Последни написи

Колку пари донесе Урсула фон дер Лајен за Западен Балкан?

План според која Европската унија ќе инвестира шест милијарди евра за да им помогне на земјите од Западен Балкан во спроведувањето на реформите неопходни за европска интеграција е всушност вистинската порака на кратката турнеја на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина треба да ја искористат оваа можност за проширување на ЕУ и да работат на усогласување на нивните стандарди со стандардите на блокот“, рече шефицата на ЕК за време на нејзината посета на Скопје.

Според статистиките Европската унија е наш најголем финансиски поддржувач. Досега, ЕУ има инвестирано преку 3,3 милијарди евра од првито ден на нашата независност. Само преку ИПА програмите инвестирани се преку една милијарда евра во нови патишта, во водоснабдителни системи, инфраструктурни објекти.

Партнерството со ЕУ значеше и грант од 80 милиони евра за справување со енергетската криза, 100 милиони евра макроекономска помош и 160 милиони евра за буџетска поддршка.

– На Северна Македонија ѝ е потребна интеграција, а не изолација каква што гледавме во минатото. Патот до ЕУ не е лесен, но мора да се изоди. Затоа што на крајот на тој пат е големата награда а тоа е полноправно членство во ЕУ, членство во Унија на најразвиените, најбогатите држави во кои економски просперитет, социјална правда и врвно владеењето на демократијата и правото. Нашите граѓани, идните генерации ќе живеат во ЕУ, горди што се Македонци, со крената глава, со македонски јазик, со македонски идентитет, но она што е најважно, побогати и со подобар стандард од тоа што го имаат сега – рече Ковачевски на заедничката прес- конференцијата со еврокомесарката Урсула фон дер Лајен.

 

Планот за развој двојно ќе го зголеми обемот на економијата

-Забрзувањето на европските процеси значи и нешто друго. Земја членка на ЕУ од регионот во однос на земја која е кандидат како ние, добива 11 пати поголема помош од фодновите по глава на жител. Тоа значи дека кога ќе ги почнеме отворањето на поглавјата и кога ќе започне затворањето на поглавјата се отвораат и европските и структурните фондови. По зачленувањето таа помош е 11 пати поголема од она што е денес, рече премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес конференција..

Инаку овој План за развој двојно ќе се зголеми обемот на економијата на регионот и во земјата, а со зајакнувањето на воспоставениот регионален пазар економиите ќе пораснат за околу 10%.

– Отворање на пазарот на ЕУ за македонски производи со кои се елиминираат трговските бариери

– Ќе се зголемени опфатот на производи за бесцарински увоз и извоз

– Се скратува времето за чекање на границите

– Се намалуваат трошоците за транспорт

– Се овозможува непречено движење на услуги во делот на е-трговијата

– Се признаваат квалификациите на професионалците, и се зголемува квалитетот и на образованието

– Се намалуваат трошоците за безготовински прекугранични плаќања

– Се либерализира транспортот односно патниот сообраќај

– Се отвораат дополнителни можности за развој и учество во процесите на енергетската трансформација на Европа

– Се намалуваат цените во роаминг, и тоа и за повици и пораки, што ќе биде следниот чекор, а не само за дата трансфер.

Планирани се 2 милијарди евра во грантови за земјите од ЗБ кои ќе повлечат 4 милијарди евра во заеми за стратешки проекти кои што ќе го подобрат животот на граѓаните и работењето на компаниите а секако и инфраструктурата за поврзувањето на земјите од Западен Балкан.

 

Помошта од ЕУ за Македонија

За да помогне во постигнувањето на оваа целта земјава да стане дел од европското семејство, ЕУ обезбедува постојана поддршка и финансиска помош преку проекти со цел земјата да може да ги спроведе сите неопходни реформи.

Инструментот за претпристапна помош (ИПА) е главен финансиски инструмент на ЕУ за поддршка на структурните реформи во Северна Македонија и на нејзиниот пристапен процес. Од 2007 година наваму, ЕУ, преку националната ИПА програма, инвестираше 1,3 милијарди евра во пет клучни области:

владеење на право и фундаментални права.
демократија и добро владеење.
заштита на животната средина и одржлива поврзаност.
економски развој и човечки капитал.
земјоделство и рурален развој
Земјата исто така има придобивки и од ИПА Програмата за повеќе корисници, која во периодот 2014-2020 година издвои ЕУ-помош во висина од 2,98 милијарди евра за поддршка на проекти од регионално значење за Западен Балкан.

Инвестициската рамка на ЕУ за Западен Балкан ја поддржува Северна Македонија во спроведувањето на 23 проекти во вкупна вредност од 2,1 милијарда евра. Инвестициите на ЕУ во Северна Македонија достигнаа 163,2 милиони евра, покривајќи техничка помош и инвестициски зафати. Инвестициите на ЕУ имаа важен ефект – и’ обезбедија на земјата вкупно 181,8 милони евра во форма на грантови и 580 милиони евра во вид на поволни заеми.

Дополнително, Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР) обезбеди 8,1 милиони евра за проекти за зајакнување на демократијата и човековите права во периодот 2007 – 2020 година.

-Техничка помош и размена на информации (TAIEX)

ЕУ исто така нуди поддршка преку TAIEX инструментот, кој им помага на земјите партнери да се запознаат, да ги применуваат и извршуваат законите на ЕУ.

TAIEX финансира краткорочна техничка помош, совети и обука.

Помошта на TAIEX е отворена за:

државни службеници.
судски и полициски власти.
парламенти/законодавни тела и нивниот персонал.
професионални/трговски здруженија, групи на работници и работодавачи.
преведувачи и уредувачи на законодавни текстови.
Како дополнение, TAIEX Капацитет за локална администрација (LAF) поддржува семинари за клучните политики на ЕУ кои имаат влијание на локално ниво и за избрани членови и за постојани службеници на локални и регионални власти.

Над дваесет пати повеќе средства од фондовите од ЕУ по глава на жител по влезот во ЕУ

Како што земјата се приближува до Унијата, така се отклучуваат повеќе фондови, достапни за користење, развојни и структурни. Членките, пак, имаат на располагање фондови коишто се повеќекратно повисоки во однос на кандидатите за членство. што значи Кохезиониот фонд и претпристапните фондови на ЕУ – ИПА.

Кохезиониот фонд е наменет за поддршка на земјите членки на ЕУ, кои имаат бруто-национален доход (Gross National Income) понизок од 90% од просекот на ЕУ-27. Целта на овој фонд е да ги зајакне економски помалку развиените земји членки, а со крајна цел, економска и социјална кохезија во ЕУ. Со средствата од Кохезиониот фонд се поддржуваат проекти од областа на животната средина, како и трансевропските мрежи во областа на транспортната инфраструктура. Во периодот од 2021 до 2027 година, Кохезиониот фонд го користат Бугарија, Чешка, Естонија, Грција, Хрватска, Кипар, Латвија, Литванија, Унгарија, Малта, Полска, Португалија, Романија, Словачка и Словенија или околу 128 милиони жители на Унијата. За периодот од 2021 до 2027 година, преку овој фонд, на овие земји им се достапни 392 милијарди евра, или според груби пресметки околу 3.000 евра по глава на жител (со вкупно население – 128 милиони жители).

За истиот период, на земјите коишто се кандидати или потенцијални кандидати за членство во Унијата им е достапен претпристапниот фонд – ИПА III (2021-2027), во вкупен износ од 14,2 милијарди евра. Целта на овој фонд, втемелен на принципот на солидарност, е да ги поддржи земјите аспиранти за членство да ги имплементираат политичките, институционалните, правните, административните, социјалните и економските реформи, коишто се бараат од нив за да се ускладат со правилата, стандардите, политиките и практиките на Европската Унија, за да се осигури на тој начин понатамошната нејзина стабилност, сигурност и просперитет. Според груби пресметки, со ИПА III се обезбедуваат по околу 140 евра по глава на жител за граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Турција (со вкупно население – 103 милиони жители).

Сумарно, разликата од чекалницата на ЕУ до влезот во Унијата е 2.868 евра по глава на жител, односно 21,8 пати повеќе (3.006/138=21,8). Тоа значи дека, според грубите пресметки, членството во Унијата ќе донесе дополнителни 2.868 евра по глава на секој жител во земјава, односно дополнителни 5,2 милијарди евра за пет години, што е на исто ниво колку што изнесува Буџетот на нашата земја за 2023 година. Ова се средства со кои ќе можеме да имаме подобра инфраструктура, подобри услови за живот, повеќе средства за работа на нашите претпријатија и подобар животен стандард за нашите работници.  Се разбира, постојат и трошоци поврзани со адаптацијата на производството и почитувањето на ригорозните еколошки стандарди, кои и онака неминовно мора да се спроведуваат во насока на зголемена конкурентност и отпорност на нашето стопанство, кое сака да се интегрира во европскиот и глобалниот синџир на создавање вредност.

Буџетот на ЕУ,  е проценет на околу 2.000 милијарди евра за периодот 2021 – 2027 година, средства насочени кон поддршка на областите: Климатска и дигитална интеграција; Заеднички пазар и иновации; Кохезија, отпорност и заеднички вредности; Природни ресурси и околина; Миграција и управување со граничниот простор; Соседство и свет и Европска јавна администрација.

Извор: Градска

Latest Posts

Не пропуштај