More

    Претседателката на Врховниот суд Адеми не отиде на средба со Судскиот совет, им одговори со писмо

    Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, не се одѕва на поканата на Сускиот совет и денес не отиде на средбата на која беше поканета пред три дена.

    Во одговорот до Судскиот совет кој беше испратен во форма на соопштение и до медиумите и објавен на страницата на Врховниот суд, Адеми нагласува дека Врховниот суд како највисок суд во државата дава целосна поддршка на процесите за унапредување на транспарентноста на судството, и дека примената на начелата на отворено и транспарентно судството, како и на слободата на мислата и на јавното информирање како загарантирани права во Уставот и во Европската конвенција за заштита на човековите права, се силна гаранција за осигурување на независноста на судството.

    Во контекст на поканата од Судскиот совет за работна средба на која би се елаборирале објавени написи во медиумите, таа потенцира дека написите за состојбите во судството, вклучително и написите за потенцијални или присутни влијанија, треба да се вреднуваат како суштински придонес за независноста на судството.

    „Тоа впрочем е и една од целите на заложбите за отвореното судство, но и на напорите за заштита на самостојноста и угледот на судството и за јакнењето на довербата на граѓаните кон судската власт. Во оваа смисла, би сакала да истакнам дека во согласност со европските стандарди и практики во врска со прашањата од висок јавен интерес, отвореното судство има превентивна улога во спречувањето на обидите за политички или други влијанија“, вели Адеми .

    Исто така, Адеми вели дека од особена важност е да се истакне дека за политичките влијанија и притисоци во судството, не се говори само во медиумските написи, туку и во релеватните меѓународни извештаи, кои ги оценуваат состојбите во судството. Притоа, Адеми реферира на последниот извештај на Европската Комисија кој истакнува дека важно е да се осигури дека судството е заштитено од каков било ризик на несоодветно мешање од надвор, а потсети и на Извештајот на Прибе во кој се нагласени политичките притисоци и влијанија, а и на извештајот на Стејт департментот, кој нотира дека случаите на несоодветниот политички притисок врз судиите продолжиле да ја попречуваат ефикасноста и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото.

    „Последната анкета на ОБСЕ, исто така нотира дека судиите самите укажуваат на присутност на притисоци и несоодветни влијанија. Загрижувачка беше и констатацијата за недовербата кон Судскиот совет, за што мора да се посвети повеќе внимание во иднина. Политичките притисоци и влијанија како појава се нотирани и од граѓанските организации кои ја следат работата на судството. Преку медиумски написи, изјави или интервјуа, на постоење на политички притисоци или пак притисоци од другите власти, укажаа и судии, вклучително  и судии на Врховниот суд на Република Северна Македонија“, пишува Адеми.

    Во соопштението, таа посочува дека на притисоци преку конкретни изјави и за конкретни случувања укажале дури и членови на Судскиот совет, но и поранешни претседатели на Судскиот совет на Република Северна Македонија. И покрај ваквите укажувања јавноста не доби одговори дали Судскиот совет презел соодветни дејствија, појаснувајќи за какви притисоци се работело – вели Адеми.

    „Законските одредби на кои се повикувате во поканата до Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија, иако погрешно цитирани и во двете верзии, беа и тогаш во важност. Претпоставувам и тогаш имаше потреба од итно и без одлагање да се разгледа прашањето за притисоците и влијанијата во органот на судството кој ја гарантира независноста на судството“, пишува Адеми во одговорот до Судскиот совет.

    Воедно, во врска со структурата и целта на поканата,Адеми напоменува дека доставувањето покани и организирање работни средби за новинарски написи и интервјуа ниту е соодветно, ниту пак на тоа упатуваат надлежностите на Судскиот совет.

    „Оттука, ваквиот пристап не е во насока на исполнување на законските цели за заштита на судството, како темелен принцип, утврден и во мислењата на Консултативниот совет на европски судии и во меѓународните документи за независно судство“, смета Адеми

    Претседателката на Врховниот суд посочува дека работата на Врховниот суд позитивно е оцената во меѓународните извештаи и особено е образложена во Извештајот на ЕУ, и дека утврдувањето на начелниот став за објавување на неправосилни одлуки како голем придонес за транспарентноста и видливоста на правдата во согласност со стандардите и практиката на Европскиот суд за човековите права, беше истакнат и во Извештајот на Стејт департментот. Од тие причини, вели Адеми, Врховниот суд има поддршка и охрабрување во остварувањето на своите заложби, а независноста на судството е една од нив.

    „Би сакала да укажам дека политичките влијанија во судството како присутна појава и важно општествено прашање, потребна е поширока јавна расправа бидејќи се работи за проблем кој ја тангира државата и граѓаните, а со тоа и другите власти и чинители. Мојот став за непочитувањето на уставното начело на поделба на власта го искажав и при подготовката на новата Стратегија за реформи во правосудниот сектор. Тоа е основата на сите предлози на Врховниот суд за подобрување на законите. Целта е да се минимизираат и елминираат сите обиди за надворешни притисоци“, пишува Адеми во одговорот до Судскиот совет.

    Таа воедно вели дека за неа, како Претседател на Врховниот суд како највисок суд во државата кој е носител на судската власт, а согласно член 3 од Законот за судовите, најважно е, посебно во овој клучен период за Република Северна Македонија, да ги оствари и заштити целите и функциите на судска власт, а тоа е непристрасно применување на правото и на владеењето на правото.

    „Цврсто сум убедена дека оваа недела и во следниот период, веднаш по добивањето на извештаите на Европската унија и на Оценската комисија за работата на Судскиот совет, ќе се отворат суштинските прашања за проблемите во судството, но и ќе се даде јасен патоказ за чекорите кои треба да се преземат понатаму. Констатациите од двата извештаи, вклучително и прашањето за политичките притисоци и влијанија набрзо ќе биде повод за размена на мислења и отворање на нова дискусија во рамки на работни настани и средби кои ќе дадат понатамошен придонес за владеењето на правото“, вели Адеми во одговорот до Судскиот совет.

    На крајот од одговорот, претседателката на Врховниот суд информира дека денеска, во овој предизвештаен период, веќе има закажано настан со Коалицијата „Сите за правично судење“ на кој ќе биде потпишан Меморандум за соработка во кој се акцентира и значењето на независноста на судството и отпорноста од политичките влијанија и притисоци.

    Од друга страна, од Судскиот совет претходно посочија дека ја поканиле Адеми како тело кое согласно законот има обврска во смисла на член 2 од Законот за судскиот совет да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, како и во врска со член 11 од истиот закон, кој го гарантира слободното судиско одлучување без никакви влијанија и притисоци.

    „Во последните неколку дена во медиумите се објавени повеќе написи за  политички притисоци врз судиите на Врховниот суд, реакции на политички партии, како и интервјуто на претседателката на овој суд, Беса Адеми, сметаме дека е неопходно да ја информираме јавноста дека евентуалното вршење на притисоци од каков било вид судиите, е недозволиво и крајно загрижувачко“, истакнаа од Судскиот совет.

    Оттаму информираа дека претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев остварил телефонски разговор со претседателката на Врховниот суд Адеми заради остварување работна средба со членовите на Советот, заради, како што се посочува „ова исклучително важно и сензитивно прашање“.

    По тој повод била испратена и писмена покана до Адеми, во која претседателката на Врховен суд се повикува на работна средба в понеделник, на 06.11 2023 година во 11 часот во  просториите на Судскиот совет, информираа од Судскиот совет.

    Р.С

    Exit mobile version