More

    Со Планот за раст финансиската поддршка по глава на жител за Западен Балкан е речиси идентична со просекот во земјите на ЕУ

    Со комбинарање на новите средства од Планот за раст на Западниот Балкан со веќе програмираните и достапни средства од третата фаза на Инструментот за претпристапна помош и тековните инвестиции низ Инвестициската рамка за Западен Балкан, се создава безмалку идентична алокација на помош по глава – жител како што е просекот во ЕУ. На овој начин Унијата изразува решителна солидарност со нашиот регион како одговор на оправданите повици за намалување на социо-економскиот јаз и диспаритети преку создавање на можности за посилна социо-економска конвергенција.

    Тони ПОПОВСКИ

    Внатрешните, меѓусебе спротивставени партиско – политички рефлексии на Извештајот на Европската Комисија и поврзаната дебата го потиснаа разгледувањето на предлогот на Европската Комисија за нов План за раст за Западниот Балкан, кој се очекува наскоро да биде усвоен од Европскиот совет на шефови на држави и влади и Европскиот парламент. Притоа од полза е подобро да се разберат целите и модалитетите за спроведување на овој план, и кои би биле нашите обврски и придобивките до 2030 година, како година во која се очекува кулминација на пристапниот процес.

    Европската Комисија го подготви овој План за раст како потврда на посветеноста на проширувањето како една од клучните политики на Унијата. Во образложението на планот Комисијата наведува дека членството во ЕУ за Западниот Балкан е во политички, безбедносен и економски интерес на Унијата и нејзините партнери и дека интегрирањето на Западниот Балкан е геостратегиска инвестиција во мирна, стабилна, силна и обединета Европа. Заложбата е недвосмислена како од аспект на потреба од забрзување на процесот на пристапување така и од аспект на потреба од методично водени реформи поддржани со зголемени инвестиции кои примарно целат кон забрзување на економскиот раст и социо-економска конвергенција на Западниот Балкан со ЕУ.

    Од вака формулирани цели може да се заклучи дека перспективата за забрзано пристапување е првенствено регионално дефинирана, односно подразбира потреба од синхронизирано и хармонично придвижување на Западниот Балкан како целина кон ЕУ. Потврда е и честото повторување на поимот „заеднички регионален пазар“ во планот, и потребата од негово одржливо создавање и функционирање како меѓучекор до конечна интеграција во заедничкиот пазар на Унијата. Истовремено ова е репотврда на значењето на поимот „економија на обем“ за Унијата и интересот на ЕУ доколку се проширува и зајакнува тоа да биде со компактен и квалификуван регион, кој геополитички и економски е повлијателен како целина отколку секоја држава сама за себе. Имајќи го ова предвид, крајно време е државите од Западниот Балкан и нивните политички елити да покажат максимална сериозност и да си помогнат себеси но и едни на други во изодувањето на оваа последна етапа од европскиот пат до полноправно членство. Секако, ова е полесно да се каже отколку да се оствари бидејќи упатува на потреба од широк внатрешен консензус за итно надминување на преостанати меѓусоседски отворени прашања покрај демонстрирање на искрена посветеност кон заокружување на сите неопходни внатрешни реформи за усогласување со правилата на заедничкиот европски пазар и остварување на висок степен на владеење на правото.

    Планот се однесува на периодот од 2024 до 2027 година и за негово спроведување ЕУ предвидува создавање на нов финансиски инструмент вреден 6 милијарди евра, како комбинација од неповратна помош – грантови и поддршка преку поволни заеми. Три милијарди евра во облик на поволни заеми ќе бидат директно исплатени во националните буџети на државите од Западниот Балкан а други три милијарди евра (вклучувајќи 2 милијарди евра грантови и 1 милијарда евра поволни заеми) ќе бидат алоцирани за инфраструктурни инвестиции преку веќе во подолг период оперативната – Инвестициска рамка за Западен Балкан, и тоа во областа на транспортот, енергетиката, дигитализацијата, образованието и развојот на вештини. Притоа над една третина од овие средства треба да контрибуираат за остварување на климатските цели.

    Предвидено е исплатите да се вршат со споредбено многу позабрзана динамика – два пати годишно, но истите се условени со постигнувањето на социо-економските реформи, заедно со темелните реформи, особено во областа на владеењето на правото. Средствата од овој инструмент ќе се трансферираат според фиксен полугодишен распоред, врз основа на барање за ослободување на средствата поднесено од корисниците (државите од ЗБ) и по проверка од Комисијата за задоволително исполнување на сите предвидени услови.

    Европската Комисија очекува финансирањето да биде достапно што е можно поскоро во текот на 2024 година. Паралелно, државите од Западен Балкан ќе треба да ги подготват своите реформски агенди. Доколку конечната одлука на ЕУ институциите биде донесена наскоро и реформските агенди бидат подготвени на почетокот на следната година, Комисијата ќе може да го процени напредокот во реформите и да ги иницира првите исплати во рамките на овој нов инструмент до средината на 2024 година.

    Очекувањето е дека преку ефикасно апсорбирање на овие средства, обемот на економски активности во државите од Западниот Балкан до 2030 година ќе биде удвоен и дека нашите економии ќе бидат модернизирани, динамични и во висок степен декарбонизирани, со подобрени можности за вработување и намален поттик за иселување. Истовремено, „одглавувањето“ на економскиот потенцијал на регионот, ќе создаде реални деловни можности за нашите компании и работници, истовремено зголемувајќи ја довербата и атрактивноста на Западниот Балкан за европските инвеститори.

    Со комбинарање на новите средства од Планот за раст на Западниот Балкан со веќе програмираните и достапни средства од третата фаза на Инструментот за претпристапна помош и тековните инвестиции низ Инвестициската рамка за Западен Балкан, се создава безмалку идентична алокација на помош по глава – жител како што е просекот во ЕУ. На овој начин Унијата изразува решителна солидарност со нашиот регион како одговор на оправданите повици за намалување на социо-економскиот јаз и диспаритети преку создавање на можности за посилна социо-економска конвергенција. Пораката е дека регионот и неговите жители имаат неповторлива можност да ги почувствуваат предностите од подобра интеграција со ЕУ пред фактичкото зачленување.

    Еден од нагласените предуслови за пристап кон овие средства е државите од Западниот Балкан да остварат висок степен на внатрешно – политичка и економска стабилност. Секако, закана за исполнување на овој предуслов е сѐ поприсутната и тензична политичка поларизација мотивирана од политичка печалба на популарност на целосно непродуктивни теми кои тенденциозно се вадат од вистинската пропорција. Оваа закана може да се адресира само преку замена на балканската состојба на „политичкиот“ ум, со прагматичен – европски политички ум или разум. Особено за нас, битно е да го обновиме контактот со реалноста, да го направиме тој нужен компромис но и добрососедски гест со уставните измени и да си фатиме ред наместо неред, неизвесност и непродуктивна дистанца од сето она што значи реална можност за придвижување напред кон просперитетна политичка и социо-економска иднина низ обединување во ЕУ.

    П.С: Согласно со Планот за раст, државите од Западниот Балкан ќе имаат рок од една до максимум две години да ги исполнат сите погоренаведени услови. Во спротивно износот ќе биде прераспределен меѓу државите кои ќе ги исполнат условите.

    Извор: Фронтлајн

    Exit mobile version