Последни написи

Забрчанец: Скандалозни и опасни се дел од наодите во судската одлука во случајот со тужбата против ИРЛ

Марјан Забрчанец, актуелен координатор во Владата на Северна Македонија и поранешен претседател на граѓанската организација Младински образовен форум, ги оцени како скандалозни и опасни дел од наодите презентирани во судската одлука во случајот со тужбата против ИРЛ.

„Судот сериозно згазил не само врз новинарските слободи и слободата на изразување туку и врз слободата на здружување. Здруженијата на граѓани (и медиумските организации) постојат заради остварување цели од јавен, а не од личен интерес“, пишува Забрчанец во објава на неговиот Фејсбук профил, укажувајќи дека граѓаните се здружуваат заради повисоки цели, заради општествен интерес.

Според Забрчанец, скандалозни се наодите на судот со кои се сугерира дека на ИРЛ наводно им требало дозвола за да емитуваат истражувачка содржина.

„Уште поскандалозна е забелешката дека ИРЛ биле здружение на граѓани, но не биле здружение за објавување информации во средствата за јавно информирање.

Ова е преседан со кој суд од македонското правосудство укажува дека за некое здружение да може да објави став или наоди од истражување во јавноста, всушност му била потребна дозвола или посебна регистрација.

Дали тоа значи дека неколкуте илјади граѓански здруженија и невладини организации од утре не треба да комуницираат со јавноста? Ова не е цензура, ова е судски диктат кој не може да помине.

Граѓанските и медиумските слободи ги освоивме во 2016 година и денес во ова наше општество тие слободи имаат голем број свои бранители и застапувачи. Обидите за замолчување на граѓанското општество и на медиумите ќе завршат неславно“, вели Марјан Забрчанец во неговата реакција.

Под неговиот пост, Забрчанец објави делови од јавно објавената судска пресуда на кои се однесува неговата реакција.

Р.С

Latest Posts

Не пропуштај