Последни написи

Студентите во странство финансирани од државата ги враќаат парите, велат од МОН

Досега се доделени 380 стипендии. Нема случај на студент кој не ги исполнил своите обврски и вратил десеткратно поголем износ од доделениот, велат од Министерството за образование и наука

Да се запише студент од Македонија на „Џулијард“, а државата да не го поддржи, или државата да го финансира, а студентот да не се врати назад? На оваа релација се размислувањата на Владата и Министерството за образование и наука од една страна и Независниот академски синдикат (НАкС) од друга страна деновиве, кога од академскиот синдикат излегоа со барање за укинување на овие стипендии кои изнесуваат до 40.000 долари годишно по студент, а се доделуваат од 2010 година.

„Владата обезбедува финансиска поддршка за граѓаните коишто имаат желба, ќе аплицираат и ќе успеат да запишат студии од прв, втор или трет циклус на еден од првите десет рангирани универзитети од сите области, односно стипендии за додипломски студии од прв циклус во прва година од областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економијата и финансиите, физиката, биологијата, хемијата, медицинските науки и генетиката на еден од првите сто рангирани универзитети, согласно последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џио Тонг универзитет, и кои по завршувањето на образовниот циклус ќе се вратат и ќе го инвестираат стекнатото знаење во сопствената земја“, велат од МОН.

Од таму појаснуваат дека за ваквите студенти, Министерството за образование и наука ги покрива трошоците за студирање на некој од најдобрите 100 светски универзитети, односно исплаќа најмногу до 40.000 американски долари за покривање на уписнината на годишно ниво, а дополнително ги покрива и трошоците за живот, сместување и превоз.

„До минатата академска година бројот на стипендии што може да се доделат беше неограничен. Оваа година во конкурсот беа предвидени 10 стипендии за додипломски и 5 за постдипломски студии“, велат од МОН за „Независен“. За тоа кој ќе добие стипендија, одлучува комисија оформена во МОН, а годинава покрај оние кои добиле стипендии има и одбиени студенти, кои не добиле поддршка од државата.

По завршувањето на студиите, кандидатите согласно потпишаниот договор за користење на стипендијата имаат обврска да се вратат во Македонија и да работат во јавниот или приватниот сектор најмалку двојно поголем период од периодот на студирање. Првите 6 месеци по враќањето во земјата, треба да бидат на располагање за вработување во органите на државната управа, но тоа не е задолжителна обврска на Владата, односно на Министерството за образование и наука.

„Досега се доделени се околу 380 стипендии. Најголемиот дел се дипломирани, а има и студенти чии студии се во тек. Нема случај на студент кој не ги исполнил своите обврски и вратил десеткратно поголем износ од доделениот“, додаваат од МОН.

Од друга страна, во анализата на НАкС стои е дека од 61 кои добиле стипендија за прв циклус, во земјава се вратиле само 11, во странство останале 41, а за девет немаат податоци, како и дека од 165 стипендии доделени за магистерски студии во земјава се вратиле 59 корисници. Тие препорачуваат дека „може да се размисли за иницирање промени кои би стимулирале кредитирање наместо стипендирање на студирање во странство што би овозможило постојано циркулирање на средствата предвидени за оваа намена“.

Сметаат дека треба да се направи баланс меѓу средствата кои се издвојуваат за поддршка на студентите во државата, условите за нивно студирање и академската заедница во целина и средствата кои се издвојуваат за поддршка на студирање во странство.

„Вака излегува дека ние со државни пари десетина години директно поттикнуваме одлив на мозоци од најчуствителниот сегмент за развојот на земјата, а тоа се младиот образуван и талентиран кадар. Затоа предлагаме да се укинат овие стипендии, освен за дефицитирани кадри кои ќе бидат прецизно регулирани со правилник и средствата да се пренаменат за цели кажани погоре“, стои како заклучок во анализата изработена од Независниот академски синдикат (НАкС).

Извор: Независен

Latest Posts

Не пропуштај