More

    21 ноември – Ден на Достоинството и Слободата

    Секоја година, на 21 ноември, во Украина се одбележува Денот на Достоинството и Слободата, токму на овој ден со интервал од девет години започнаа два судбоносни настани за Украина: Портокаловата револуција од 2004 година и Револуцијата на Достоинството во 2013 година.

    Денот на Достоинството и Слободата е воспостановен со цел да се зачуваат и да се пренесат до сегашните и идните генерации информациите за судбоносните настани во Украина на почетокот на ХХІ век, за афирмацијата на идеалите за слобода и демократија, како и за оддавање на должна почит кон патриотизмот и храброста на граѓаните кои есента 2004 година и во периодот од ноември 2013 година –  февруари 2014 година застанаа во одбрана на демократските вредности, правата и слободите на човекот и граѓанинот, националните интереси на нашата држава и нејзиниот европски избор.

    Пред 10 години, на 21 ноември 2013 година, неколку стотици луѓе излегоа на Плоштадот на Независноста во Кијив за да го изразат својот протест против одлуката на владата, која ѝ се закануваше на Украина со губење на независноста и ја пречкртуваше нејзината европска иднина. На тој ден, не само за Украина, туку и за целиот свет, започнува нова етапа и настани што ќе се случуваат во следните 94 дена – првиот чекор на патот кон драматични геополитички промени.

    Основата на овој судбоносен настан беше продолжувањето на борбата на Украинскиот народ за духовни и европски вредности – Достоинство и Слобода. Вредности за кои не се зборуваше во Европа бидејќи се сметаа за очигледни, а во русија беа премолчувани затоа што се сметаа за опасни.

    Европската цивилизација уште од времето на римското право се заснова на разбирањето на слободата и достоинството како основоположнички вредности на едно демократско општество.

    Правото на граѓаните на Достоинство и Слобода е предвидено во членовите на Уставот на Украина. Воведувањето на Денот на Достоинството и Слободата на државно ниво е доказ за препознавање на важноста на овие вредности за украинското општество.

    Достоинството и Слободата како Национална идеја на Украина почнаа да се оформуваат на Плоштадот на Независноста во Кијив, истата звучеше уште посилно за време на Портокаловата револуција во 2004 година, а подоцна и за време на Револуцијата на Достоинството во 2013-2014 година.

    Во ова тешко време за Украина и целиот свет, Националната идеја на Украина – идејата за Достоинство и Слобода, е способна да ги обедини нациите, да мобилизира за борба и да инспирира победа над државата-терорист рф – за доброто на сегашноста и за доброто на иднината на целиот демократски свет.

    Поминаа веќе 10 години откако Украинците ѝ покажаа на Европа и на целиот демократски свет дека Украина ја гледа својата иднина само во Европската Унија и НАТО, а воедно докажаа дека за оваа иднина Украинците се подготвени да се борат!

    Амбасада на Украина

    Извор: ЦивилМедиа

    Exit mobile version