Последни написи

Извештајот на ЕК за дезинформациите и хибридните закани: Пораст во онлајн медиумите, неефикасни мерки, ограничени напори за борба против дезинформации

Во извештајот на Европската комисија за напредок на Северна Македонија во 2023 година, меѓу другото, се зборува и за дезинформациите и хибридните закани. Што вели извештајот на ЕК за овие теми?

Има пораст на закани од дезинформации во онлајн-медиумите

Првото споменување на изразот дезинформации, со укажување на „пораст на закани од дезинформации“, во Извештајот на ЕК има кога се зборува за онлајн медиумите, во одделот „Интернет“, во контекст на слободата на изразување:

„Онлајн медиумите не се регулирани со некој конкретен закон. Има промена на пазарот за рекламирање кон дигиталните, со пораст на закани од дезинформации, прекршување на интелектуалните права и недостаток на транспарентност во однос на платеното политичко рекламирање. Одредени онлајн медиуми се предмет на влијание од политички фигури.“

Сегашните мерки против дезинформации не се многу ефикасни

Понатаму, во истиот оддел на Извештајот се препорачува дека „Треба да се подобри разбирањето на јавноста за ризиците од дезинформации, како и вештините за медиумска писменост во целото општество.“

Исто така, Извештајот на ЕК констатира дека „Сегашните мерки против дезинформациите не се многу ефикасни.“

Напорите за борба против дезинформациите се ограничени

Во поглавјето 10, „дигитална трансформација и медиуми“, во Извештајот на ЕК за земјава се констатира:

„Националната стратегија и акциониот план за градење отпорност и справување со хибридни закани (2021-2025) вклучува мерки за справување со дезинформации и хибридни закани. Сепак, напорите за борба против дезинформациите се ограничени.“

Да се затвори просторот за странско мешање, да се преземат активности за градење општествена отпорност против дезинформации и други хибридни закани

Во оценката за поглавјето 10, за надворешна, безбедносна и одбранбена политика, во Извештајот на ЕК за земјава се вели дека „во следната година, земјата особено треба да…направи дополнителни напори за затворање на просторот за странско мешање и манипулација со информации, вклучително и дезинформации, и да преземе активности за градење општествена отпорност против нив, и против други форми на хибридни закани.“

Исто така, во Извештајот се наведува дека Армијата развива капацитети за сајбер-одбрана и соработува со меѓународни организации во полето на глобалната безбедности и хибридните закани.

Воедно, се наведува и дека земјата била мета на постојана кампања со хибридни закани (лажните бомби во училиштата и критичната инфраструктура), по што бил воспоставен оперативен тим за сајбер-безбедност и хибридни закани, менаџиран од Бирото за јавна безбедност во МВР.

Во извештајот се наведува и дека ЕУ обезбедува поддршка на партнерите од Западен Балкан за зајакнување на отпорноста кон хибридни закани, вклучително и сајбер и странско манипулирање со информации и вмешување.

И други земји – кандидати за членство во ЕУ од регионов и пошироко треба да го затворат просторот за дезинформации

И во извештаите за други земји кои се кандидати за членство во ЕУ, стојат препораки дека треба да направат веродостојни напори да го затворат просторот за странско влијание и манипулации со информации, вклучително и дезинформации, и да преземат акции за градење на општествена отпорност против дезинформации и други форми на хибридни закани.

Таква препорака има и во извештајот на ЕК за Србија, и за Босна и Херцеговина (каде што се констатира ширење на руски и српски дезинформации од јавниот сервис, но и емитување на РТ и Спутник од М-тел), и за Црна Гора, и за Албанија.

Што се однесува до другите земји – кандидати, за Турција се изразува загриженост дека има законски одредби што определуваат затвор за кривично дело дезинформирање, и се нотира дека еден опозициски лидер бил обвинет за дезинформирање, заради неговата критика на владиниот одговор на земјотресите.

Во извештајот за Украина, се истакнуваат напорите за борба против кампањите со дезинформации, и против хибридната војна која вклучува дезинформации, во контекст на инвазијата на Русија, како и заедничката соработка помеѓу ЕУ и Украина во подрачјето на справување со дезинформации и хибридни закани.

И во извештајот за Молдавија, се истакнуваат владините напори за справување со дезинформации во медиумите (особено онлајн), а во извештајот за Грузија се истакнува дека 600 наставници биле тренирани за справување со дезинформации и за промовирање дигитална писменост. Во извештајот за Грузија се нотирани и родово-засновани дезинформации и сајбердискриминација против политичарки.

Ж.Т

Latest Posts

Не пропуштај