More

    Бавната смрт на македонските телевизии

    Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

    Интересен е фактот што, на светско ниво, линеарните телевизии постојано забележуваат пад во приходите, затоа што рекламерите сè повеќе одат во дигитален маркетинг – пред сè на големите платформи како ТикТок, Јутјуб, Инстаграм, Фејсбук и сл, или на големите стриминг платформи. Тоа ги принуди во овој сегмент да имаат големи промени и преструктуирања, кои се случуваат од ден во ден. А во Македонија, телевизискиот пазар, и на ниво на концепт, и на поставеност, и на емитувани содржини – е истиот со години.

    Освен јавниот сервис со два основни и неколку специјализирани канали, опстојуваат пет телевизии со национална терестријална концесија: Сител, Канал 5, Аласт М, Телма и Алфа. Има и четири кабелски телевизии кои зрачат национално: ТВ Сонце, ТВ Шења, ТВ Клан Македонија и ТВ 21, како и две телевизии со национална концесија, кои се регистрирани како сателитски телевизии – ТВ 24 и Наша ТВ. И натаму опстојуваат и огромен број регионални и локални телевизии, кои не ги исполнуваат ниту минималните критериуми за број на вработени и АВМУ одамна требаше да им ги одземе лиценците, меѓутоа, пред избори, во Македонија тоа е тешко да се случи.

    Прашањето е како сите тие опстојуваат на толку пренатрупан пазар со телевизии, во држава со само 2 милиони жители, и релативно слабо стопанство, кое нема сила да го поддржи маркетинг секторот за толкав број на телевизии.

    Бездруго, станува збор за уникатен парадокс, а згора на тоа, телевизискиот адвертајзинг од година во година се намалува. Еден од најголемите рекламери во овој сегмент во моментов само 25 % од адвертајзингот го има на телевизија, со тенденција тие бројки дополнително да се намалуваат. Не толку одамна, од вкупниот буџет за рекламирање, компаниите и маркетинг агенциите издвојуваа околу 80% од адвертајзингот за телевизиски реклами.

    Станува збор за светски тренд и парадигма, ова не се случува само во Македонија. На пример, во сегментот на линеарната телевизија, гигантот Парамаунт забележа пад во адвертајзингот (продажба на рекламното време) од 14 отсто во последниот квартал, а во претходниот квартал падот на приходите по основ на реклами изнесуваше 10 проценти. Тука спаѓаат телевизиите Си-Би -Ес, Шоутајм, музичките канали МТВ, Комеди централ, БЕТ и Никелодеон. Парамаунт, освен од враќањето на публиката во кината по Ковид пандемијата, живее од порастот во сегментот на стримингот, каде што достигна 63 милиони претплатници (2 милиони повеќе отколку во јуни минатата година) според последните податоци, што и не е многу, во споредба со гигантите за стриминг Нетфликс со 247 милиони претплатници или Дизни со повеќе од 105 милиони претплатници.

    Откако во земјава беа укинати јавните кампањи на телевизиите – во јавноста познато како владино рекламирање, Владата сметаше дека либералниот пазар и конкуренцијата сами ќе ја расчистат оваа сфера, односно дека ќе опстојат најуспешните и најквалитетните. Но, во Македонија, некако опстојуваат сите, освен наменски отворените телевизии, кои имаа многу краток здив, како што беше Нова ТВ на Сеад Кочан или 1ТВ на Боки 13, кои обајцата завршија во затвор.

    Со достапноста на стриминг платформите во Македонија, каде што предводат Нетфликс и Ворнер -ХБО, како и енормниот број на странски канали што се реемитуваат во земјава, а за кои телеком операторите се изборија да може да реемитуваат без регулирани авторски права, македонските телевизии мака мачат да понудат уникатни содржини и контент што би можел да се носи со страшната, а без дилема, и нелојална конкуренција.

    Во такви услови, имаме ситуација водечката телевизија според рејтинзи, Сител, да емитува 300 минути турски серии на ден, а втората телевизија Канал 5 и уште повеќе, дури 360 минути дневно турски серии! Освен едиции на вести и дебатни емисии, речиси и нема никаква друга оригинална содржина. Вината за тоа бездруго е и во Владата, која ги укина стимулациите за производство на домашна играна документарна и сериска продукција што одеа преку Министерството за информатичко општество и администрација, и ги намали обврските за емитување на домашна продукција на 30% дневно, што доведе до оваа ситуација. Така, Македонија е единствената земја во регионот, а можеби и во цела Европа, без сопствена играна сериска продукција, со години, освен продукцијата на серијата „Бистра вода“ што ја продуцираше ТВ Алфа.

    Да не зборуваме за Србија, која одамна е влезена во хиперпродукција на играни серии, или Хрватска, дури и една Босна и Херцеговина има буџет од минимум 3 милиони евра годишно за продукција на сопствени серии. Нашите најдобри кинематографи и актери одамна не работат во Македонија, туку работат во регионот, каде што има продукција.

    Телевизиите и Владата се надеваат страшниот финансиски притисок врз овој сектор да го ублажат со враќање на јавните кампањи за телевизиите, кои би требало да донесат дополнителни 5 милиони евра во овој сегмент. Од овие средства очекуваат спас и многу помали телевизии, бидејќи нивните трошоци се сведени на минимум, а финансиската инјекција од буџетски пари за нив ќе биде повеќе од значајна.

    Проблемот со ова решение, кое наскоро треба да се најде пред пратениците во парламентот, е што македонската влада ќе стане убедливо најголем медиа бајер (купувач на време на емитување) на пазарот, што потенцијално може да влијае врз уредувачката политика на медиумите.

    Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и неколку граѓански организации од медиумскиот сектор и на 4-ти ноември повторија дека категорично се противат за враќањето на, како што велат, „државното рекламирање во медиумите“.

    Тие велат дека нивната позиција доаѓа од експертската процена дека предложените измени ќе бидат исклучително штетни за медиумскиот плурализам, независноста на медиумите и слободата на новинарите и медиумските работници во Македонија.

    Одлуката, како што велат, дополнително ќе ја засили коруптивната и клиентелистичка култура во медиумскиот систем и, како таква, ќе му направи штета на јавниот интерес и доброто владеење.

    Она што е интересно е дека таков став немаа кога државата реши финансиски да ги помогне печатените медиуми, кои со години добиваат субвенции од Владата, и навистина е непринципиелен и контрадикторен ставот на овие организации како државните субвенции во печатените медиуми не се опасност за уредувачката политика и независното новинарство во весниците, а истото тоа е страшна опасност за телевизиите? Ако веќе инсистираат на принцип на заштита на интегритетот на новинарството по секоја цена, тогаш треба да бараат укинување на владините субвенции и за печатените медиуми!

    Иако владините кампањи претставуваат големи ризици за директни влијанија врз уредувачката политика на телевизиите, што беше особено нагласено за време на владеењето на ВМРО – ДПМНЕ кога се правеа големи злоупотреби со владините кампањи, решението секако не е тие целосно да се укинат.

    Дебатата не треба да се води дали треба да има или не кампањи од јавен интерес, што е практика во целиот свет, од што бенефит ќе имаат и граѓаните, и институциите, и медиумскиот сектор, туку како да се изработат механизми владите да немаат можност овие средства за кампањи да ги злоупотребуваат за политичко влијание врз медиумите.

    Особено изненадува ставот на новинарскиот синдикат, кој постојано ја копира политиката на ЗНМ и зазема неприродна позиција на синдикат, во која се залага за што помали средства во медиумскиот сектор, а тоа секако е на штета на платите и условите за работа на новинарите и другите медиумски работници.

    Работата на синдикатот не смее да биде сведена на тоа кога ќе се затвараат медиуми тие да водат преговори за подостоинствени отпремнини на вработените, туку претходно да се обезбедат услови за повисоки плати и привилегии на новинарите.

    Ако парламентот ги изгласа измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги по скратена постапка и со европско знаменце, ќе биде ублажен големиот финансиски проблем во секторот, но тоа бездруго нема да биде трајно решение на проблемот. Телевизијата и видео контентот не смее да бидат третирани како медиуми во изумирање, каква што е судбината на печатените медиуми. Потребни се реформи и во целиот сектор, што треба да дојдат од владата во консултации со медиумскиот сектор, но и реформи на самите телевизии.

    Приватните телевизии во Македонија заедно со маркетинг агенциите први во регионот формираа JIC (Joint Industrial Comittee – заеднички комитет на индустријата), во кој учествуваат и телевизиите и агенциите, а требаше да се приклучат и големите бизнис компании. „Џикот“ (JIC) не само што е тело кое го организира изборот на агенција за мерење на рејтинзите на гледаност на телевизиите (на последниот повик доби агенцијата Нилсен), туку и успешно решава акутни проблеми од секторот. Меѓутоа, прелевањето на парите од линеарните телевизии на дигиталните платформи долгорочно ќе ја ослабне позицијата на „Џикот“, доколку и тука не се работи на заеднички решенија.

    Што се однесува до Владата, таа целосно потфрли во реформите во медиумскиот сектор. Раководството во АВМУ е истото којзнае колку години, но не е во доменот на оваа анализа да влага во правна проблематика дали е тоа сè уште законско и легитимно или со одамна изминат мандат, исто како и раководството на МРТВ кое е на чело на јавниот сервис барем 10 години. Оваа влада не покажа ни минимум капацитет да влезе барем во минималните решенија што се однесуваат на пазарот на медиумите, за работите да опстанат, а не пак да влезе во било какви реформи во овој сектор. Битно, устата им е полна со изјави за ЕУ и реформи, а немаат сработено буквално ништо на овој план цели 6 и пол години.

    Има неколку опции за разврска на оваа ситуација. По изборите, Македонија да излезе од оваа лимбо ситуација, земјата да спроведе сериозни реформи, вклучувајќи ги и медиумските реформи и усогласување на законодавството со европското, со строги правила за сузбивање на пиратеријата, па медиумскиот сектор да има некаква шанса. Дека такво нешто ќе се случи слушаме 30 и кусур години, а никако да се случи, значи – многу тешко.

    Второ е, самите медиуми да направат реформи, со кои ќе фатат приклучок кон новото време, и контентот што го произведуваат (а контентот секогаш ќе биде клучниот независно од развојот на интернетот, платформите и уредите на кои се гледа тој контент – мобилните се новите телевизори) да го диверзификуваат и надвор од линеарната телевизиска програма.

    Третата опција е полека секторот и натаму бавно да умира, како што веќе се случи со печатените медиуми, со сè помали плати за вработените, недостоинствени услови за работа, и сè послаб квалитет на новинарството, што де факто се случува со години.

    Не сакам да бидам песимист, но мислам дека третата опција е најреалната.

    (авторот е долгогодишен новинар и уредник)

    Exit mobile version