More

    ЦИВИЛ со остра осуда за нападот на Канал 5 против слободата на изразувањето

    ЦИВИЛ – Центар за слобода, како организација за човекови права и слободи и Редакцијата на ЦИВИЛ МЕДИА најостро го осудуваат актот на директорот на Канал 5, Иван Мирчевски кој, со упад во програмата, во емисијата „Само вистина“ и со директни и груби изрази, го избрка од студиото гостинот Исмет Рамадани, угледен интелектуалец, поранешен пратеник и актуелен советник во владата, и прв човек во Евроатлантскиот совет.

    „Со овој акт, Мирчевски покажа крајно потценување на медиумските слободи, и целосен недостаток на професионален и морален капацитет. Со нецивилизираното однесување и со бркањето на гостинот од студиото, пред очите на целата јавност, управителот на телевизијата директно ги прекрши етичките и професионалните стандарди и слободата на изразувањето“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ.

    Воедно, од оваа организација сметаат дека со својата постапка, управителот на телевизијата го прекрши и Законот за облигациони односи и грубо го прегази човековото право на слободен говор, со тоа што го оневозможи гостинот кој претходно го поканила телевизијата, да го изрази својот став.

    „Тоа е крајно неприфатливо!“, оценуваат од ЦИВИЛ.

    Според организацијата, одговорност има и новинарот – водител на емисијата со тоа што доброволно и со одобрување му овозможи на управителот да ја преземе ситуацијата во свои раце и да го избрка гостинот во неговата емисија.

    „Овој немил настан е повод уште еднаш да се повикаат новинарките и новинарите да не подлегнуваат на притисоци од тие што настапуваат од позиција на моќ и ги кршат човековите права и слободи. За овој акт и слични практики, мора да се поднесе одговорност. Најмалку што треба да се случи сега е гостинот Рамадани, но и целата јавност, да добијат извинување од редакцијата на емисијата и од Канал 5, а управителот да поднесе оставка“, укажуваат од ЦИВИЛ.

    Од оваа организација ја потсетуваат јавноста дека овој акт на Мирчевски ќе влијае и на оценките на меѓународните институции и организации за слободата на говорот и медиумските слободи.

    „Институциите, регулаторните и  саморегулаторните тела имаат обврска и мандат најостро да го осудат ова однесување, и да го санкционираат. ЦИВИЛ ја повикува јавноста решително и остро да ги осуди сите што се обидуваат да предизвикаат поларизација и меѓуетнички тензии“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ – Центар за слобода.

    Р.С

    Exit mobile version