Последни написи

Дали Албанија ќе добие вето од Грција за продолжување на преговорите со ЕУ?

Медиуми од Албанија, пренесувајќи написи на грчки медиуми, известија дека Грција ја постави првата блокада на патот на Албанија кон ЕУ.  Според известувањата, Грција не се согласила со писмото на 27-те земји членки на ЕУ за отворање на првите поглавја на преговорите со Албанија.

Како можна причина за ова се наведува апсењето на градоначалникот на Химара, Фреди Белери, кој е етнички Грк, по што Атина обвини дека неговите права се кршат. Катимерини пишува дека ваквиот развој на настаните може да претставува разделба на Северна Македонија и Албанија на заедничкиот европски пат.

Во текстот на влијателниот грчки весник се вели дека Атина ќе го преиспита својот став, само доколку Тирана преземе чекори со кои ќе покаже дека има простор за дискусија. Грција инсистира Белери да добие шанса за заклетва за градоначалник, барање кое албанските судови досега го одбиваа. На 22 овој месец е следното рочиште од судењето, на кое на Белери му се суди за купување гласови. Тој беше уапсен два дена пред локалните избори во Албанија кои се одржаа на 14 мај годинава, по сомнение за „изборна корупција”.

Иако во притвор, Белери беше реизбран за градоначалник на Химара, во кое има многу припадници од грчкото малцинство. Барањата да биде ослободен за да даде заклетва и да ја обавува градоначалничката функција му беа одбиени од сите судски инстанци.

Случајот е нотиран и во извештајот на Европската комисија, како сериозен проблем кој ги комплицира грчко-албанските односи. Официјална Атина во континуитет бара негово ослободување оценувајќи дека е уапсен неправедно, и се закани со блокирање на Албанија на евроинтегративниот пат. Од друга страна, албанскиот премиер, Еди Рама во неколку наврати изјави дека „не се меша во работите на независното судство”.

Р.С

Latest Posts

Не пропуштај