More

    „’Мицковизмот’ е рак-рана на македонското општество“: Арсовска се појави во Советот на Скопје

    Претседавачот Славески ѝ порача на Арсовска: „Имавме работна атмосфера, вие отрувте со политика, подобро да не дојдевте“

    Иста мета, иста реторика, исто растојание.

    Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, по подолго време се појави на седница на Советот на Град Скопје и настаните повторно заличија на оние претстави пред повеќе месеци кога таа беше обвинувана од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, а таа им возвраќаше без пардон. Иако ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа нејзината кандидатура и ефективно ја водеше кампањата на Арсовска.

    На денешната вонредна седница на Советот на Град Скопје треба да се гласа дали ќе се одобрат дополнителни средства за поддршка на Јавното сообраќајно претпријатие, не изостанаа политичките препукувања во кои Арсовска оцени дека „мицковизмот“ е рак-рана на македонското општество. Финансиската помош за ЈСП е единствена точка на дневниот ред.

    Данела Арсовска, по подолго време реши да присуствува на седница на Советот и токму затоа се почна  со еден час задоцнување. Арсовска е предлагач и иницијатор на оваа вонредна седница, затоа што без пари на Скопје му се заканува уште еднаш да остане без јавен превоз.

    Но, откако таа излезе на говорница ги прозва советниците од ВМРО-ДПМНЕ дека токму тие се виновни што поголемиот дел од проектите не се завршени.

    „Вие сте власт во Град Скопје, вие сте причината зошто најголем дел од проектите не се реализирани. Јас како еден човек не можам да направам сѐ сама, затоа што вие сѐ блокирате“  порача Арсовска.

    Советниците од ВМРО-ДПМНЕ ги нарече „мицковисти“, односно ги обвини дека чекаат повик од лидерот на партијата Христијан Мицкоски кој им кажува да излезат од седница или да не гласаат по одделни точки.

    „Тој ‘мицковизмот’ е рак рана на македонското општество. Како тоа не сте власт? Имате 500 претставници во надзорни, управни и училишни одбори. Ако не сте власт кажете им на членовите на управни и надзорни одбори да се повлечат и распишете конкурс каде ќе се јават независни членови“, порача Арсовска, откако претходно советник од ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека без разлика што имаат најбројна советничка група во Градот, тие не се власт.

    Арсовска порача дека токму ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа програмата „За модерно Скопје“, но дека прави сѐ за да не се спроведат проектите од програмата, како и оние проекти кои биле претходно почнати, а се од интерес на граѓаните.

    „Како сакате во исто време и да нема приватен превоз и да има автобуси. Или е едното или е другото? Како сакате 220 автобуси коишто некој ги спроведува во јавниот превоз, а треба да се заменат со нови 250, за кои што не гласате, да се заменат кога се непостоечки? Секој еден ‘мицковист’ ги ветуваше овие работи и одеше со мене заедно од врата на врата. Јас сликите со Мицкоски ќе ги вадам лично, да видат дека тој ги ветувал овие работи. Шпицниот градоначалник отвора чешми место да отвора капитални проекти“, рече Арсовска.

    Градоначалничката обелодени дека претходен директор поставил 900 административци во ЈСП Скопје. Им порача на советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ дека не се опозиција во градот и дека имаат свој претседавач на Советот.

    Претседателот на Советот, Трајко Славески, рече дека до тогаш во Советот имале работна атмосфера, „не се согласуваме, но имавме работна атмосфера“, а градоначалничката ја „отрула“ дискусијата со политика.

    „Имавме работна атмосфера, вие отрувте со политика, подобро да не дојдевте“, ѝ порача Славески на Арсовска и даде пауза од половина час. 

    Подоцна ореку соопштение Славески најави дека ќе поднесе тужба за клевета против градоначалничката  Данела Арсовска бидејќи за време на седницата го обвини за фалсификување на потписи.

    „Таа ќе добие тужба за клевета затоа што јас не сум фалсификувал потписи, јас не можам да фалсификувам мој потпис. Мој потпис е ставен на гласање „за“ за две советнички кои ги вклучивме онлајн на седница на Советот, едната поради патолошка бременост, другата поради лекување од рак. Тоа е тешко обвинение за фалсификат. Јас ги имам списоците, имам копија со знаење на сите тука, на службите јас имам потпишано со „за“ до нивните имиња, јас не можам да го фалисикувам мојот потпис“, рече Славески.

    Извор: Независен

    Exit mobile version