Последни написи

Вистиномер: Неточна е веста за обид за атентат врз палестинскиот претседател Махмуд Абас

Видеото кое стана доста вирално, а за кое се тврди дека го прикажува нападот врз конвојот на палестинскиот претседател Махмуд Абас, всушност е видео од престрелка меѓу палестинската полиција и дилери на дрога. Генералниот политички комесар и официјален портпарол на палестинскиот безбедносен естаблишмент, генерал-мајор Талал Двејкат, соопшти дека шест палестински безбедносни офицери се повредени, од кои еден потешко, додека трагале по едно лице во градот Рамала, пишува „Вистиномер“ во рецензија што ја пренесуваме во целост.

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека имало обид за атентат врз претседателот на Палестина Махмуд Абас. Тврдењето е лажно.

Конвојот на претседателот на Палестина, Махмуд Абас, бил нападнат од безбедносниот сектор на Палестина, кој постави 24-часовен ултиматум со кој бараат Западниот Брег да влезе во конфронтација (војна) со Израел.

Засега не е позната судбината на претседателот на Палестина, но очигледно успеал да побегне додека еден чувар бил убиен, стои во објавата што ја анализираме.

Објавата е придружена со видео на кое се гледа црн автомобил и луѓе меѓу кои доаѓа до престрелка, при што едно лице лежи на земја. Нејасно е дали е мртов или повреден.

Ова видео, претставено како да станува збор за напад врз конвојот на палестинскиот претседател и обид за негов атентат, брзо стана вирално на социјалните мрежи. Видеото беше споделено на  Х (Твитер) од Некста во чијшто опис беше наведено дека „имало обид за атентат на палестинскиот премиер Махмуд Абас“, иако Абас е претседател. Понатаму, во објавата се тврди дека „групата „Синови на Абу Џандал“ ја презеле одговорноста за нападот“.

 

Бомбастичната вест за наводниот обид за атентат на палестинскиот претседател првично ја пренесоа руската агенција ТАСС и Турски весник, но ја преземаа и дел од  македонските медиуми.

Меѓутоа, не станува збор за никаков обид за атентат врз палестинскиот претседател, туку за престрелка меѓу полицијата и дилери на дрога. Како што објавиле локалните медиуми, истиот ден кога видеото почна да кружи на интернет, портпаролот на палестинските безбедносни служби, Талал Двејкатсоопшти дека видеото, всушност, покажува рација за шверц со дрога извршена од палестинските полициски сили во бегалскиот камп Џелазун во близина на Рамала.

Во врска со ова портпаролот Двејкат во објава на Фејсбук напишал дека шест членови на палестинските безбедносни сили биле повредени, од кои еден сериозно, додека трагале по едно лице барано за шверц со дрога во Рамала. Тој наведува дека во позадина на конфликтот е судирот за трговија со дрога, безбедносните сили отишле во кампот северно од Рамала, за да уапсат еден од бараните во врска со случаите на шверц на дрога, извесен Билал Абу Асаба. Додека палестинските безбедносни сили ја извршувале својата задача во нив било пукано и во престрелката еден од полицајците се здобил со тешки повреди. Двејкат нагласува дека овој напад нема да помине неказнето.

Дека веста за наводен атентат врз палестинскиот претседател е лажна, пишуваа и сервисите за проверка на факти на Обсерверс – Франс 24 и на Јаху.

Од сето ова може да заклучиме дека немало никаков обид за атентат врз палестинскиот претседател Махмуд Абас. Видеото кое стана доста вирално, а за кое се тврди дека го прикажува нападот врз конвојот на Абас, всушност е видео од престрелка меѓу палестинската полиција и дилери на дрога. Генералниот политички комесар и официјален портпарол на палестинскиот безбедносен естаблишмент, генерал-мајор Талал Двејкат, соопшти дека шест палестински безбедносни офицери се повредени, од кои еден потешко, додека трагале по едно лице во градот Рамала. Поради сето ова, објавата ја оценуваме како неточна.

Извор: Вистиномер.мк

Latest Posts

Не пропуштај