvii]

    На средбата со новинарите на ИРЛ, Амбасадорот Гир истакнал дека „истражувачкото новинарство игра клучна улога во демократијата“ и дека „Со утврдување на фактите, новинарите помагаат да се обезбеди јавна одговорност и да се промовираат поинформирани и транспарентни општества“. ИРЛ е посочена како независна платформа на новинари и креативни професионалци, а „тимот на ИРЛ е препознатлив по женското лидерство, инвестициите во млади лидери и иновативните медиумски продукти“.[xxxviii]

    И ДКСК побара од Судскиот совет да ја разгледа и пресудата против ИРЛ

    На 14.11.2023 во јавноста беше објавено дека до Судскиот совет има претставка во врска со случајот „Фероинвест против ИРЛ“ и таа ќе биде разгледана и ќе биде предмет на дискусија на седница.[xxxix] Но, покрај веќе поднесената претставка од страна на ЗНМ, во врска со исклучувањето на јавноста од судењето, на адреса на Судскиот совет стигна барање од страна на ДКСК да го разгледа случајот со судската одлука поврзана со ИРЛ и новинарката Сашка Цветковска.[xl]

    Во врска со барањето, за кое беше известено на денот на новинарскиот протест, ДКСК укажува дека „Независното истражувачко новинарство, како и независното судство се столбови на демократските општества и основа за функционирање на правната држава и владеење на правото“, потсетувајќи притоа дека Република Северна Македонија е кандидат за членство во ЕУ.[xli]

    Истиот ден Судскиот совет соопшти дека со внимание ја следи работата на судиите, потсетувајќи на законските одредби за поднесување барање за утврдување на одговорност на судија, како и на тоа дека постапката е итна и од доверлив карактер и се води без присуство на  јавноста.[xlii]

    Новинарски протест против цензурата: Судот не смее да одредува кој е новинар

    ЗНМ и ССНМ како организатори на протестот на новинарите пред Основниот граѓански суд, симболично, на судијката што напиша во пресуда дека ИРЛ не е медиум и не смее да ги објавува истражувањата, ѝ „доделија“ голема златеста плакета за Цензор на годината.[xliii]

    Една од главните пораки на новинарскиот протест на 17.11.2023, по судската одлука против ИРЛ, беше дека „судот не смее да одредува кој е новинар“.[xliv] На протестот беше потсетено дека и претходно новинарите имале проблем да докажат пред суд дека се новинари,[xlv] и дека „проблемот е што некој сака да нѐ дефинира, да озаконува кој може, а кој не може да биде новинар“.[xlvi]

    На протестот беше укажано и дека пресудата против ИРЛ не ги засега само новинарите, туку и илјадниците граѓански здруженија кои објавуваат свои продукти, самостојно, но и во други медиуми.[xlvii]

    Во изјава за „Ал Џезира Балканс“, Сашка Цветковска од ИРЛ укажа дека била разочарана од политичарите и од власта и од опозицијата, кои молчеле за пресудата, подржувајќи ја цензурата.[xlviii]

    Сашка Цветковска за ИМА: Апсурдно е воопшто и да се дебатира дали сме или не сме медиум

    Одговарајќи на прашања од страна на ИМА, Сашка Цветковска укажа дека ИРЛ е медиумска организација која работи некомерцијално и непрофитно, и која е регистрирана како здружение на граѓани. Цветковска недвосмислено потврди дека ИРЛ е медиумска платформа, како членка на повеќе меѓународни и домашни медиумски организации.[xlix]

    Цветковска дополнително посочи дека приказните на репортерите на ИРЛ се објавувани во најреномираните светски медиуми и дека од основањето во 2017 година ИРЛ е добитник на 11 престижни домашни и меѓународни награди за истражувачко новинарство.

    Според Цветковска, аспурдно е да се дебатира дали ИРЛ е медиум или не е: „Апсурдно е воопшто и да се дебатира дали сме или не сме медиум. Вакви „дебати“ доликуваат во држави како Северна Кореја и Бахреин, а не во држава која се нарекува европска. Не само што судијката се дрзна да цени што сме ние, туку така директно во тоа свое образложение се залага за цензура и на граѓанскиот сектор со тврдењата дека такви друштва своите публикации можеле да си ги пуштаат само во своите канцеларии на членовите.“

    Цветковска како следен чекор најави жалба до Апелација, а во зависност од нивната одлука, дека случајот ќе го продолжат и во Стразбур.

    ***

    Институтот за медиуми и аналитика ИМА ќе продолжи медиумски да го мониторира и анализира судскиот случај против медиумот ИРЛ и новинарката Сашка Цветковска и да известува за него на своите медиумски платформи, како и во другите медиуми со кои што соработува.

    ИМА потсетува дека во последниот извештај за напредокот на ЕК од 2023 година, се укажува дека е потребна натамошна поддршка за развој на професионалното и истражувачко новинарство, како и натамошна заштита на медиумската независност.

    Судското негирање на истражувачкото новинарство на ИРЛ и Сашка Цветковска, кои се повеќекратно наградувани од реномирани меѓународни и домашни медиумски и новинарски организации, воопшто не придонесува за развој на истражувачкото новинарство. Не придонесува ни за борба против корупцијата, област во која конкретен придонес несомнено даде и наградуваната емисија на ИРЛ „Заговор против воздухот“.

     

    Референци:

    [i] Заговор против воздухот или како Македонија остана последната европска депонија, irl.mk, 16.05.2021.

    [ii] Видете Одлука на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на СЕММ, со која жалбата се отфрла како неоснована, бр. 244/0306 од 09.06.2021.

    [iii] Видете Одговор на претставка на Кочо Анѓушев против Сашка Цветковска, ЗНМ, 23.06.2021.

    [iv] Видете Одговор на претставка на Кочо Анѓушев против Сашка Цветковска, ЗНМ, 23.06.2021.

    [v] Подготвена од ИРЛ Скопје, емитувана на МРТВ -1, на 16.05.2021 – „Редакција, Заговор против воздухот, Eпизода 1, ИРЛ, 16.05.2021.

    [vi] Пресуда на Основен граѓански суд Скопје од 07.03.2022: „Имајќи ги во вид овие одредби од Законот, судот најде дека кај тужените не постои одговорност за клевета, бидејќи не само што тие jа докажаа вистинитоста на тврдењата, односно докажаа дека имаат основана причина да поверуваат во вистинитоста на тврдењата, туку и поради тоа што тврдењата се искажани при вршење на новинарска професија, а заради заштита на јавен интерес.“

    [vii] Пресуда на Основен граѓански суд Скопје од 07.03.2022: „Тоа што било изнесено во емисијата од страна на тужените несомнено предизвикало вознемиреност кај тужителот и тој таа емисија ја доживеал како напад на неговата личност, чест и углед, но притоа треба да се има во предвид дека се работело за период кога тој извршувал висока политичка функција, односно бил заменик претседател на Владата на Р. Македонија и поради тоа мора да трпи посилен степен на сериозна критика, бидејќи со изложувањето пред јавноста при вршењето на политичката функција тој мора да биде свесен дека ќе подлежи на сериозна критика, па дури и во случај да има претерување при давањето на истата од страна на новинарите.“

    [viii] Пресуда на Основен граѓански суд Скопје од 07.03.2022: „…по емитувањето на емисијата надлежните органи реагирале на начин што утврдиле дека Евротим увезува неквалитетен мазут и му била изречена казна од 10.000 евра, а Државниот пазарен инспекторат му изрекол и забрана за работа поради отстапки во квалитетот на мазутот.“

    [ix] ЗНМ, ССНМ и СЕММ: Срамна одлука на Апелациониот суд Скопје на штета на истражувачкото новинарство, irl.mk, 29.05.2023.

    [x] Видете „Слободата на медиумите во Северна Македонија: Напредок на стаклени нозе, Извештај од Мисијата за проценка на состојбата со слободата на медиумите“, ЗНМ, 2023, стр. 24: „Да се воведе законска регулатива против стратешките тужби против учеството на јавноста (SLAPPs), во согласност со европските стандарди што тековно се изготвуваат, поточно предложената Директива против стратешките тужби против учеството на јавноста (Anti-SLAPP), која моментално се развива во Европската Унија и нејзината комплементарна Препорака на Европската комисија, како и претстојната Препорака на Советот на Европа против стратешките тужби против учеството на јавноста.“

    [xi] ЗНМ: Претставка до Судски совет за судијата Спировска Панева за неправедно исклучување на јавност од рочиште, znm.org.mk, 19.10.2023: „По извршениот распит на странките, судијката Јованка Спировска Панева која го водеше рочиштето побара од новинарите и останатите лица кои беа во својство на јавност да ја напуштат судницата со усно образложение дека ќе се изведе доказ „Соочување на странки“ бидејќи изведувањето на овој доказ бара исклучување на јавноста. Оваа постапка го попречи и следењето на рочиштето кое ЗНМ со години го има како пракса во случаи како странка се јавува медиумски работник.“

    [xii] Видете ЗНМ: Претставка до Судски совет за судијата Спировска Панева за неправедно исклучување на јавност од рочиште, znm.org.mk, 19.10.2023.

    [xiii] Видете North Macedonia: EFJ demands transparent justice in Kocho Angjushev case, europeanjournalists.org, 23.10.2023.

    [xiv] Меѓународната федерација на новинари ја осуди одлуката на судот против Истражувачка репортерска лабораторија, ssnm.org.mk, 24.10.2023. Видете и Sinisa Jakov Marusic, North Macedonia Investigative Media Outlet Condemns Guilty Verdict as SLAPP, BIRN, 25.10.2023.

    [xv] North Macedonia: IFJ condemns judgement against journalist, ifj.org, 24.10.2023.

    [xvi] ИРЛ осудени зошто судијката цени дека приватното право на Анѓушев е поважно од слободата на говор, irl.mk, 24.10.2023: „Основниот суд 2 или популарно наречен Граѓански суд, утрово не дозволи да се снима и фотографира изрекувањето на пресудата со образложение дека тужителот се противи. Пет минути пред изрекувањето, Врховниот суд експресно одговори на барањето на ИРЛ и со тоа нивната одлука беше конечна и се дозволи снимање.“

    [xvii] ЗНМ, ССНМ и СЕММ: СКАНДАЛОЗНА ПРЕСУДА НА СУДИЈАТА ЈОВАНКА СПИРОВСКА ПАНЕВА ЗА НОВИНАРИТЕ – РЕАГИРА И МЕЃУНАРОДНАТА ЈАВНОСТ, znm.org.mk, 25.10.2023.

    [xviii] ИРЛ го изгуби спорот со Кочо Анѓушев, mkd.mk, 24.20.2023.

    [xix] ЗНМ, ССНМ и СЕММ: СКАНДАЛОЗНА ПРЕСУДА НА СУДИЈАТА ЈОВАНКА СПИРОВСКА ПАНЕВА ЗА НОВИНАРИТЕ – РЕАГИРА И МЕЃУНАРОДНАТА ЈАВНОСТ, znm.org.mk, 25.10.2023.

    [xx] Видете Новинарскиот синдикат: Пресудата против ИРЛ е загрозување на слободата на изразување, судот не смее да кажува кој е новинар, Макфакс, 11.11.2023.

    [xxi] Објавена срамната пресуда против ИРЛ: за судијката Јованка Спировска Панева новинарите во ИРЛ не се новинари и може да се соочат со забрана за работа, znm.org.mk, 10.11.2023.

    [xxii] На пример, главниот и одговорен уредник на веб изданието 360 степени, Васко Попетревски: „…обидите емитуваната содржина да се сведе на неновинарска и немедиумска, од една страна, е смешна, но од друга – опасна, иако најверојатно целта на тој пристап е да се избегне примена на праксата на Европскиот суд за човекови права, која би одела во полза на ИРЛ“.  Уредничката во Бирн Македонија, Тамара Чаусидис, истакнува: „Не е точно дека Законот за медиуми ‘изричито наведува дека  медиуми меѓу друго не претставуваат здруженијата’. Тоа напросто не пишува во Законот.“ (ИРЛ не се осудени за клевета, осудени се затоа што постојат, irl.mk, 10.11.2023)

    [xxiii] Петрит Сарачини, „Срамна пресуда за ИРЛ, ќе се разбуди ли Судскиот совет, или пак ќе мора да се срамиме во Стразбур и да ги плаќаме судските грешки?“, smk.mk, 10.11.2023: „Што ли ќе рече и дали воопшто нешто ќе преземе Судскиот совет во врска со оваа скандалозна пресуда? Дали конечно ќе видиме конкретни чекори кои би можеле да придонесат за враќање на урнисаната доверба во судовите, која е последица, пред сè, на вакви скандалозни пресуди?“

    [xxiv] Жарко Трајаноски, Веднаш да се распушти судот кој во кафкијански процес донесе пресуда против истражувачкото новинарство, слободата на медиумите и здруженијата на граѓани, ima.mk, 11.10.2023.

    [xxv] Јавен став на Ермина Нурединовска, 11.11.2023: „Здруженијата се слободни во вршењето на своите активности. Така, на ниво на принципи е членот 14  од ЗЗФ  според кој Организациите можат слободно да ги искажуваат и промовираат своите ставови и мислења за прашања од нивен интерес, да поведуваат иницијативи и да учествуваат во градење на јавно мислење и креирањето на политиките.“

    [xxvi] Видете, на пример, кластер наслови на time.mk.

    [xxvii] Претседателот Пендаровски: Не смее да постои етикетирање, дискредитација и обиди за регулирање на новинари и медиуми, president.mk, 11.11.2023.

    [xxviii] Видете Грковска со поддршка на ИРЛ: Судот нема право да ја забрани слободата на медиумите, Слободен Печат, 11.11.2023.

    [xxix] Владата нема намера да регулира кој е новинар, а кој не, порача Маричиќ, 360 степени, 17.11.2023: „Мој апел може само да биде до судиите кои судат вакви случаи, да бидат извонредно внимателни и да ги консултираат европските стандарди определени со случаите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, но и со други стандарди во Поглавјето 23 за медиумските слободи. Владата нема намера да регулира кој е новинар, а кој не.“

    [xxx] Видете Се надевам дека судот ќе ја преиначи одлуката за ИРЛ зашто слободата на говор никој не може да ја оспори, смета Битиќи, 360 степени, 20.11.2023: „Се надевам дека одлуката на повисокиот орган во судот ќе ја преиначи таа одлука и дека ќе биде само еден лош ден на една судијка која, поради своето убедување, го направила тоа и дека ќе се вратиме во тоа што сите треба да живееме – слободата на изразување, слободата на говор, независно во кој сектор, никој не може да ја оспори. Ги охрабрувам не само вашите колеги од ИРЛ, туку и сите други кои работат во граѓанскиот сектор, во медиумите, да продолжат да го прават тоа како што најдобро знаат да го прават“.

    [xxxi] Соопштение на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, 12.11.2023: „Оваа слобода може да биде ограничена само во одредени, точно определени случаи кога се загрозува јавната безбедност и мир, јавното здравје и слично.“

    [xxxii] Соопштение на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, 12.11.2023: „Граѓаните имаат право да бидат објективно, навремено и точно информирани за сите прашања кои се од исклучителна важност и се однесуваат на јавниот интерес и остварувањето на ова право треба да биде поттикнувано и охрабрувано од сите релевантни чинители во општеството.“

    [xxxiii] Соопштение на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, 12.11.2023: „Објавувањето уреднички обликувани содржини, во кои не се прекршени професионалните новинарски стандарди кои притоа се емитувани и на јавниот сервис е во насока на остварување на слободата на говор и слободата на информирање и зачувувањето на интересот на граѓаните“.

    [xxxiv] Како регулатоно тело, АВМУ, меѓу другото, „се грижи за заштита и развој на плурализмот на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, охрабрува и подржува постоење на разновидни, независни и самостојни аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.“

    [xxxv] Видете Фросина Димевска, Васко Маглешов, Пресуда против здравиот разум, Призма, 14.11.2023.

    [xxxvi] Видете Court SLAPPs OCCRP’s North Macedonian Media Partner, occrp.org, 15.11.2023.

    [xxxvii] Видете „Да се сугерира дека не се новинари во служба на нивната земја е глупост“ – Амбасадорката Агелер на средба со новинарите од ИРЛ, ТВ 21, 15.11.2023 и Амбасадорката Агелер на средба со новинарите на ИРЛ, им оддаде признание за истражувачките стории, 360 степени, 15.11.2023.

    [xxxviii] Видете По Агелер, и Гир на средба со новинарите на ИРЛ: Истражувачкото новинарство игра клучна улога во демократијата, 360 Степени, 21.11.2023.

    [xxxix] Ова го изјавува во интервју за МИА претседателот на Судски совет, Сашко Георгиев. Видете Георгиев: Претставката за случајот „Фероинвест против ИРЛ“ ќе се дискутира на Судскиот совет, МИА, 14.11.2023.

    [xl] Видете, ДКСК го повика Судскиот совет да го разгледа случајот со судската одлука поврзана со ИРЛ, Слободен Печат, 17.11.2023.

    [xli] Антикорупциска бара Судскиот совет да ја разгледа пресудата против ИРЛ, Мета, 17.11.2023.

    [xlii] Видете Судскиот совет со внимание ја следи работата на судиите, Соопштенија за јавност, 17.11.2023: „Судскиот совет  со внимание ја следи работата на секој судија и постапува во рамките на своите законски надлежности. Согласно  членот 61 од Законот за Судски совет, сите незадоволни лица можат  да поднесат барање  за  утврдување на одговорност на судија или претседател на суд во рок од шест  месеци од денот на осознавање на сторената повреда, но не подоцна  од три години од денот на сторувањето. Постапката е итна и од доверлив карактер и се води без присуство на  јавноста  и со почитување на угледот и достоинството на судијата или претседателот на судот.“

    [xliii] Видете Судијка од Граѓанскиот суд доби од новинарите плакета „цензор на годината“, sdk.mk, 20.11.2023.

    [xliv] Новинарски протест: „Судот не смее да одредува кој е новинар“, Призма, 17.11.2023.

    [xlv] Новинарите протестираа против срамната пресуда за ИРЛ, irl.mk, 17.11.2023: Новинарот Сеад Ризвановиќ: „Се повторува повторно пресудата за 27 април, каде исто така судот оцени дека колегите што биле во Собранието не можеле да докажат дека се новинари“.

    [xlvi] Изјава на новинарот Горан Теменугов. Видете и Новинарите на протест пред суд: Наместо да уживаме заштита, ние треба да докажуваме дека сме новинари, Р.С.Европа, 17.11.2023.

    [xlvii] Новинарите протестираа против срамната пресуда за ИРЛ, irl.mk, 17.11.2023: „Оваа пресуда ги засега сите 15.000 граѓански здруженија во државата. Што е следно, ќе ни забранат и нас да ги пренесуваме нашите продукти“ (Тона Карева, претставник на Блупринт групата за реформи во правосудството).

    [xlviii] Видете Protest novinara u Skoplju: Sud tvrdi da istraživački portal nije medij, Al Jazeera Balkans, 17.11.2023. Видете и Новинарите протестираа против срамната пресуда за ИРЛ, IRL, 17.11.2023: „Димитар Ковачевски, Христијан Мицкоски и Талат Џафери молчат за опасната пресуда против ИРЛ, а судот дозволува во името на граѓаните да се носат срамни пресуди против слободата на говорот.“

    [xlix] Видете Сашка Цветковска за ИМА: Апсурдно е воопшто и да се дебатира дали сме или не сме медиум, вакви „дебати“ доликуваат во држави како Северна Кореја и Бахреин, ima.mk, 17.11.2023: „ИРЛ е членка на „Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција“ – OCCRP, водечка медиумска организација на истражувачки центри чиј партнер во Македонија е ИРЛ. Минатата година беше прифатена нашата номинација и формално станавме членови на Глобалната мрежа за истражувачко новинарство (GIJN) – меѓународна организација која ги штити и унапредува вештините, правата и слободите на истражувачките новинари ширум светот. ИРЛ членува во Советот за етика во медиуми во Македонија, а нашите новинари членуваат во раководните тела на Здружението на новинари на Македонија, во Самостојниот синдикат на новинари на Македонија и во Советот за етика.“

     

    Exit mobile version