More

    ЦЕЛА ГОДИНА СМЕ ПОКРИЕНИ СО ЛЕКОВИТЕ ШТО НИ ГИ НОСАТ, ВЕЛАТ ОД БОЛНИЦАТА ВО ОТЕШЕВО КАДЕ ХОЛАНДСКИОТ БРАЧЕН ПАР БАРС ДОНИРАШЕ ПОМОШ ПО 32. ПАТ

    Холандските хуманитарци, брачниот пар Кес и Јохана Барс и годинава го потврдија нивното пријателство и великодушност кон македонскиот народ, донирајќи ја 32-ра пратка од лекови и постелнини за Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски лекувања во Отешево, Преспа.

    Барс лично ја предадоа донацијата, од која само лековите чинат 9.000 евра. Средствата ги собраа преку нивната Фондација „Воздух за Преспа“, која повеќе од три децении секоја година испраќа помош за оваа болница во Македонија.

    „Додека сме живи и додека физички сме моќни ќе даѓаме и ќе помагаме. Преспа е наш втор дом. Нашата душа е тука и живееме за тука. Секоја година доаѓаме, да го посетиме крајот, но и да помогнеме на болницата. Донираме за дорброто на Преспа и Преспа е наша втора татковина“, велат Кес и Јохана Барс.

    Постелнините од донацијата ќе бидат искористени за реновираниот павилјон од болницата во Отешево, а лековите за пациентите.

    „Донирани ни се постелнина и лекови од ампуларна терапија, таблети, спрејови, антибиотици и друго. Донирањето трае со години, почнувајќи од времето на првиот директор на болницата Арсе Гошаревски, па се̍ до денес. Донацијата е од голема помош зашто цела година сме покриени со терапијата што тие ни ја носат. Воедно пред медец и половина донираа и апарат за третман на слип апнеа“, рече директорката Александра Пили.

    Зa време на престојот во Македонија ја посетија и Холандската амбасада во Скопје. Од Амбасадата на нивната официјална фејсбук страница објавија: „Пријателството и соработката меѓу Македонија и Холандија има многу убави лица“.

    И оваа година хуманитарците оtседнаа во домот на поранешниот градоначалник на Ресен, Живко Гошаревски и неговата сопруга Билјана Гошаревска, портпарол на болницата во Отешево. Долгогодишната помош е резултат на големото пријателство што го имале со поранешниот директор и основач на Болницата во Отешево, Арсе Гошаревски, татко на ексградоначалник на Ресен, Живко.

    Јохана за првпат дошла во Отешево во 1967 година и многу ѝ се допаднало. Некоја година подоцна, поточно во 1972 го донела и сопругот Кес. За време на војната во поранешна Југославија, директорот на болницата им пратил писмо жалејќи се дека немаат лекови и побарал помош. Па така почнале и пратките кои не прескокнаа ниту една година, дури ни кога беше пандемијата со ковид-19.

    Семејството Гошаревски се гордее што успеа да го зачува долгогодишното пријателство.

    „Наши гости се секоја година, доаѓаат во ист период кога пристигнува и донацијата. Секоја година доаѓаат со план кои места во Македонија сакаат да ги видат. Годинава ги однесовме во црквата ‘Св.Богородица’ во Новаци, го посетивме мостот Зовиќ во Мариово, Охрид, црквата ‘Света Петка’ во Велгошти, прошетавме низ Преспа. Две недели се наши гости, денес заминуваат. Го продолживме пријателството од свекор ми и секоја година со драга волја ги пречекуваме. Воедно го посетивме и здружението ‘Иднината на традицијата’, основано од инвалидизирани лица“, ни кажа Билјана Гошаревска.

    За време на престојот во Македонија брачниот пар Барс се сретнаа и со заменик-министерката за здравство Маја Манолева.

    Извор: Сдк

    Exit mobile version