Последни написи

Ковачевски: Гласавме воздржано за Резолуцијата за примирје во Газа, зашто во неа не беше споменат терористичкиот акт на Хамас од 7 октомври

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски денеска ја потврди одлуката на Северна Македонија која гласаше воздржано за Резолуцијата за итно хуманитарно примирје во Појасот Газа, донесена во петокот на Генералното собрание на Обединетите нации.

„Одлучивме да гласаме воздржано за Резолуцијата со која се повикува на итно хуманитарно примирје во Појасот Газа поради отсуството на спомнувањето на она што Хамас го направи на 7 октомври. Тоа не ни остави простор за поинаков пристап во однос на гласањето. Тоа беше став на Владата, а за тоа беше известен и амбасадорот Љубомир Фрчкоски преку Министерството за надворешни работи“,

одговори Ковачевски на новинарско прашање, поставено после заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која денеска е во посета на нашата земја – пренесе 360 степени

Фото: Принтскрин

 

Амбасадорот Љубомир Фрчковски, како што рече премиерот, бил известен за овој став на Владата преку Министерството за надворешни работи. Ковачевски посочи дека одлуката за гласање не била лесна.

Северна Македонија, според премиерот, го поддржува хуманитарниот аспект на Јорданската резолуција, почитувањето на меѓународното хуманитарно право, неопходноста на заштита на цивилите и нивен пристап на основните животни потреби, вода, струја и лекови.

„Од друга страна, голема слабост на резолуција е неспомнувањето на терористичкиот акт на Хамас од 7 октомври, кој ние веднаш најостро го осудивме, како и правото на Израел да се брани. Затоа и гласавме за канадскиот амандман на резолуцијата“, истакна Ковачевски.

Во секој случај, вели Ковачевски, треба да продолжат активностите на меѓународната заедница во, како што посочува тој, обезбедување на долгорочен мир и стабилност на Блискиот Исток.

„Погледнете ги гласањата на финалната резолуција и на канадскиот амандман кој беше поднесен со цел Резолуцијата да биде комплетна, но не беше прифатен пред финалното гласање на резолуцијата и затоа голем број држави постапија како што постапи и нашата држава. Амбасадорот Фрчкоски нормално дека ставот го добил од Министерството за надворешни работи, кое е дел од македонската влада и се работи за наш став, кој сега јасно го кажувам“,

Резолуцијата на ОН со која се повикува на итно хуманитарно примирје во Појасот Газа доби 120 гласа „за“, 14 „против“ и 45 „воздржани“.

Од нашиот регион, Словенија, БиХ и Црна Гора гласаа за резолуцијата, Хрватска беше против, додека Србија, Албанија, Македонија, Бугарија и Грција биле воздржани.

Од земјите членки на Европската Унија, воздржано гласале и Германија, Италија, Холандија…

Против оваа резолуција од Европа гласаа Австрија, Чешка, Хрватска и Унгарија.

Извор: 360 степени.мк

Latest Posts

Не пропуштај