Последни написи

Гаџовска Садек: Израелско-палестинскиот конфликт мора да има дипломатска разрешница, сѐ друго ќе ја продолжи агонијата до катастрофа

Се надевам дека порано или подоцна пушките ќе замолчат, а дипломатијата ќе треба да најде соодветно политичко решение, иако сега за сега тоа изгледа како невозможно, ни рече во разговорот за Рацин.мк колешката Офелија Гаџовска Садек, која веќе 29 години живее во Египет, акредитирана како новинар во тамошното Министерство за информации. 

Со Офелија Гаџовска Садек разговараше Мирјана Василева

Офелија Гаџовска  Садек, е наша колешка новинарка, која  живее 29 години во Каиро. Како новинар, од Египет и од поширокиот регион на Блискиот Исток, известуваше за Македонската телевизија, и за неколку други македонски емдиуми, како и за БиБиСи.

Порталот Рацин.мк, го искористи нејзиниот престој во Скопје за да разговара за сето она што го предизвика грозоморниот и свиреп напад на терористичката  палестинска група Хамас  од 7 октомври, настан што ја предизвика рекацијата на Израел  кој возврати со сета воена моќ  во Појасот Газа од каде што делува Хамас.

Офелија Гаџовска Садек
Офелија Гаџовска Садек

Сега кога најмногу  страдаат цивилите од двете страни, меѓу кои најголеми жртви се децата, и сѐ поизвесната алармантна хуманитарна катастрофа, аналитирачите се прашуваат дали  можеби Израел всушност чека засилување од своите стартешки парнери за да го зададе конечниот удар и колку е реалана заканата на Иран во Советот за безбедност дека доколку не запре израелската одмазда против палестинските милитанти Хамас во Појасот Газа, САД „нема да бидат поштедени од тој оган“.

Остануваат отворени и прашањата посредување во конфликтот на Катар и Турција и дали конечно Египет ќе го отвори едниставениот граничен премин Рафа, кон Газа, кој засега од Каиро има дозвола само за премин на хуманитарните камиони.

– Со големо внимание  го следам  најновиот развој  на воената блискоисточна криза. Таа ме затекна овде во Скопје. Имав гости од Каиро кои сакаа да ја запознаат мојата Македонија, за која што со години  многу им раскажувам. Сите  бевме тажни, впрочем како и секој на планетата, кога тој злокобен 7 октомври, ги видовме оние грозотии од видеа што Хамас ги сподели во јавноста изживаувајки се врз ираелските граѓани, додека од друга страна јавноста е сведок и за тажните сцени од постојаните воздушни  израелски бомбадирања  и големите цивилни жртви во Газа. Во моментот не се гледа крајот, а и никој не го знае одговорот  на со години немирниот Блиски Исток и израелско палестинскиот конфликт, вели во разговорот за Рацин.мк Офелија Гаџовска Садек.

Офелија Садек е акредитирана како новинар во египетското Министерство за информации за да известува за тоа што се случува во тој регион, вклучувајќи и за настаните од таканречената арапска пролет.

Ја посетила и Газа, но во помирно време. Таму вели таа, необично се чувствувала, бидејќи  енклавата, со години е изолирана и чувана и од копно и од море од Израелците.

– Во густо населен крај каде што, освен бетонски густо изградени станбени објекти, нема зелени површини, ниту имаат сопствен водовод или свој енергетски ситем, животот цвелосно зависи од помошта од надвор, а најмногу од донации и од меѓународните хуманитарни организации. Болницата којашто беше бомбардирана беше изградена со помош на донации на  верницитте на Англиканската црква од целиот свет, ни рече Офелија Гаџовска Садек.

На прашањето зошто досега единствениот граничен премин кон Газа е затворен од египетска страна, каде што за многумина е спасот кон слободата меѓу кои за нашиите петмина државјани што се затекнаа таму, Офелија Садек ни рече дека секојдневно е во контакт со в.д. амасадорката  во  нашата амасада во Египет,  Елма Атурк, која која пред некој ден со останатите амбасадори била на граничниот премин Рафа.

Според колешката Офелија Гаџовска Садек Египет се воздржува да го отвори целосно Рафа заради стравот од наплив од бегалци меѓу кои може да има и припадници на Хамас, а властите во Каиро со претседателот Абдел Фатах ал Сиси, всушност и немаат добри односи со Хамас бидејќи оваа исламистичка група која произлезе од Муслиманското братство.

Гаџовска Садек објаснува дека оваа, многу поголема исламистичка организација, има корени во Египет од пред околу сто години и беше трн во окото на бројните власти во Египет. Згора на тоа, Каиро низ историјата го сметаше Муслиманското братство за терористичка организација, како што ги смета и денес.

За сега мировната конференција што ја иницираше егепетскиот  претседател  Абдел Фатах ал Сиси, беше првиот чекор да се обнови мировниот процес кој долго време е закочен, но развојот на настаните кој од ден во ден се влошува, ја прави оваа иницијатива нереална.

За Офелија Гаџовска Садек, поаѓајки и од нејзината професија историчар, Блискиот Исток е најкомплексниот регион во светот, полн со етнички, верски, социо-економски и територијални поделби и конфликти. Овој дел од светот е зона на интерес на речиси сите западни земји.

– За мене  војната е најстрашниот изум на човекот, и се надевам дека порано или подоцна пушките ќе замолчат, а дипломатијата ќе треба да најде соодветно политичко решение, иако сега за сега тоа изгледа како невозможно, ни рече во разговорот за Рацин.мк колешката Офелија Гаџовска Садек.

Таа вели дека политичко решение на израелско-палестинскиот конфликт се бара со децении и без претерување може да се каже дека тоа е најтешкото геополитичко прашање.

– Затворањето на кризното жариште во Светата земја засекогаш ќе го промени Блискиот Исток и светот на подобро. Какво и да е тоа решение, за да биде одржливо, мора да се заснова на принципите на еднаквост и самоопределување и да води кон историско помирување на двата народа. Продолжувањето на сегашниот ќор-сокак е исто толку штетно како и секое решение кое дава доминација на  едната страна, рече нашата соговорничка Офелија Гаџовска Садек, акредитирана новинарка во Министерството за информации.

Извор: Рацин.мк

Latest Posts

Не пропуштај