Попладнево, кратко по продолжувањето на собраниската седница, таа беше прекината вторпат откако „агресивците“ на Левица, пратениците Борислав Крмов и Димитар Апасиев предизвикаа невиден инцидент на говорницата во Парламентот.
Тие во вандалски манир дивееја и се расфрлаа со листови со амандманите за предлог – Деловникот на Собранието и посегаа по дел од преостанатиот инвентар од претседавачката маса.
На вториот чин од вандализмот му претходеше првото продолжение на 131. седница попладнево, кога дојде до инцидент во кој двајцата пратеници на Левица почнаа да фрлаат со нивните амандамни за Деловникот кон потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, кој ја водеше седницата.
Крмов, кој имаше процедурална забелешка, фрлаше со листовите од амандманите и ги искрши компјутерот и телефонот пред претседавачот на Собранието, а потоа нему му се придружи и Апасиев.
Апасиев од говорницата праша како може 12 амандмани да бидат прифатени, а другите да не бидат. Апасиев рече дека услов за тие да влезат во Влада по следните избори ќе биде претседателот на Собранието и предлагач на Деловникот, Талат Џафери да оди во затвор.
Крмов, исто така, бараше да се прекине седницата фрлајќи го преостанатиот инвентар од претседавачкото место.
Потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, под принуда, повторно ја прекина седницата.
Левица поднесе над 2000 амандмани за предлог-Деловникот на Собранието. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, посочи дека се поднесени 2.461 амандмани од Апасиев и Крмов, кои не се уредни. Како што рече Џафери, 12 амандмани се уредни, а останатите не. Тој додаде дека три амандмани поднеле и пратениците Бедри Фазли и Илија Николовски и дека истите се уредни.