More

    Македонските телевизии и ослепениот Полифем: Фактите за медиумите и шверцувањето на финансиерите на вмровската политика

    Опишано сликовито, медиумскиот пазар го опишуваат како ринг со премногу грогирани боксери, а излегува дека изостанува само масовно фрлање на пешкири во него. Дали т.н. борба за слободни медиуми од страна на новинарските здруженија не ја сокрива, всушност, тајната на опстанокот на огромен број медиуми за така економски слаба земја. Од каде доаѓа инфузијата? За тоа никогаш немало дебата дури и кога дел од завесата ќе се подотворел!

    ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

    Во блиц-кригот на носење на четири закони од сфера на електронските комуникации со европско знаме, стои и одредбата буџетски да се покриваат дел од трошоците на телевизиите што користат национална фреквенција. Таа позиција на потенцијалните корисници, наместо да ги направи полагодни, предизвикува отпор подолго време.

    Вистина е дека нема директни оценки од релевантните чинители (сопствениците, менаџментот на телевизиите), но тоа се прави во форма на индиректен притисок од новинарските здруженија и медиумски аналитичари со едно образложение – државата на овој начин ќе ги корумпирала медиумите и ќе добивала од финансираните „гратис“ позитивни оценки.

    Дали некој верува дека новинарските здруженија се толку независни од сопствените газди!? Или, да одиме чекор понатаму – дали сопствениците на медиумите се независни од политички центри вон ареалот на владините „хеликоптерски пари“?!

    Да кажам дека и јас сум против тоа оваа Влада да им дава пари на медиумите од буџетот! Зошто? Па затоа што тие и натаму ќе ја критикуваат само неа од целиот политички спектар, секој ден и во секој повод, ако треба – ќе го креираат поводот, раководени од еден политички центар, како што тоа го прават со децении наназад.

    Дефокусирање од вистинските проблеми на медиумите

    Во оваа ситуација, и Владата и аналитичарите, едноставно, наликуваат на ослепениот Полифем, чие едно око го погодиле со колец морнарите на Одисеј. Полифем – обидувајќи се да ги контролира овците кои мора да ги пушта на пасење преку излезот на пештерата, каде се затворени и неговите заложници – не успева да согледа дека под нивната волна му се промолкнуваат факти што говорат дека стравот пред „националните сили“ и парите кои најчесто не се толку видливи, како оние од буџетот, фактички ги држат радиодифузерите во зоната на опстанокот еве три децении. Значи, целата расправа што се води сега е ептен дефокусирана од вистинските релации меѓу медиумите и нивните содржини и е од доменот на папагалски цитати на теории кои немаат врска со домашните ситуации и вредности. Нашиот Полифем е слеп многу одамна…

    Кога еднаш говорев на една трибина организирана од Цивил, а тоа беше навистина одамна, мислам најмалку пред 15 години, на тема колку пари се вртат во медиумскиот сектор, користев сознанија што некои колеги тогаш ги имаа пред евентуалното продавање на својот весник, па консултираа аналитичка агенција која требаше да им даде појасна слика за медиумскиот пазар.

    А тој портрет ја содржеше бројката од 30 милиони евра што агенциите за рекламирање пласираат во телевизиите и весниците (пред 15 години!). Ова беше бројка која просто зацементирана, опстојуваше со години и секако, сама по себе, предизвикуваше чудење кај консуматорите.

    Истражувањето откри дека тој пазар содржи уште 20 милиони евра кои одат по неконвенционални патишта (форми на стоковна размена, пласирање на производи во трговски мрежи со уцена дека дел од цената ќе се даде на медиумот кој е поврзан со уценувачот и слично), што покажа дека ние немаме пазар на кој постои рамноправен натпревар и дека се работи за прилично „пиљарски простор“ што и онака го пополнуваат менаџери кои до скоро оделе со штипки на пантоланите. Се знае, нели, што симболизираше ова.

    КОЈ ГУБИ КОГА ПОЛИФЕМ ЌЕ ГО ПОТРОШИ СВОЕТО ВРЕМЕ Фактите за медиумите се измолкнаа од погледот на јавноста, вистинските финансиери на вмровската политика пак се прошверцуваа

    Што покажуваа завршните сметки?

    Она што можеше, пак – на лична иницијатива – да се открие во податоците во тогашниот Совет за радио дифузија, беше фактот дека свој голем удел во финансиската ситуација во електронските медиуми имаат и политичките партии. Дојдовме и до нив.

    Во Советот, годишните пресметки поединечно покажуваа огромни ненаплатени реклами за време на изборите, со години наназад, во кои предничеше партијата која ќе ја погодите од прва – ВМРО ДПМНЕ – а кои се базираат на фактурирани побарувања од телевизиите, но без финален ефект. Тоа се вика изгубена добивка, ама во формална смисла на нив треба да се плати и данок, бидејќи органите на оданочување не ги интересира причината зошто дошло до прекинат интерес кај партиите во однос на обврските кон медиумските субјекти! Значи, и ненаплатената фактура, во секој случај, повлекува обврска да се плати данокот – што не се случуваше.

    Јасно, во оваа наша држава тогаш и никој не би смеел да стави забелешка од тој тип – политичката корист од бесплатните реклами од голем обем носеше континуирана добивка која не смееше да биде пореметена со ништо.

    Пари од никаде, сите медиуми на број!

    Кон крајот на 2016 година, според податоците на АВМУ, во земјава имаше повеќе од 110 радиодифузери. Плус-минус. Имаше двајца радиодифузери на кои дозволата ќе им се земела, а на врата чекаа нови кандидати. За илустрација, една Словенија после осамостојувањето има само 4 радиодифузери со национална концесија! Во оваа држава, многу побогата од нас се внимавало на – самоодржливоста.

    Во тој двор, од каде што се влегуваше во сите електронски медиуми, да ги земеме главните, не се гледаше (докрај) каде е тајната на опстанокот на тој сегмент од јавното информирање!? Ова секако треба да е јасно и за оној кој брза со заклучокот за непотребноста од буџетско финансирање на овој сегмент од општеството, нели? Бидејќи сликовито, тој пазар го опишуваат како ринг со премногу грогирани боксери, а излегува дека изостанува масовно фрлање на пешкири во него…

    Да се вратиме накусо на периодот кога, покрај МРТ, во земјата добивме повеќе нови телевизии. Зад А1 стоеше Фондацијата Сорос, потоа, зад Сител беше Комбинатот Силекс (односно Социјалистичката партија), Телма зад која стоеше Макпетрол односно крупниот капитал и ЛДП, па Алсат М која беше формално создадена од приватен капитал на градежник, по потекло Албанец, Канал 5 на Стојменов кој, како што и самиот признава дека добил дозвола како телевизија на ВМРО-ДПМНЕ, и така натаму.

    Се подразбираше, секако, дека пари за функционирање ќе обезбедуваат основачите и со оглед на природата на предизвикот, за таа цел ќе мораше да се одвои значителен дел од приходот на компаниите. Или, пак, на партиите со кои тие беа безмалку јавно поврзани?

    Според неодамна објавената анализа на Атанас Кировски, поранешен директор и главен и договорен уредник на Телма (или Телевизија Макпетрол) под наслов „Бавната смрт на македонските телевизии“ во мигот, освен јавниот сервис со два основни и неколку специјализирани канали, опстојуваат пет телевизии со национална терестријална концесија: Сител, Канал 5, Аласт М, Телма и Алфа. Има и четири кабелски телевизии кои зрачат национално: ТВ Сонце, ТВ Шења, ТВ Клан Македонија и ТВ 21, како и две телевизии со национална концесија, кои се регистрирани како сателитски телевизии – ТВ 24 и Наша ТВ.

    И натаму опстојуваат и огромен број регионални и локални телевизии, кои не ги исполнуваат ниту минималните критериуми за број на вработени и АВМУ одамна требала да им ги одземе лиценците, меѓутоа, пред избори, во Македонија тоа е тешко да се случи.

    „Интересен е фактот што, на светско ниво, линеарните телевизии постојано забележуваат пад во приходите, затоа што рекламерите сè повеќе одат во дигитален маркетинг – пред сè на големите платформи како ТикТок, Јутјуб, Инстаграм, Фејсбук и сл, или на големите стриминг платформи. Тоа ги принуди во овој сегмент да имаат големи промени и преструктуирања, кои се случуваат од ден во ден. А во Македонија, телевизискиот пазар, и на ниво на концепт, и на поставеност, и на емитувани содржини – е истиот со години. Прашањето е како сите тие опстојуваат на толку пренатрупан пазар со телевизии, во држава со само 2 милиони жители, и релативно слабо стопанство, кое нема сила да го поддржи маркетинг секторот за толкав број на телевизии“ – се прашува Кировски.

    Според негово сознание, еден од најголемите рекламери во овој сегмент во моментов само 25 % од адвертајзингот го има на телевизија, со тенденција тие бројки дополнително да се намалуваат, а порано околу 80% од адвертајзингот одел за телевизиски реклами.

    Кировски не гледа со оптимизам во приходите по овој основ и тој проценува дека отпорот кон владиното рекламирање е непотребен! И потсетува дека телевизиите кои тој ги нарекува „наменски“, како Нова ТВ на Кочан и 1 ТВ на Боки 14 пропаднаа, а газдите се во затвор.

    НАСЛОВНА Што напиша словенечки портал за парите кои стигнуваат до македонските медиуми и дали тоа заврши со квалитетна истрага кај нас?

    Нема реклами и кај најгледаните емисии

    Дека нема реклами видливо е и за окото на обичниот гледач. На пример, ако се набљудуваат двата караоке шоуа на Гранд продукција што одат на нашето подрачје (порано на Петка, а сега на Сител) никако да привлечат видлив интерес на рекламерите!? Едноставно, таму и обете телевизии бесконечно ги пуштаат секвенците од своите турски серии (што ги има пет часови на Сител, а шест на Канал 5) и го трошат она што привлекува милиони гледачи без никаков економски ефект!

    Но, да се вратиме на почетното прашање за кое нема одговор од пишувачот на споменатиот текст – кој е вистинскиот месечен влог на основачите? Колку зад овие медиуми стојат партиите кои се во сијамска врска со основачите? Па Макпатрол како долгогодишен и монополистички поставен увозник на нафтени деривати и гас просто плива на пари! Познато е преку објавените прислушкувани разговори дека синот на Љубисав Иванов бараше од тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ да добие дел од колачот на РЕК Битола (околу ископот на јагленот) со тон кој не оставаше дилема дека тие имаат право на „поделба на пленот“ и слично.

    Впрочем, телевизиите долго време доцнеа со платите за вработените, се даваа одредени стоки наместо пари, се запишуваа вработени во Заводот за вработување како отстранети од работа, а тие и понатаму одеа онаму каде што претходно биле и си ги извршуваа своите задачи.

    Тогашниот закон дозволуваше избрканиот од работа, како социјална помош, шест месеци да ја зема последната плата, по што, откако ќе измине периодот од половина година, формално „се враќаше назад“, кај стариот газда, а наместо него оди некоја поголема група од колегите, нова тајфа да ја потврди „патеката на слоновите“ како проверената шема за мамење на државата!

    Да не говориме за преоптовареноста на кадарот – еден познат водител во Сител, на јавна трибина говореше дека во оваа ТВ станица тој извршувал истовремено девет различни функции.

    Улогата на уцената за целото време додека траеше режимот, беше во функција.

    Според истражувањето на водителот Столе Наумов од Стадион 77, дадена во минатото десетлетие, за приходите во радио станиците, се покажа дека купувањето на правата за емитување на Радио Равел од страна на Началникот и преименување во Радио Слободна Македонија одзема 50 отсто од вкупниот колач во овој сектор.

    Не, Началникот не зема многу од постојните пари кои се влевале во радио станиците. Ова убедливо „водство“ во приходите на ептен новата станица, секако се должеше на моќта на убедувањето на првиот човек на ДБ кон економскиот сектор, а од тие пари се хранеа клучните колумнисти и новинари кои ја бранеа каузата на тогашната власт. Нивна задача беше во ова музичко радио да пуштаат плочи! Ем една лангзам атмосфера, ем добри пари, а таа позиција во Слободна Македонија  требаше претходно да се одзработи.

    Во секој случај, видовме убав систем да се „заинтересираат“ големите компании за покривање на една радио станица, а потоа – сосема легално – да се наградат новинарите кои работат или објавуваат во најразлични медиуми, надвор од грижата за „обичниот новинарски плебс“. Просто, ставањето во програмата на оваа радио станица, беше како влез во некаков елитен новинарски клуб.

    СЛАВЈАНКА ПЕТРОВСКА Тогашната заменичка на министерот за внатрешни работи, во 2020 г. рече дека парите за медиумите што пристигнуваат во земјава однадвор се хибриден напад

    Кога клучните аналитичари не ја гледаат вистината

    Значи, што не виде Полифем во просторот? Не ја виде едностраната, навивачка еуфорија со која медиумите, особено поголемите ТВ станици за кои беше заинтересирана власта во периодот 1998 – 2002, после сите години после 2006 година, сѐ до средината на 2017 година. Врвот на понизноста на главните луѓе во овие медиуми настана посебно по засилувањето на ВМРО-ДПМНЕ по изборите во есента 2008 година.

    Не само што со голем восхит се прифати антиквизацијата како политички гамбит, големо културно и историско превртување на вредностите во земјава, туку речиси сите новинари лесно ги облекоа апостолките на фалангата и многу малку беа тие кои наоѓаа забелешки на одново напишаната историја на Груевски. Впрочем, имаше и такви; над 600 тужби беа подигнати кон новинари кои потоа станаа „муштерии“ на судовите заради загрозување на власта на нашиот „вожд“, со што диктатурата доби навистина застрашувачки рамки.

    Банките ги преземаа шофери на партијата, се измислуваа цели афери каде што се спојуваа лица кои никогаш не се виделе меѓу себе, кај печатените медиуми се избркаа странските инвеститори (WAZ), но општата неслобода не се виде под руното на овците на Полифем. Беше затворена телевизијата на Велија Рамковски (А1, се сеќава ли некој?) во чиј склоп имаше и весници, се оневозможи печатењето на единствениот опозиционен неделник „Глобус“, стана прашање на кој начин новиот ден ќе ја загрози нечија поединечна или групна судбина…

    За чудо и кај странскиот фактор немаше сериозни забелешки. Неодамна, за овој период во емисијата „Во центар“ на Васко Ефтов говореше генерал мајорот Горан Стојков, кој почувствува многу елементи на таа диктатура и врз својата кожа. И самиот беше два пати апсен и вториот пат – во аферата „Шпион“ мина 36 месеци во притвор, три пати подолго од законските ограничувања на мерката; тој потврди дека токму еден од западните амбасадори го убедувал да се врати во политиката и тоа да им помогне на оние кои го затворија. Целта била да победи Груевски во изборите во јуни 2011 година, кога ситуацијата беше навистина неизвесна, бидејќи тој ветил дека ќе ги одмрзне односите со Грците (се слуша тоа, нели, и во снимените разговори, објавени во 2015 година).

    Овој мал излет од темата е само заради укажување на фактот дека во тие времиња прашањето на медиумските слободи воопшто не беше предмет на анализи ниту дома, но ниту надвор од границите на земјата. Изборот да бидеме темен вилает и онака беше историски избор на народот кој умее да трпи, да стенка, но и да го велича својот тутор.

    Потписникот на споменатиот текст погоре, инаку прв човек на една од телевизиите со национална фреквенција, јавно кажа на една есенска дружба на стартот на новата владејачка коалиција, кога требаше навистина да се отвори за прв пат една демократска дебата околу идните реформи во оваа област – дека тие, малата група шефови на овие медиуми од Првата лига, веќе се договориле со Владата за сите важни прашања за нив.

    Пред огромната маса на заинтересирани субјекти во „Александар палас“ (споените три сали беа малку да ги соберат сите врзани со некој интерес во медиумскиот простор) ова откритие внесе збунетост. Беа присутни двајца министри од кои едниот (првиот човек на Министерството за информатичко општество, Манчевски) многу тешко успеа да го сокрие своето изненадување, да не речеме шок од нешто што се случувало зад неговиот грб, а другиот министер, формално без портфељ, Роберт Поповски не беше изненаден, што значеше дека е актер на тој „буразерски дил“! А што содржи тој, не се откри.

    РЕСЕТ Начинот на работа и ингеренциите на АВМУ треба да се промени од корен, ама тоа на реалните владетели на медиумите не им одговара

    Кога капитализмот не функционира

    Денес е лесно Кировски да ја критикува Владата дека не направила реформи, ама тие во тој тогашен мунасип секако профитираа, бидејќи им беше даден широк простор и слобода. А слободата значи добивање на она што навидум денес го бараат ЗНМ, ССНМ и другите институции, вклучувајќи ги и разните институти врзани за медиумското образование. Не добија пари, имаа пазарна слобода во која најнапред се очекуваше да настане редукција на бројот на радиодифузни субјекти.

    Капитализмот е секогаш пример за своевиден дарвинизам, ама кај нас, пак, си имаме огромен број субјекти. Како опстануваат? Зошто не би ја менувале таа „слобода“ за државна потпора ако таа не им значи. Се работи секако за доктринарен приод, каков што се прикажува од сите оние кои застанаа во одбрана на „непоткупливоста“ во оваа сфера. Освен ако гласните бранители на слободата не би ја менувале својата повеќедецениска заробеност со сили од десната страна на политичкиот спектар.

    Аферата со унгарските пари, на што укажаа словенечките новинари, кои јасно покажаа со прст и го нацртаа, буквално, патот на парите од Будимпешта, преку Љубљана до Скопје, открија многу.

    Што мислите дека таа афера поттикна по повод овој скандал: одржување на семинари, трибини… ЗНМ, ССНМ, Етичкиот комитет… Не, немаше разобличување на вистината за програмската стимулација која постоела цело време кон телевизиите, но секако и кон порталите и другите форми на спроведување кампања од опозиционите структури. Во тоа истражување се знаеја дури и банките каде што парите легнаа и како се одиграла фингираната игра со рекламите за маслиново масло… Што покажа конечно истрагата? Дали воопшто ја имаше?

    Примерот со Македонската радиотелевизија секако е доста речит. Таму нема легални органи подолго време, се финансираат од буџетот, ама ни за „јота“ не ја сменија својата уредувачка политика која е, едноставно, во функција на Палата Татарчев. Уште од сабајле, а особено тогаш.

    Новинарските здруженија го поставија својот опортунистички ѕид околу менувањето на кадрите и во МРТВ и во АВМУ со инсистирањето за сѐ што треба да се случи во нивниот двор да одлучува двотретинско мнозинство. Како да се менува Уставот! Знаеја тие дека за било каква промена мора да одлучува една партија која не е на власт, ама ги има сите стекнати бенефиции од порано и дека сѐ ќе мора да остане по старо. Дури и кога веќе имаме една ситуација и во МРТВ и во АВМУ која е вон законот!? А за тоа нема дебата…

    Оттаму, сета оваа тирада за слободата на медиумите е просто лицемерна. Ниту се тие душегрижници слободни, ниту нивните газди, а парите од западните фондови, од каде исклучиво легнуваат легални донации, обично ги добиваат – антизападни активисти.

    Без грижа, ова нема да влезе во ничиј извештај за напредокот на демократијата во земјава.


    Текстот е личен став на Авторот.

    Извор: ЦивилМедиа

     

    Exit mobile version