More

    Претседателот Пендаровски реагираше за судската пресуда против ИРЛ

    По повод пресудата за клевета во случајот „Фероинвест против ИРЛ“, реагираше и претседателот на државата, Стево Пендаровски.
    „Слободата на медиумите е директно поврзана со степенот на демократијата во едно општество и со заштитата на јавниот интерес. Новинарството е слободна професија и како таква е потребно да подлежи на принципот на саморегулација од страна на медиумските тела и организации“, се вели во реакцијата на претседателот Пендаровски, објавена на неговата официјална Фејсбук страница.
    Според него, јавноста има право да биде навремено и точно информирана за сите важни прашања во едно општество кои се однесуваат на јавниот интерес.
    Претседателот Пендаровски воедно посочува дека граѓаните, исто така, имаат право да очекуваат судиите кога пресудуваат да ја почитуваат слободата на изразување, правото на граѓаните да бидат информирани за теми од јавен интерес и да му дадат приоритет на јавниот интерес наспроти поединечниот интерес особено кога се работи за прашања кои го засегаат големото мнозинство од општеството. Во таков случај, во јавен интерес е јавноста да биде запознаена со релевантни факти од значење за тие прашања, смета претседателот.
    „Етикетирање, дискредитација и обиди за регулирање на новинари и медиуми имаше и во минатото и сведоци сме дека таквите процеси не доведоа до демократски развој. Како држава која се определила за членство во ЕУ и споделување на европските вредности за демократија, транспарентност и одговорност, потребно е да ги почитуваме и спроведуваме меѓународните стандарди за медиумски слободи“, се вели во објавата на претседателот Пендаровски.
    Р.С
    Exit mobile version