Последни написи

Георгиев за МИА: Судскиот совет ќе ја дискутира на седница претставката за случајот „Фероинвест против ИРЛ“

До Судскиот совет има претставка во врска со случајот „Фероинвест против ИРЛ“ и таа ќе биде разгледана и ќе биде предмет на дискусија на седница, изјави во интервју за МИА претседателот на Судски совет, Сашко Георгиев.

Претставката е поднесена од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), кое поднесе барање до Судски совет за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судијата Јованка Спировска Панева од Основен граѓански суд Скопје за сторена дисциплинска повреда – нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Панева во пресудата за случајот меѓудругото вели и дека новинарите во Истражувачката репортерска лабораторија не се новинари и оти може да се соочат со забрана за работа.

На прашањето на МИА дали судот воопшто има ингеренции да одредува кој е новинар, а кој не, Георгиев не даде директен одговор, но рече дека е добро што станува збор за првостепена одлука, по која постои можност за жалба.

„Добро е што станува збор за првостепена пресуда. По оваа одлука, нормално, незадоволните ќе имаат право на жалба и ќе го искористат тоа право, каде што второстепениот суд ќе има своја одлука. Не навлегувам во делот на одлуката, бидејќи тоа е врз основа на докази кои што ги ценел судијата. Ниту можам да ги знам доказите, ниту можам да ценам такви докази. Судството е така поставено што на секоја одлука следува право на жалба на повисокиот суд, каде што повисокиот суд ќе ги анализира сите овие докази во прилог на предметот, односно жалбата, и ќе донесе одлука“, рече Георгиев во интервјуто за МИА.

Инаку, Граѓанскиот суд Скопје ја осуди за клевета Истражувачката репортерска лабораторија и уредничката Сашка Цветковска за документарецот „Заговор против воздухот“ по тужба на поранешниот вицепремер, Кочо Анѓушев, сопственик на Фероинвест.

Р.С

Latest Posts

Не пропуштај