Последни написи

Извештај на ЕК: Правна рамка погодна за демократски избори, работата на Групата за изборни реформи допрва треба да покаже резултати

Извештајот на Европската комисија оценува дека правната рамка е погодна за организирање демократски избори во Северна Македонија, но без доволно напредок во имплементирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија. Препораката е да се решат на инклузивен и транспарентен начин недоследностите во изборното законодавство.

Извештајот го одбележува и почетокот на Работната група за изборни реформи формирана од Министерството за правда, нагласувајќи дека резултатите од нивната работа допрва треба да се видат. Во Извештајот се истакнува фактот и дека најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, одбила официјално да биде дел од работната група. Од друга страна нагласена е потребата од широк консултативен процес во спроведување на изборната реформа.  Изборното законодавство треба да се усогласи со меѓународните и европските стандарди.

Во работната група се опфатени сите чинители во изборниот процес. Во речиси сите тематски области е ЦИВИЛ кој даде значаен придонес кон овој процес со бројни препораки и предлог-законски решенија.

Извештајот зборува за имплементирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, за кои комисијата не бележи напредок, но Работната група во својот мандат за работа на измените на Изборниот законик врз основа на нивните препораки, на 7 ноември ја имаше последната седница на која се разгледуваше и гласаше за усвојување на драфт верзијата на измените во Изборниот законик. Од тука презема Министерство за правда за доуредување на текстот и негово предавање на парламентарните групи во Собранието. Работната група одлучи да прифати дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а мал дел да изостави или како што изјави претседателот на групата, Александар Новакоски „сите кои можеа да се имплементираат, се имплементираа, некои не можат да се имплементираат, не се компатибилни со нашиот Изборен законик“.

Препораката на ОБСЕ/ОДИХР е изготвување и на нов Изборен законик. Новакоски рече дека се надева дека ќе се изнајде начин работната група да продолжи да работи на нов Изборен законик.

ДИК треба навреме да ги распредели ресурсите ако сака да биде ефективна и да делува самостојно, а точноста на Избирачкиот список да биде да подлежи во континуитет на системски проверки и ажурирање на податоците, се вели во Извештајот.

Генерално, Извештајот дава добра оценка во контекст на изборното законодавство, но немањето напредок во улогата на Собранието може да влијае на целосниот исход од трудот и работата вложени во  рамките на работната група.

Како што изјави  евроамбасадорот Дејвид Гир, во извештајот се искажува загриженост за политичката поларизација, која што влијаеше особено врз работата на Собранието, со што се одложуваат потребните реформи и важните назначувања, вклучувајќи го и активно блокирање на Собранието.

Колку од измените ќе бидат прифатени, дали тие ќе бидат дел од изборите следната година, зависи од партиите во Собранието, но и нивната одлука за одредување датум за избори. Состојбата во Парламентот, но и отсуството на политички консензус околу клучни прашања, процеси што ги кочи дел од опозициските партии.

Извор: ЦивилМедиа

Latest Posts

Не пропуштај