Последни написи

Вистиномер: Меѓународниот аерoдром Скопје не нуди изгубени куфери за 1 евро

Станува збор за лажна понуда со цел финансиска измама, во која се злоупотребува брендот и името на ТАВ аеродромите. Со багажот на патниците не се тргува, туку тој им се враќа на патниците доколку го изгубат. Оваа страница, до која води објавата што се шири на Фејсбук, не е на ТАВ Македонија, туку е на измамници, кои целат да ги олеснат банкарските сметки на граѓаните за 38 евра на секои 14 дена. Од Меѓународниот аерoдром Скопје експресно ја демантираа измамата, преку објава на нивната официјална страница на Фејсбук

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Аеродромот Александар Велики го расчистува складиштето и нуди изгубен багаж за 1 евро!

Сите куфери се спакувани со различни предмети и електроника.

Обезбедуваме достава низ целата земја.

Оваа понуда е исклучиво достапна онлајн до крајот на месецот.

Имате полиса за враќање од 60 дена.

За да направите нарачка, едноставно кликнете на копчето во огласот и продолжете на веб страницата.

Станува збор за перфидна измама со којашто може да ви биде олеснета банкарската сметка. Затоа на корисниците на Фејсбук кои ќе наидат на овој таканаречен „оглас“ им препорачуваме дефинитивно да не наседнуваат, бидејќи не станува збор за вистинита, туку за комплетно фабрикувана и невистинита објава.

Во склоп на истата, се објавува и фотографија од мноштво куфери, фотографија која треба да ги разубеди граѓаните дека „стоката е спремна и чека да биде испорачана“.

Под објавата се оставени и лажни коментари со сомнителна содржина.

Никогаш досега не сум учествувал во вакви понуди, но овој пат прифатив. Тоа се нанадминати емоции, го отвараш куферот, а има изненадување. Најдов телефон, сосема нов Ајфон и чини само 1 евро, стои во еден од лажните коментари под објавата.

Измамата се состои во злоупотребата на логото, брендот името и реномето на ТАВ, односно компанијата којашто е несомнено една од најреномираните во државата, а задолжена за аеродромот во Скопје.
Кога ќе се кликне на линкот под фотографијата, тој го носи измамениот граѓанин на лажна страница на која со мноштво печатни грешки пишува:

Честитки, станавте учесник на Александар Веракиот Аеродром промоција! Александар Великиот аеродром продажбата започна 2023! Ние итно го расчистуваме складиштето на аеродромот и продажба на багаж за кој не е надзор повеќе од 6 месеци. Според правилата, треба да се отстрани, но ние организираме добротворен настан и го даваме само за 1 евро.

Потоа следува квиз со три прашања: дали живеете во Македонија, дали имате 18 години и дали сте купиле изгубен куфер порано? Откако граѓанинот ќе одговори на поставените прашања, се препраќа на посебна креирана страница каде се наоѓаат повеќе икони со подарок, на кои откако ќе кликне е лажно известен дека добил куфер. И тогаш следува главната измама, односно од него се бара да ги внесе сите лични и банкарски податоци, со  измама дека на таков начин ќе плати 123 денари за испорака на „куферот“.

А со сосема мали букви, на англиски јазик, од страна е испишано дека всушност корисникот се согласува да му бидат наплатувани 38 евра секои 14 дена, дека тоа го прави доброволно и кога ќе се согласи на тоа, нема рефундација. Наведено е дека „претплатата“ е за извесна страница holidaygoshop.com .

Од Меѓународниот аерoдром Скопје експресно ја демантираа измамата, преку објава на официјалната страница на Фејсбук:

Почитувани патници и следбеници на нашата Фејсбук страница:

До нас дојде информација дека извесна Фејсбук страница која се претставува како да е скопскиот аердором шири невистинити информации во јавноста за извесна продажба на изгубен багаж.

Како сериозен бизнис и општествено оодговорна компанија, ТАВ Македонија ве известува дека страницата со име Alexander the Great Airport лажно се претставува, шири лажни информации за наводна продажба на изгубен багаж и со овие невистини нанесува штета на угледот на ТАВ Македонија и на Меѓународниот Аеродром Скопје.

Поради ова ТАВ Македонија ќе ги преземе сите правни мерки со цел да го заштити својот углед. Ние сме одговорна компанија која се грижи за своите клиенти, авиокомпаниите и патниците. Во аеродромскиот бизнис никогаш не се тргува со изгубениот багаж туку тој им се враќа на сопствениците по регуларната постапка за изгубен багаж.

Единствената Фејсбук страница на Меѓународниот Аеродром Скопје, управувана од ТАВ Македонија е оваа страница како и страницата со исто име на Твитер и Инстаграм. Сите други страници на социјалните мрежи кои можеби ќе ги сретнете, лажно се претставуваат и немаат никаква врска со Меѓународниот Аеродром Скопје и нашата дејност.

Со почит,

ТАВ Македонија.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита. Станува збор за лажна понуда со цел финансиска измама, во која се злоупотребува брендот и името на ТАВ аеродромите. Со багажот на патниците не се тргува, туку тој им се враќа на патниците доколку го изгубат. Оваа страница, до која води објавата што се шири на Фејсбук, не е на ТАВ Македонија туку е на измамници, кои целат да ги олеснат банкарските сметки на граѓаните за 38 евра на секои 14 дена.

Извор: Вистиномер

Latest Posts

Не пропуштај